Грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас не го менува ставот дека Македонија ќе стане дел од НАТО само откако ќе се реши спорот за името.
Коѕиас вчера во говор во Кожани на настан организиран од неговото политичко движење „Прато“ на само три ден пред средбата со новиот македонски шеф на дипломатијата Никола Димитров индиректно порача дека грчката влада не отстапува од своите ставови и нема да потклекне под притисоци за прием на Македонија во НАТО под времената референца, како што интензивно периодов се слуша од различни политички и медиумски извори и во двете држави.
„Сега кога работите се стабилизираа повторно ќе дојдат некои (европски политичари) и ќе кажат: ‘За да ја стабилизираме дополнително државата да ја внесеме во НАТО и ЕУ?’.
Ние немаме ништо против, но треба тие да ги одржат нивните обврски, што значи дека треба да престанат со иредентизам и да направат компромис во спорот за името“, изјави Коѕиас во Кожани.
Забележа дека е рано да се зборува дали двете држави се поблиску до решение за името со новата влада во Македонија и најави дека во среда ќе се сретне во Атина со Димитров, со кого посочи дека нема да разговараат за спорот за името, туку за методот како ќе продолжат преговорите за името.
„Во среда доаѓа министерот за надворешни работи на БЈРМ за да дискутираме за тоа како можеме да ги развиеме нашите врски, имаме предлози за дополнителни мерки за градење доверба и да дискутираме за тоа како може да разговараме за спорот за името. Нема да зборуваме за името, туку ќе зборуваме за методот“, посочи Коѕиас.
Според Коѕиас, новите изјави на македонската влада кон Грција имаат пријателски тон, но од разговорите ќе се процени дали тој е суштински, или пак е само обид да се олеснат работите бидејќи македонската влада смета дека без промена на името може да влезе во меѓународните организации.
Покрај пораките за неопходни отстапки во црвените линии за уставното име и откажување од иредентизмот, Коѕиас додаде дека македонските политичари мора да ги прифатат европските вредности и да покажат култура на компромис.
Во говорот уште еднаш посочи дека Грција сака Македонија да биде стабилна и поради тоа и работи на мерки за градење на доверба со неа. Доколку Македонија не е стабилна, истакна дека некои други соседни држави би можеле да предизвикаат дополнители проблеми и дестабилизација во регионот.
Грчките медиуми и аналитичарите кои го следат спорот за името подолго време предупредуваат дека се извесни нови притисоци врз грчката влада за да се измени одлуката од НАТО самитот во Букурешт во 2008 и Македонија да стане дел од НАТО. Меѓутоа, според грчките аналитичари под знак прашалник е колку грчката влада е подготвена за оваа ситуација и колку е во можност да направи отстапка ако се земе предвид фактот дека дел од владата на Алексис Ципрас е и десничарската Независни Грци, која стои на ставот дека Македонија е само грчка и името не смее да и се отстапи на Република Македонија.