Достапни линкови

Договорот со Бугарија на Илинден


Софија - Премиерот Зоран Заев се сретна со неговиот бугарски колега Бојко Борисов, 20.06.2017.
Софија - Премиерот Зоран Заев се сретна со неговиот бугарски колега Бојко Борисов, 20.06.2017.

Од догороворот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија остана да се договори мал детал и тој би можел да биде потпишан на Илинден, најавија премиерите на двете земји Зоран Заев и Бојко Борисов. По средбата во Софија тие зборуваа за заедничката европска иднина.

Затворање на поглавјето на национализмот и омразата и историски момент. Со овие зборови премиерот Зоран Заев ја опиша својата прва посета на Бугарија, втора во странство откако ја презема државната функција.

По средбата со неговиот бугарски колега Бојко Борисов, Заев рече дека од договорот за добрососедство со Бугарија останал само еден мал детал кој се очекува да го договорат до 2 август, кога во Македонија двете државни делегации заеднички ќе го чествуваат Илинден.

„Се работи навистина за мали детали кои стручно службите ќе ги затворат, повеќе нема да има комисии за преговори, ќе преговараат министрите за надворешни работи со своите кабинети за да го усогласат тоа малку што остана за да можеме до Илинден при возвратната посета на Борисов и неговиот кабинет да го потпишеме“, рече Заев.

Деталите се важни, не за денес, туку за идните поколенија, рече бугарскиот премиер Борисов кој нагласи и дека затворањето на отворените прашања е добро и за Брисел, но и, како што рече, за нашите граѓани.

„Убеден сум дека ако се сосредоточиме врз инфраструктурни објекти, за десет години и Балканот и другите земји ќе се поинакви. За договорот сме многу блиску. Станува збор за термини кои сакаме да бидат напишани, за да нема никакви дискусии и можности за претензии од една или другата страна“, рече Борисов.

Премиерите договориле Софија да добие улица по името на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, а Македонија по поранешниот бугарски претседател Жељу Жељев. Двајцата придонесоа многу за односите меѓу двете земји, рече Борисов и најави заедничка посета со Заев и на споменикот на Цар Самоил во бугарскиот главен град.

Не може да се очекува преку ноќ да се надмине недовербата меѓу двете земји, но ова се први чекори за релаксирање на атмосферата, коментира Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки.

„Што побрзо се нормализираат односите со нашите соседи кои се членки на евроатланските структури, толку побрзо Македонија ќе ги откочи закочените процеси во интеграции“, вели Гаџовски.

Инаку првата посета на Заев од кога стана премиер беше на Брисел. Министерот за надворешни работи Никола Димитров, пак, минатата недела замина во Атина, а според зборовите на Борисов и самиот Заев му најавил дека откога ќе стане премиер веднаш по европската престолнина ќе ја посети Софија.

На ваквата агенда на новата македонска влада се гледа како на обид преку подобрување на односите со соседите да се доближи до Европската унија. Порака од Борисов е дека тие се за единствена Македонија и за нејзино членство во НАТО и ЕУ, а дека патот кон нив минува низ внатрешно-политичка стабилност.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG