Достапни линкови

НАТО останува меѓу Грција и Турција во Егејско Море


НАТО ќе продолжи да и помага на ЕУ со мигрантите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:48 0:00

НАТО ќе продолжи да и помага на ЕУ со мигрантите

НАТО ќе обезбеди поморска и воздушна поддршка на мисијата на Европската унија околу мигрантите во близина на брегот на Либија. НАТО исто така ќе го продолжи своето присуство во Егејското Море и покрај барањето на Турција за завршување на таа мисија за справување со илегалното минување на мигрантите.

Европската унија ја лансираше својата операција „Софија“ во 2015 година како одговор на мигрантската криза.

Нејзина задача е прекинување на мрежите на трговија со луѓе и уништување на чамците на шверцерите.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, по состанокот на министрите за одбрана на Алијансата во Брисел, соопшти:

„Во рок од две недели, бродовите и авионите на НАТО ќе бидат во централниот дел на Медитеранот, подготвени да ја помогнат операцијата „Софија“ на ЕУ“, рече тој.

На првиот ден од состанокот министерот за одбрана на Турција, Фикри Исик, им порачал на неговите колеги дека Анкара не гледа потреба од продолжување на мисијата на НАТО против мигрантите на Егејско Море по крајот на декември.

Сепак, како што изјави Столтенберг, министрите решија НАТО и натаму да остане таму.

Состанок на министрите за одбрана на НАТО, Брисел, 27.10.2016.
Состанок на министрите за одбрана на НАТО, Брисел, 27.10.2016.

Германија и Британија, со поддршка на САД, се на став дека патролирањето на бродови на НАТО во водите помеѓу историските ривали Грција и Турција е добар начин за спроведување надоговорот на ЕУ со Турција за запирање на бранот мигранти.

Бродови на НАТО спроведуваат извидувачка мисија како поддршка на турската и грчката крајбрежна стража како и на граничната агенција на Европската унија, Фронтекс.

Евентуалниот крај на мисијата на НАТО воспоставена во февруари годинава, повторно ќе го вклучи алармот на Европската унија, која се соочува со најголемата бегалска криза од крајот на Втората светска војна, поттикната од пет ипол годишната војна во Сирија при што се раселени околу 11 милиони луѓе.

Столтенберг, исто така оцени дека присуството на Алијансата во тоа подрачје обезбедува, како што рече, „важна политичка платформа“.

„Мислам дека е важно да се разбере дека присуството на НАТО во Егејското Море, додава вредност, бидејќи тоа е платформа за зајакната соработка меѓу НАТО сојузник кој не е член на ЕУ, Турција и Грција и за подобрување на соработката меѓу Турција и Европската унија“, рече тој.

Меѓутоа, дипломатски извори велат дека Турција не е задоволна од тоа што бродови на НАТО се во водите за кои постои долгорочен спор меѓу Турција и Грција и е загрижена дека Грција со тоа би можела да добие превласт во спорот за групата острови во Егејското Море.

Како и да е, договорот со Турција за задржување на мигрантите останува во сила.

Според извештајот на Европската комисија во септември, само 85 луѓе пристигнувале на грчкото крајбрежје секој ден, во споредба со над 10.000 дневно во октомври минатата година.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG