Мирна атмосфера и зголемена полициска присутност со мешани меѓународни патроли. Вака изгледаат прифатните центри за бегалците во Македонија. Во текот на вчерашниот ден околку три илјади бегалци транзитирале низ земјава. На грчка страна, пак, на јужната граница атмосферата се вжештува. Грчките волонтери на социјалните мрежи пишуваат дека во Поликастро се заглавени околу 60 автобуси со мигранти и бегалци кои сакаат да се упатат кон Кота 59 и да влезат во Македонија, а во кампот во Идомени ноќта ја поминале околу шест илјади бегалци.
На пример, ако треба да останат една до две, три вечери, ако се случи поради промена на политиката, или поради проблеми на границата, или проблеми со транспортот па луѓето имаат потреба да останат подолго време, ние не сме подготвени.Мохамад Ариф, претставник на УНХЦР во Скопје.
„Бидејќи најверојатно не треба да процесираат повеќе од три илјади на 24 часа и затоа се прави гужва на грчката страна, голем дел од бегалците се држат на бензинската станица во Поликрастро за да не се случи некој инцидент на граница со Македонија“ , вели Јасмин Реџепи од невладината организација Легис.
Во Гевгелија повторно се воспостави ред во транспортот на бегалците по завршувањето на протестот на такси возачите, велат активистите од терен
„Од друга страна го имаме и моментот со оние што се враќаат од Србија, Словенија и Хрватска и околу 60 луѓе беа вратени на наша територија и два дена подоцна беа вратени на грчка територија, станува збор за тоа дека земјите транзит ги враќаат назад бегалците коишто немаат право да влезат во ЕУ од земјата од каде што дошле“, вели Реџепи.
Претставникот на УНХЦР во Скопје Мохамад Ариф во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе се објави во целост в недела, вели дека бројот на бегалци кои што транзитираат низ земјава е намален, во просек дневно минуваат околу две илјади луѓе. Тој вели дека не може да даде прогноза за каков ќе биде приливот на бегалци во следниот период, оти од ден на ден работите се менуваат. Но додава дека е неопходно Македонија да се подготви за сите можни сценарија кои би вклучиле и можно подолго задржување на бегалците во земјава.
„На пример, ако треба да останат една до две, три вечери, ако се случи поради промена на политиката, или поради проблеми на границата, или проблеми со транспортот па луѓето имаат потреба да останат подолго време, ние не сме подготвени. Тоа е предизвикот, затоа што во нашите центри што ги имаме сега се оспособени само за кус транзитен престој. Ако, по некоја случајност, од една или друга причина, бегалците треба да останат подолго, како што реков на два, три или четири дена, тогаш ќе имаме предизвик и заедно со Владата на чело, ќе имаме тешка ситуација за справување и тука мислам дека ние имаме недостаток и дека ние треба да го имаме на ум тоа дека треба да имаме објекти во случај да се случи нешто и доколку овие луѓе имаат потреба да останат подолго време. “
Тој смета дека Македонија не е е подготвена да прими неколку илјади бегалци, според европскиот договор од 17 точки во кој стои дека во земјите од западнобалканската рута треба да примат голем број на бегалци.
„Да, јас би рекол дека, како што спомнав претходно, дека објектите и инфраструктурата што се изградени во оваа земја е исклучиво за кус престој од најмногу шест часа. Покрај тоа, за подолг престој, колку што јас знам нема подготовки, значи ние имаме само услови за краток престој во двата прифатни центри во Винојуг и Табановце за две илјади луѓе, за максимум 6 часа или нешто повеќе. Но повторно, овие два центра не се изградени со идеја да останат луѓе преку ноќ, две или три ноќи, не, овие места се само за краток престој при транзит. “
Ариф вели дека во изминатиот период условите во кои кои се примаат бегалците во прифатните центри се подобрени.