Достапни линкови

САД остануваат посветени на НАТО


Матис: САД остануваат посветени на НАТО
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:06 0:00

Матис: САД остануваат посветени на НАТО

Новиот американски секретар за одбрана Џејмс Матис на првиот ден на таа функција им гарантира на европските сојузници дека САД остануваат со, како што рекол, „непоколеблива“ посветеност кон НАТО. Претседателот Доналд Трамп во кампањата, но и по изборите изрази сомневање во вредноста на НАТО.

Пентагон соопшти дека Матис телефонски разговарал со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во врска со зачестените изјави на претседателот Доналд Трамп дека тој верува оти Алијансата била застарена.

„Двајцата лидери дискутираа за важноста од нашите вредности и секретарот истакна дека кога Соединетите држави бараат сојузници во помошта за одбрана на тие вредности, секогаш почнуваат со Европа“, изјави портпаролот на Пентагон Џеф Дејвис.

Тој додаде дека двајцата договориле консултации во наредните месеци, како и директна средба за време на министерскиот состанок на

Алијансата во идниот месец. Портпаролот Дејвис потенцира дека Матис, кој порано беше командант во НАТО, ја потенцира важноста на Алијансата и тоа на првиот работен ден откако ја презеде таа функција.

И покрај сомневањата на претседателот Трамп повеќето од главните членови на неговиот кабинет, вклучувајќи го и Матис, ја истакнуваа важноста на НАТО. Матис тоа го стори и за време на неговото сведочење пред ресорниот сенатски комитет.

„НАТО од моја перспектива, своевремено служев како врховен сојузнички командант, е најуспешен воен сојуз веројатно во историјата на модерниот свет, можеби и засекогаш“.

Според Матис, земјите со сојузници напредуваат, додека другите не. Затоа, тој смета дека е неопходно САД да одржуваат најсилни можни односи со НАТО.

Американскиот секретар за одбрана Матис освен со генералниот секретар на Алијансата Столтенберг телефонски разговарал и со британскиот министер за одбрана Мајкл Фалон.

Притоа, како што изјави портпаролот Дејвис, секретарот Матис истакнал дека Соединетите држави и Британија секогаш ќе имаат блиски односи кои, како што оценил, се „темел за американската безбедност“.

Во меѓувреме, американскиот Сенат го потврди изборот на претседателот Доналд Трамп шеф на ЦИА да биде поранешниот конгресмен Мајк Помпео.

Во исто време сенатскиот Комитет за надворешни односи го одбри неговиот избор екс шефот на „Ексон“ Рекс Тилерсон да биде идниот американски државен секретар.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG