Достапни линкови

Владата во акција за придобивање сојузници кон ЕУ


Архивска фотографија - седница на владата на Република Македонија
Архивска фотографија - седница на владата на Република Македонија

Новата влада почна со приближувањето кон евроатланските интеграции преку подобрување на добрососедските односи со Грција и со Бугарија. Упатените сугерираат дека треба да се градат и коалиции со други битни земји во унијата.

Приближувањето кон почеток на преговори за зачленување во Европската унија треба да се одвива на неколку траси, преку соседите, но и со засилување на соработката со други европски земји, сугерираат упатените за тоа што треба да се направи на надворешно политички план.

Според Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика, новата влада почна со подобрување на односите со соседите, Грција и Бугарија, но она кон што треба да се стреми е градење коалиција со неколку клучни земји-членки на унијата. Од нив би требало да се очекува, додава таа, погласно да го поддржат почетокот на преговорите на Македонија за зачленување во ЕУ.

„Тука пред се мислам дека на краток рок би требало да се работи со земји како што е Германија, која е една од клучните носители на одлуки. Воедно треба паралелно да се работи и со земји кои имаат поголем интерес во регионот и за Балканот, а меѓу нив спаѓаат Италија и Австрија“, вели Кацарска.

Таквата коалиција на земји-членки на унијата, додава таа, би помогнала и во однос на решавањето на проблемот за името со Грција.

„Германија поради специфичниот однос што го има со Грција поради должничката криза не верувам дека сама може да ги турка тие работи, односно дека нема таков интерес да отвора уште едно бојно поле со Грција, меѓутоа ако постои коалиција на земји членки, би било доста поповолно за нашата позиција“, вели Кацарска.

Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, владата треба да продолжи со интензивни активности особено за добрососедските односи и конкретно со Бугарија и со Грција за да се искористи позитивната енергија која ја имаат и меѓународните партнери.

За него очекувани се нападите во дел од опозициската јавност која веќе ја обвинува владата на Заев за наштетување на националните интереси во разговорите со официјална Атина и Софија.

„Мислам дека и тие напади што се случуваат се општи напади без конкретни забелешки каде се тие спорни моменти и наштетувања на националните интереси и не очекувам дека таквите напади би можело да ја изместат евентуално агендата на новата влада“, вели Муслиу.

Премиерот Зоран Заев на брифинг со новинарите во Софија, каде што престојува во дводневна посета, рече дека очекува отстранувањето на условената препорака на есен годинава и добивање датум за почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ во 2018 година. Во програмата на владата што ја предводи, пак, се наведува дека „станува јасно дека интеграциите, развојот и безбедноста на државата силно зависат од добрите и продуктивни односи со соседите и дека владата ќе наметне нова динамика во односите кон своите соседи, ќе инсистира на конструктивна соработка во сите сфери на билатерален и на регионален план.

Политичките приоритети, се наведува во програмата, ќе се потпрат врз препораките од Извештајот на Прибе, како и итните приоритети дефинирани од Европската унија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG