Речиси девет години по неуспешниот обид Македонија да стане членка на НАТО алијансата, државата изгледа се понезаинтересирано, а спласнува и ентузијазмот на граѓаните, оценуваат аналитичарите. Дополнително, кај дел од нив забуна внесува и се почестото втурнување во коментари од официјална Москва, нешто што досега не беше случај и кокетирањето на некои партии со оваа светска сила, чиј интерес според упатените е Балканот да не се интергира во алијансата.
Посетата на шефот на НАТО Јенс Столтенберг на Балканот не е случајна, оценува поранешниот министерот одбрана Фатмир Бесими. Според него, најважни се неговите пораки дека НАТО останува на Балканот со јасна цел, одржување на стабилноста и развој на демократските вредности на регионот.
Гоце Атанасов
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за време на посетите на Босна и Херцеговина и на Косово изјави дека Алијансата веќе две децении прави се за смирување на тензиите и за избегнување на секоја ескалација во регионот. Според Столтенберг, таа е причината зошто НАТО продолжува да биде тука.
„Пораката до сите земји во регионот е дека најдобар начин да се избегнат нови конфликти е да продолжи јакнењето на партнерството со НАТО“, рече тој по состанокот во Сараево со членовите на претседателството на Босна и Херцеговина, додавајќи: „НАТО никогаш не присилувал ниту една земја да стапи во Алијансата. На Босна и Херцеговина е да реши дали сака да стане членка“.
Тој притоа спомна дека НАТО ги следи извештаите за зголеменото влијание на Русија врз Западен Балкан, посебно пред минатогодишните парламентарни избори во Црна Гора.
„Тоа внимателно го следиме и работиме со нашите партнери да ги засилиме нивните разузнавачки капацитети. Работиме на тоа со другите сојузници во регионот, вклучувајќи ја Црна Гора која наскоро ќе стане полноправна членка на НАТО, да ги зацврстиме нејзините одбранбени институции, но и разузнавачки служби“.
Според Столтенберг, најдобар начин да се зголеми отпорноста на какво и да е странско влијание и интервенција е да се обезбедат демократски институции во земјите на Западен Балкан, тие да се модернизираат, да постои владеењето на правото, како и борбата против корупцијата. Овие пораки генералниот секретар на НАТО ги повтори и во Приштина. Тој притоа оцени дека подгревањето на атмосферата на страв не придонесува кон развојот на тие институции.
„Стабилноста на Западен Балкан е од клучна важност за НАТО и КФОР останува приоритет за Алијансата, бидејќи сигурноста и стабилноста во овој регион се важни за стабилноста и сигурноста на цела Европа“.
Столтенберг додаде дека КФОР со 4 ипол илјади припадници ќе остане на Косово колку што ќе биде потребно, во согласност со мандатот на Обединетите нации, и тоа како трет во спрегата за евентуално реагирање по косовската полиција и Еулекс.
Посетата на Столтенберг е позитивен сигнал
На посетата на Столтенберг треба да се гледа како на позитивен сигнал за регионот оценува Бесими кој беше министер за одбрана од 2011 до 2013 година. Во неа тој препознава јасна цел и сериозен интерес за Западниот Балкан.
„Не е случајно што во овој период се реализираше и посетата на Столтенберг во Приштина и во Сараево. Тој и во двете земји упати јасна порака за стабилноста, улогата што НАТО ја игра преку КФОР во Косово, како и во однос на стабилноста на Босна “ вели Бесими.
И безбедносниот аналитичар Благоја Марковски од Балкански форум за безбедност смета дека НАТО е сериозно заинтересиран земјите од регионот што поскоро и квалитетно да ги извршат подготовките и да станат дел од Алијансата.
„Тоа е општа заинтересираност на НАТО структурите од аспект на тоа што Западен Балкан со нечленството на Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Македонија преставува една црна точка во регионот кој е обиколен со земји членки на НАТО и од тој аспект таа приказна НАТО структурите сакаат да ја заокружат“, вели Марковски.
Но без разлика на декларативните заложби на земјите од регионот сите се на различно ниво на спремност за зачленување додава тој.
„Од тој аспект Република Македонија својот врв на подготвеноста го имаше во 2008 година“ вели Марковски.
Самитот во Букурешт - пресвртна точка
Ако се разгледаат изјавите на македонските владини претставници очекувањата во минатото биле многу амбициозни. На пример во 2004 година кога алијансата се прошири со седум нови земји, доближувајќи се до границите со Русија, очекувањата на владата во Скопје биле дека Македонија ќе стане членка до 2007 година. Но една година подоцна, на самитот на НАТО во Букурешт стигна и првото разочарување кое според дел аналитичари придонесе целата приказна со атланската интеграција да падне во втор план. Дотогаш и фактички и реално односно и амбициите и подготовките беа сериозни оценува Марковски.
„За жал од тогаш до денес иако Македонија останува стратегиски на принципите за зачленување во алијансата, сепак не направи никакви посериозни чекори да го подобри својот статус во смисла на тоа да има што е можно поквалитетни подготовки“ вели Марковски.
Ветувањата пред девет години,пак, беа поинакви. Македонија нема да дигне раце од реформите и со уште поголеми напори ќе работи на прогрес, изјави тогашниот премиер Никола Груевски на трети април 2008 година, од како Грција го блокираше влегувањето на земјава во НАТО поради нерешениот спор за името.
Тогашниот претседател на државата Бранко Црвенковски пак нагласи дека чувството на разочараност и неправичност не смее да не' измести од основниот курс и од остварувањето на стратегиските определби.
„Не смее да не' парализира во овој период, туку, напротив, треба до максимум да се искористи целокупниот државен потенцијал и капацитет во Македонија“, изјави Црвенковски.
Тој ентузијазам не го гледаме веќе во јавноста, оценува Бесими кој нагласува дека тогаш имаше два битни елементи-напредок и препорака.
„Но тоа не е прашање што треба да се базира само на ентузијазмот. Членството на Македонија во НАТО е нешто што е важно и потребно, тоа е важно за стабилноста на земјата и нејзиниот развој и напредок “вели Бесими.
Македонија назадува
И ако во 2008 година земјите членки на НАТО на самитот во Букурешт ја признаа тешката работа и реформите демонстрирани од страна на Македонија, а нагласија дека поканата ќе дојде веднаш штом ќе се најде заеднички прифатливо решение за името на државата, сега веќе листата на забелешки се зголемува.
До 2014 година, односно до самитот на НАТО во Кардиф, членките на маргините на состаноците се повикуваа на заклучоците од Букурешт посочувајќи на проблемот за името, а сега се наведуваат и други работи.
Минатото лето на самиот во Варшава во завршната декларација наведоа дека политичката криза ја оддалечува Македонија од НАТО.
“Со оглед на загриженоста во врска со политичките случувања во Македонија, кои ја оддалечија земјата далеку од вредностите на НАТО, ги повикуваме сите политички лидери во земјата целосно да ги имплементираат своите обврски од договорот од Пржино, како рамка за одржливо решение на политичката криза. Признавајќи ги првичните чекори кон имплементација, го обновуваме нашиот повик до сите страни да се вклучат во ефикасен демократски дијалог и да се создадат услови за веродостојни избори, зајакнување на владеењето на правото, слобода на медиумите и независноста на судството. Алијансата порачува дека ќе продолжи внимателно да го следи напредокот во овие области, кои ги одразуваат основните вредности на НАТО”, се наведува во заклучоците на НАТО од јули 2016 година.
На ниво на Министерството за одбрана се чини дека континуирано се работи на членство на земјава во НАТО и секоја години се поминуваат акциските планови за зачленување, односно таканаречениот МАП вели Исмет Рамадани од Евроатланскиот совет. Тоа што загрижува, додава Рамадани е што последниот 17 план кој требаше да биде затворен во 2016 година, се уште не е.
„Тоа значи дека констатациите и во седиштето и структурите на НАТО се дека полека и сигурно назадуваме во исполнување на тие услови што нормално се поврзува и со политичката криза“ вели Рамадани.
Русија го зголемува влијанието
Дел од македонската јавност деновиве е зачудена од зголемениот интерес за Македонија која до пред неколку години се чинеше целосно не интересна за официјална Москва. Па така не само рускиот амбасадор кој претходно имаше само официјални средби со македонските политички субјекти а сега се сретнува и коментира внатрешни прашања туку стигнуваат и ставови на руското министерство за надворешни работи.
Стравувања за засилувања на руското влијание на Балканот изразуваат и првите луѓе на НАТО.Генералниот секретар Столтенберг лани по еден од состаноците на министрите за надворешни работи на земјите-членки рече дека Црна Гора напредува но дека се забележува слабеење на напредокот околу интеграцијата во НАТО и назадување во реформските процеси.
Прашан дали на состанокот било разговарано за влијанието на Русија во земјите од Западен Балкан и дали има некакви заклучоци, тој одговори дека е забележано зголемено влијание на Москва во овој регион, но оти НАТО не планира да се конфронтира со Русија и да одговара на пропагандата со пропаганда.
„Гледаме се почест и поактивен интерес од страна на Русија.Во последните години, по случувањата во Украина во 2014 година, таа соработка што се одвиваше меѓу НАТО и Русија се суспендира и има се пополаризирана состојба меѓу овие две два блока. Ако знаеме дека НАТО е присутен во регионот изјавите на Русија стануваат се поактуелни“ оценува Бесими.
Во Македонија се создава простор за влијание на руската надворешна политика која и јавно е против интегрирање на земјите од регионот во НАТО, смета Рамадани, додавајќи дека и за тоа наоѓа истомисленици кај нас.
„Сега за сега, таквото влијание се уште е слабо, затоа што ние сепак сме далеку отидени во однос на тие реформи и во соработка со НАТО учествуваме во многу мисии“ вели Рамадани.
Декларативно пак сите поголеми партии во земјава се за зачленување на Македонија во НАТО и Европската унија. Но според упатените не секогаш тоа може да се види во реалноста па Рамадани забележува на контунираното кратење на буџетот за Министерството за одбрана.
„Барањето е два отсто од нацоналниот буџет да биде за НАТО, а ние сме некаде околу еден, можеби сега сме и под еден отсто што е еден од важните критериуми во однос на реформите и за да одговориве истовремено и во однос на реформите што се случуваат и во самото НАТО“ вели Рамадани.
Според Марковски пак стратегискиот приоритет на земјава веќе е изместен зошто како што вели тоа што декларативно се прави во праксата не се покажува.
„Ние ништо не правиме за да ги достигнеме стандардите на НАТО и на тој начин да се приближиме до членството во НАТО“ вели Марковски.
Инаку Македонија тргна на патот кон зачленување во НАТО пред 25 години. Во 1993 година Собранието донесе одлука за зачленување на земјава во алијансата а во 1995 година го потпиша т.н. Партнерството за мир. Во 1999 година, пак, стана дел од Акциониот план за членство, со кој најдиректно почна исполнувањето на условите за зачленување. Во меѓувреме паѓа и и ентузијазмот кај граѓаните. Ако во 2008 година кога влегувањето на земјата во алијансата го очекуваа сите поддршката за зачленувањето спорд ИРИ беше 92 отсто, лани според истиот институт таа изнесуваше 73 отсто.