Спорните прашања што остануваат за да се потпише Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија се јазикот на документот и настојувањето на Софија за гаранции дека Уставот на Македонија не е основа за мешање во внатрешните работи на Бугарија. Ова, непосредно пред изборите во Македонија, во ноември 2016 година го прецизираше бугарскиот претседател Румен Радев. И македонскиот шеф на државата Ѓорге Иванов, кој тогаш му беше на гости изрази надеж дека по изборите во двете земји може да се придвижат работите.
Отворените прашања сега е можно да ги затвори новата влада чија делегација предводена од премиерот Зоран Заев заминува во дводневна посета во Бугарија, оценуваат дел аналитичари. Според Исмет Рамадани, претседател на Евро-aтлантскиот совет на Македонија, земјава треба да го искористи позитивно расположение кон неа на Европската унија, но, како што вели, и на бугарската влада.
„Ако се усогласат овие две прашања, а мислам дека ќе се најде некаков компромис и се потпише тој документ, тогаш Бугарија може да направи многу за Македонија“, вели Рамадани.
Бугарија наскоро ќе го преземе и ротирачкото претседавање со Европската унија. Соседната земја од 1 јануари до 30 јуни 2018 година ќе претседава со унијата, период во кој, според ветувањата на новата македонска влада, најверојтано би требало да се забележат реформите кои ги спровела. На оваа посета на делегацијата предводена од премиерот Заев треба да се гледа од три аспекти, вели поранешниот македонски амбасадор во НАТО, професор Нано Ружин. Според него, со посетата може да се реши проблемот чие разрешување почна уште со владата на Љубчо Георгиевски, таа е директен придонес кон стабилноста на регионот и се олеснува пристапот кон евроатлантските интеграции.
„Битно е за Македонија не само за отворање на преговорите за зачленување во Европската унија, туку и за влегувањето во НАТО да ја имаме како сојузник Бугарија затоа што во последно време Софија често пати се солидаризираше со Атина“, вели Ружин.
Официјална Софија уште во 2012 година преку писмо од тогашниот шеф на бугарската дипломатија Николај Младенов до поранешниот негов колега Никола Попоски постави три услови кои Скопје треба да ги исполни за да ја добие бугарската поддршка за евроинтеграцискиот процес.
Младенов побара да се потпише договор за добрососедски односи и соработка, изградба на неопходната инфраструктура за засилена соработка и создавање на Совет на високо ниво на кој ќе се одржуваат годишни заеднички владини седници. Една година подоцна во Ќустендил се одржа заедничка седница на двете влади, а од тогаш досега имаше и неколку средби на делегации на двете министерства за надворешни работи, состаноци на академиите за науки од двете земји.
Премиерите на двете земји Бојко Борисов и Зоран Заев во пресрет на сегашната средба најавија дека очекуваат добра соработка.