На состанокот во Брисел, генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг изјави дека сериозно се разгледува можноста НАТО да утврдува како шверцерите на луѓе оперираат на Егејско Море.
Според предложената мисија, НАТО ќе собира информации за шверцерите кои потоа ќе им бидат проследувани на турските и грчките власти.
НАТО сојузниците веќе имаат бродови во источниот Медитеран, како дел од напорите да се поткрепи воздушната одбрана на Турција од проектили од Сирија и од руските повреди на турскиот воздушен простор.
Германската министерка за одбрана Урсула вон дер Лејен изјави дека нејзината земја ќе учествува во мисијата против шверцерите на луѓе, со оглед на тоа што голем дел од луѓето кои доаѓаат во Германија тоа го прават со помош на шверцери во Турција.
НАТО сојузниците веќе имаат бродови во источниот Медитеран, како дел од напорите да се поткрепи воздушната одбрана на Турција од проектили од Сирија и од руските повреди на турскиот воздушен простор.
„Затоа е добро што Турција побара од НАТО да го засили поморското набљудување во регионот на Егејско Море. Целта е да им се попречи и да им се оневозможи на шверцерите да вршат илегален трансфер на луѓе“, вели вон дер Лејен.
Оваа идеја од првин беше отфрлена од еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос, кој наведе дека НАТО постои и има одбранбена улога само во случај на опасност.
„Дали гледате некаква опасност тука. Ние треба да се справуваме со човечки суштества“, им изјави Аврамопулос на новинарите во Брисел.
Сепак, подоцна извори од германската влада соопштија дека грчките власти биле уверени да го поддржат предлогот на Турција.
Италијанската крајбрежна стража која патролира во грчките води како дел од мисијата на Европската унија за спасување, соопшти дека деновиве спасила стотина луѓе, главно Сиријци.
Меѓу нив имало и шверцери кои веднаш им биле предадени на грчките полицајци.
Во меѓувреме, Грција се обидува да најде начини како да смести рекорден број мигранти што би останале таму доколку земјите по должината на балканската рута почнат да го блокираат нивното преминување.
Грчкиот министер задолжен за миграциски прашања Јанис Музалас за грчката телевизија Мега изјави дека очекува еднострани потези од Македонија и од другите земји, што би предизвикало десетици илјади мигранти и бегалци кои се обидуваат да стигнат во Австрија и Германија да останат во Грција.
Повеќето од земјите на оваа рута се опремени за краток престој на мигрантите, што ги ограничува нивните можности за подолготраен престој.
Европската унија ги предупреди земјите на Балканот да нe преземаат еднострана акција.
Европската комисија оцени дека зголемувањето на граничните контроли ќе ги поткопа напорите што се преземени за ублажување на мигрантскиот притисок.