Достапни линкови

Грција се соочува со изолирање од ЕУ


ЕУ пред изолирање на Грција
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:02 0:00

ЕУ пред изолирање на Грција

Земјите членки на Европската унија презедоа чекори за изолирање на Грција, огорчени поради тоа што Атина не успева да го намали бранот мигранти на нејзините острови на Егејско Море. И покрај лошите временски услови скоро секојдневно над две илјади луѓе пристигнуваат во Грција.

Атина е под притисок да ги регистрира и да ги задржи сите оние што доаѓаат во Грција.

Неколку земји членки на Унијата веќе најавија дека би можело да ја изолираат Грција со тоа што ќе ги затворат нејзините граници со цел бегалците и мигрантите да останат таму.

„Членките на Европската унија дадоа јасен сигнал дека доколку Грција не може да го стопира бранот, ќе и помогнат на Македонија подобро да ја затвори нејзината граница за да го забави движењето на мигрантите во другите европски земји“, изјави холандскиот државен секретар Клас Дијкхоф на прес конференција во Амстердам, додавајќи:

Членките на Европската унија дадоа јасен сигнал дека доколку Грција не може да го стопира бранот, ќе и помогнат на Македонија подобро да ја затвори нејзината граница за да го забави движењето на мигрантите во другите европски земји.
Клас Дијкхоф, холандски државен секретар.

„Во моментов, привремените мерки на границите може да бидат преземени само на ограничен период од шест месеци. Но, невидениот прилив на баратели на азил, кои ги принуди земјите членки да ги преземат овие мерки на национално ниво, се уште не се намалени“, рече тој.

Според правилата од Шенген, привремените гранични контроли можат да бидат продолжувани до две години.

Грчкиот министер за имиграција Јоанис Музалас, признавајќи дека неговата земја тешко се справува со бранот бегалци, ги обвини членките на Унијата поради тоа што не успеале да обезбедат доволно персонал и чамци за да патролираат околу островите на Егејско Море кои се на само неколку километри од турскиот брег.

Тој исто така изјави дека Унијата не направила ништо во врска со разместувањето на мигрантите.

Според Музалас, Атина барала илјада и осумстотини припадници на Фронтекс, но добила само осумстотини. Од побараните 28 чамци, Грција добила само шест, рече тој.

Пред неколку денови претседателот на Европскиот совет Доналд Туск предупреди дека европската зона на слободно движење без пасоши, позната како Шенген зона, би можела да се распадне доколку за два месеца не биде постигната заедничка стратегија за справување со мигрантскиот и бегалскиот бран.

Во меѓувреме во Брисел, министрите за надворешни работи и за миграција на Данска се обидоа да ги намалат тензиите околу плановите на владата да им го одзема она што го поседуваат барателите на азил како надомест за обезбедената храна и сместување.

Според планот, на луѓето ќе им биде дозволено да задржат само илјада и триста евра. Сето друго вредно или пари во готово ќе им биде одземано.

„Оние што сами можат да се справуваат не би требало да имаат и помош од државата“, рече министерот за миграција Ингер Стоејберг. Овој план е критикуван од организациите за човекови права.

Еврокомесарот Франс Тимерманс деновиве пак, изјави дека 60 насто од луѓето кои влегле во Европа не се од земји кои имаат право на азил и оти ваквите „економски мигранти“ би требало што поскоро да се бидат вратени дома за да се намали притисокот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG