На својата прва официјална посета во Брисел, владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев ги убедува високите државници на ЕУ и НАТО, дека Македонија е посветена на евроатлантските интеграции и реформските приоритети на тој пат. Но, познавачите на состојбите се сомневаат дека процесот на спроведување на неопходните реформи ќе биде брз. Поранешниот државен секретар за евроинтеграции Перо Димшоски вели дека Унијата нема да отстапи од инсистирањето да се завршат сите реформски процеси.
„Потребно е сите пратеници да застанат позади тие закони, промени итн, и со една стопроцентна волја, стопроцентна одлучност на владата, со голема вештина, доколку правилни луѓе се постават да ги координираат сите тие сложени процеси, можно е за година и пол до две, Македонија да ги заврши реформите и тоа е едно оптимистичко сценарио“, вели Димшоски.
Покрај демократските реформи на политичкиот систем, владеење на правото, слобода на медиумите и сл. НАТО инсистира и на решение на спорот за името, прашање кое се провлекува како главен фактор за блокираното членство на земјава во НАТО. Министерот за надворешни работи Никола Димитров неодамна изјави дека ЕУ треба да остане искрена и директна при евалуирањето на нашите реформски и демократски процеси. Во очекување на неговата средба со грчкиот колега Никос Коѕиас, во своето последно интервју за Фајненшл Тајмс, Димитров вели:
„Ќе побарам од Грција да размисли каков вид на сосед сака – дали сакаат стабилна, пријателска земја која нуди надеж за демократија и правда? Ако сме добри соседи, тогаш се надевам дека политичките сили во Грција ќе ја искористат ова историска шанса“, изјавил Димитров во интервју за Фајненшл Тајмс.
Димшоски смета дека овие изјави се во насока на забрзување на процесот за решавање на повеќегодишниот спор.
„Од почетокот на спорот, со самата резолуција од Советот за безбедност дека ние сме подготвени да најдеме компромисно решение и оттогаш преговараме, значи дека ние сме подготвени за промена на името, и тоа не не ништо ново. Секоја Влада тоа го прави. Се обидува да најде некакво решение што нема да задира во идентитетските прашања на македонскиот народ. И сега дали Грција ќе биде во можност тоа да го разбере или и ова ќе биде една испуштена шанса, не можеме да го знаеме. Сепак јас сум оптимист и мислам дека овој спор ќе се затвори во следните две години“, изјави Димшоски.
И оваа влада уверува дека договореното име за компромис ќе биде ставено на референдум во Македонија, а претходно за него ќе се бара консензус од сите политички партии.