Достапни линкови

Мазутот ја „замасти“ истрагата за екоцид


Аерозагадување во Скопје. Архива
Аерозагадување во Скопје. Архива

Обвинителството истражува сомневања за наместени тендери со мазут, но не и неговиот (не)квалитет. Царинската управа знаела дека фирмата РКМ се обидува да внесува сомнителен мазут. Термоцентралата Неготино каде се согорувал нема обврска за мерење на штетни емисии и не се знае што е согорено. Екологистите бараат проширување на истрагата на фирмите кои користеле штетно масло.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за местење тендери и перење пари при продажба на мазут, но не истражува „екоцид“, односно, дали увезвениот мазут сепак бил опасен за околината.

Како што објави пред две недели, под истрага се фирмата РКП и Пуцко Петрол, нивните сопственици Ратко Капушевски и Асмир Јахоски како и поранешнешни високи функционери во Државните електрани, поради сомнителен начин на набавка на мазут за Термоцентралата Неготино.

Но, во соопштението кое Обвинителството го испрати до јавноста никаде не се споменува истрага за екоцид, нешто што исто така со години ја вознемирува јавноста поради истражувањата на медиумите дека фирмата РКМ има обиди за увоз на штетно масло кое го декларира како мазут.

Ова го потврди за Радио Слободна Европа и Царинската управа која открила дека фирмата РКМ има обид за внес на енергенс кој го пријавила како мазут, но по хемиските својства не одговара на потребниот квалитет.

Во одговор за РСЕ од таму велат дека во периодот од 2021 до 2025 година во неколку наврати се вратени цистерни со мазут од граница.

„Од 2021 година испитани се 23 мостри при увоз на мазут, од коишто кај 6 се утврдени отстапувања од квалитетот и сите се вратени назад, односно цистерните со мазут не се пуштени во државата. Подетални податоци не можат да се споделат и истите се дел од истрагата што ја води Основно јавно обвинителство за организиран криминал и корупција“ се вели во одговорот на Царинската управа за РСЕ.

Сомнежите за квалитетот на мазутот на фирмата на Ратко Капушевски, РКМ, кој беше функционер во времето на поранешната влада на ВМРО ДПМНЕ на премиерот Никола Груевски, ги отворија повеќе медиуми уште пред неколку години.

Пред еден месец пак Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага за тоа како фирмата со години добивала тендери за да ги снабдува државните електрани со мазут.

Истрагата кон сопственикот на РКМ заедно со фирмата Пуцко Петрол е фокусирана кон кривичните дела „Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство и Перење пари. Од обвинителството не откриваат за колкава количина на мазут се работи.

„Во периодот на 2021 – 2023 година двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино поднеле невистинита документација. Оствариле корист од големи размери на штета на државниот буџет во вкупен износ од 167.549.985 евра“, пишува во соопштението на Обвинителството.

Од Државниот пазарен инспекторат не одговараат дали се откриени пропусти во квалитетот на мазутот иако во јавноста постоеше сомнеж дека се работи за опасно прегорено масло.

Од Регулаторната комисија за енергетика која е надлежна за давање на лиценци, велат дека и покрај тоа што пред неколку години имаше најава дека ќе биде одземена лиценцата на РКМ тоа не се случило затоа што „фирмата успеала да ги поправи недоследностите кои биле пронајдени во однос на потребните резервоари каде ќе го чува мазутот“.

Нема истрага за екоцид, нема ни расположение да се истражува

Поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска во чие време беше откриена аферата за увоз на штетно масло во интервју за РСЕ вели дека не гледа расположение кај Обвинителството да отвори дело за екоцид.

Од друга страна пак, е убедена и дека тешко би одело неговото докажување. Причина за ова е што ТЕЦ Неготино, каде се согорувало маслото од фирмата РКМ за која е потврдено дека имала обиди за внес на штетно масло, нема обврска да земе еколошка дозвола. Со ова термоцентралата не е обврзана да ги мери штетните емисии од согорувањето па со тоа нема ни доказ дека загадувала.

Сепак за неа е спорно тоа што никој не ги гони ниту оние кои набавуваат горива од истите фирми кај кои веќе се откриени недоследности во увозот.

„Тука никој не ги мерел емисиите. И они можат само да претпостават што се се согорило. За тоа што државата не најде сила да ги легализира термоцентралите, да им даде дозволи, да им даде максимално дозволени вредности на емисии и да ги следи и мери. Сите се фокусираа на фирмите казнети, увозниците, но и оние кои користеле се до некаде одговорни. Бидејќи профитот го прават и фирмите кои го купуваат ова штетно гориво“, вели Петровска.

Петровска истакнува дека прв кој треба да спречи увоз на штетно масло е царината, но дека од една страна таа нема доволно финансии и капацитети за да го проверува квалитетот на секој внес на гориво.

За сите останати параметри треба да плати акредитирана лабораторија. Пазарниот инспекторат кој исто така е надлежен за да го испитува составот на горивото Петровска вели дека од 2022 година до денес има изгубено 30 инспектори.

Според неа сега има вкупно 120 инспектори за разлика од претходно кога имало повеќе од 150, а мал дел се само за гориво и тие се фокусираат на комерцијалните горива кај кои исто така има малверзации.

„Неопходно е да се издвојат пари, наместо да се бориме со ова зло бидејќи бара многу ресурси и посветеност и разбивање на силната корупција во позадина, бидеќи ние како општество не можеме да се соочиме и справиме со корупцијата. Ако се смени горивото апсолутно ќе се решат многу работи“, вели Петровска.

Инаку во 2023 година граѓанската иницијатива за независна советничка група „Шанса за Центар“ ги мапираше сите државни институции кои согоруваат мазут. Меѓу нив имаше капацитети кои се во центрите на градовите, болници, училишта, градинки, РЕК Битола и ТЕЦ Неготино.

И покрај тоа што дури и мазутот е загадувачки дериват, уште позагадувачко е отпадното масло што се гори а кое е многу поевтино од мазутот, вели Петровска. Според неа решението е да се исклучи од употреба мазутот и да се прејде на гасификација на дел од капацитетие или пак да се воведат топлински пумпи и соларни системи. За сега ниту една институција нема евиденција колкава количина на штетно масло е внесена во Северна Македонија.

Многу декларативни заложби, малку акција

РКМ е само една од фирмите кај која беа враќани цистерни од граница пред неколку години. Во 2021 година Регулаторната комисија за енергетика објави дека дел од фирмите ќе се соочат со одземање на лиценцата ако не ги исполнат законските услови, а дел со забрана за пуштање во промет на мазут бидејќи криеле декаа наместо мазут продаваат загадувачко масло.

Меѓу нив беше кичевската компанија „Евротим“ за која Истражувачката репортерска мрежа (ИРЛ), објави дека увезувала токсично масло со потекло од Чешка а проблемот беше што производот ја напуштал Чешка како „residual“, односно масло со лош квалитет кое во ЕУ е забрането да се гори во урбани средини, а во земјава влегувало како „мазут“.

Тогаш ставот на Државниот пазарен инспекторат, беше дека ова поминало незабележано бидејќи, царината го проверува само количеството на сулфур при увоз, кој пак најчесто е во дозволени количини. Од тогаш според одговорот на царината ништо не е променето.

„При испитување на квалитетот на мазутот во царинската лабораторија се испитува нивото на сулфур. Резултатите од ваквата анализа се предмет на понатамошно постапување, што значи дека доколку се утврди ниво на сулфур кој е повисок од законски пропишаниот не се дозволува внес на стоката во државата“, велат од царина.

И од Обвинителството со години наназад најавуваа дека ги следат информациите за увоз на токсично масло наместо мазут, но до сега нема информација дали некој е гонет за ова.

Од Царината информираат дека при увозот на нафтени деривати често се прават манипулации и со тарифните ознаки, се впишуваат лажни за да се избегне плаќање на акцизата. Од 232 анализи во осумдесет случаи е утврдена неправилност велат од Царината.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG