Во бегалскиот камп „Винојуг“ на македонско – грчката граница деновиве е мирно и службите за безбедност и невладините организации се обидуваат на бегалците да им ги овозможат сите потреби. Жени, деца, млади и возрасни бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан секојдневно добиваат медицинска помош, храна, топла облека и се подготвуваат да продолжат на својот пат кон Западна Европа.
Доаѓам од Сирија и одам во Германија. Во Сирија има премногу проблеми. Нема храна, нема ништо, се е разрушено. Многу е скап зеленчукот, месото, сирењето, нема леб, нема обувки.Касим Масуд, бегалец од Сирија.
„Ситуацијата во кампот е мирна и имаме околу 700 мигранти кои ќе седат најверојатно до вечерните часови. Тие се згрижени од наша страна со храна, медицинска помош, ќебиња и сите останати потреби кои ги имаат. Деновиве имаме ситуација каде што бегалците се задржуваат определен временски период во кампот и потоа го продолжуваат своето патување“, вели Кристијан Илов од Црвен крст Скопје.
Во кампот најбројни се бегалците од Сирија кои велат дека сакаат што е можно побрзо да стигнат до Германија, бидејќи животот во нивната земја во последниве години бил многу тежок.
„Доаѓам од Сирија и одам во Германија. Во Сирија има премногу проблеми. Нема храна, нема ништо, се е разрушено. Многу е скап зеленчукот, месото, сирењето, нема леб, нема обувки“, вели Касим Масуд.
„Мојата земја е Сирија и дојдов тука за да продолжам кон Германија, бидејќи Башар ал – Асад е магаре. Путин исто така не е добар. Тие се сите заедно: Русија, Иран, Сирија и не се добри. Секоја минута паѓаат бомби“, вели човек претставувајќи се како доктор Антар.
„Јас сум Хусан Самара, доаѓам од Сирија, од Дамаск и одам во Германија, бидејќи во Сирија има бомбардирање.“
Бегалците се загрижени бидејќи во изминативе денови не можат веднаш да ја напуштат Македонија поради штрајкот на таксистите во Гевгелија. Таксистите ја блокираат железничката пруга, а бегалците се плашат дека ќе им помине дозволениот престој од 72 часа. Протестот е поради нивното незадоволство од одлуката на надлежните да му дадат приоритет на железничкиот превоз за бегалците, а потоа на автобускиот и на такси превозот. Волонтерите од невладините организации велат дека протестот е проблем за кампот, бидејќи дел од бегалците не можат да заминат, а кога тие повеќе го користат такси превозот, службите се соочуваат со тешкотии при контролирањето на луѓето. Таксистите бараат да бидат определени денови кога тие ќе ги превезуваат мигрантите.
Во однос на вестите дека околните села во Гевгелија се преполни со мигранти кои нелегално ја преминале границата, и службите за безбедност и волонтерите велат ситуацијата не е таква и дека можно е да има бегалци во селата, но во многу помал број. Сепак тие велат дека во случаите кога има застој, криумчарите ја користат таквата ситуација.
На грчката териоторија според проценките на безбедносните служби на Котата 59, во вчерашниот ден имаше од две до три илјади бегалци кои чекаат влез во Македонија. Тие велат се во контакт со нивните колеги од грчката полиција и дека работат на тоа да не влезат наеднаш голем број на бегалци во Македонија. Тие посочуваат дека е тешко за нелегалните мигранти да ја поминат заштитната ограда која е висока повеќе од два и пол метри, и која е обезбедена со полиција и со камери.