Достапни линкови

Жешкиот костен за името е во рацете на владата на Заев


Премиерот Зоран Заев во Брисел, 12 јуни, 2017
Премиерот Зоран Заев во Брисел, 12 јуни, 2017

Факт е дека жешкиот костен овојпат е во рацете на премиерот Заев, кој со помош на меѓународната заедница мора да преземе мерки со кои ќе ги подобри евроатланските позиции на Македонија, велат аналитичарите.

Пораките од Брисел дека Македонија мора да ги спроведе реформите и да најде заедничко прифатливо решение за спорот со Грција, домашните аналитичари ги оценуваат како охрабрувачки во однос на посветеноста на владата кон евроатлантските интеграции. Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин вели дека спорот за името останува тешко прашање на патот кон нашето членство во ЕУ и НАТО, но, според него, позитивна е стратегијата на градење пријателски добрососедски односи со Грција.

„Ова е тешко прашање, кое оваа генерација политичари ќе треба да го реши, но, да не заборавиме дека другиот сет на прашања се реформите. Ние доцниме во реформите бидејќи изгубивме многу време и во европските реформи кои се убаво дефинирани во извештајот на Прибе и дел во договорот од Пржино. Затоа сега оваа влада е должна да почне дел по дел, да прави што повеќе во доменот на реформите во владеењето на правото, медиумската слобода, департизацијата на администрацијата, политичкиот систем итн.“, вели Ружин.

Во изјавите на првите луѓе на Европската Унија и НАТО, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу гледа охрабрување за тоа што евроатланските приоритети се на врвот на агендата на Владата, но истовремено и прифаќање на дел од вината со укажувањето дека секој позитивен исчекор на Македонија треба да се поздрави со конкретни мерки од ЕУ и НАТО.

„Што се однесува до НАТО мислам дека процедурата е малку побрза и сигналите кои се пуштаат ме охрабруваат дека ќе се изнајде решение, за прв пат слушаме од сите страни дека е можно евентуално решение за членство на Македонија во НАТО, ако ништо друго барем со привремената референца ПЈРМ, но со претходно сработени позитивни чекори од наша страна кои би можеле да ја убедат Грција дека посветеноста на Македонија и нејзините сериозни напори за наоѓање на решение се реални“, вели Муслиу.

Факт е дека жешкиот костен овојпат е во рацете на премиерот Заев, вели Ружин и додава дека со помош на меѓународната заедница тој мора да преземе мерки со кои ќе ги подобри евроатланските позиции на Македонија. Според Муслиу, влезот на Македонија во Алијансата под привремената референца нема да оди лесно, оти од Грција очекува да прави сè за да ја задржи предноста која во минатото ја имаше поради дневните внатрешно-политички однесувања од наша страна.

На прашањето дали Македонија може да влезе во ЕУ под привремената референца, Хан одговори дека во услови на отворање на преговори или поглавја со некоја земја, одлуката мора да биде донесена едногласно од сите земји членки и затоа мора да се најде решение за спорот со името. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пак, истакна дека тоа зависи од Македонија и Грција и дека важно е да биде взаемно прифатливо решение во рамките на ОН.

Во меѓувреме министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕиас изјави дека е рано да се зборува дали двете држави се поблиску до решение за името и најави дека утре ќе се сретне во Атина со Димитров, со кого посочи дека нема да разговараат за спорот за името, туку за методот како ќе продолжат преговорите за името.

Во изминатите години многу предлози биле ставени на маса во досегашните преговори за името. Во јавноста, пак, најмногу се спомнуваа предлозите Горна Македонија, Северна Македонија, Вардарска Македонија, Република Македонија (Скопје). Ниту еден од нив македонската Влада не го потврди со образложение дека со тоа би можело да му се наштети на преговарачкиот процес, кој се одвива зад затворени врати.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG