На Самитот во Трст кој ќе биде четврти во рамките на таканаречениот Берлинскиот процес премиерите на шесте земји членки на Европската унија, Италија, Германија, Франција, Велика Британија, Словенија, Хрватска и Австрија од нивните колеги од Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина очекуваат потврда за силната посветеност на регионот кон евроинтегративните процеси, изјави денеска шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар на заедничка прес-конференција со италијанскиот амбасадор Карло Ромео.
Жбогар истакна дека за таа цел на земјите од регионот ќе им бидат одобрени средства од 200 милиони евра за реализиација на седум проекти за поврзување. Тој посочи дека ЕУ и земјите од регионот ќе потпишат договор за создавање на транспортна заедница, а приоритети ќе бидат надградба на соработката во економската сфера преку усвојување на акциски план за зголемена соработка во трговијата, безбедноста, борбата против тероризмот, прашањата за миграцијата, соработката меѓу невладиниот сектор, сузбивањето на корупцијата.
„Европската унија планира на регионот да му додели грантови во вредност од 1,3 милијарди евра до 2020 година за проекти во енергетика, траспорт и животна средина. Градењето на патишта, мостови и поврзувањето на териториите длабоко ќе придонесат за развивање на добрососедски односи и за промовирање на мирот во насока на доведување на економски придобивки“, изјави Жбогар додавајќи:
„На Самитот во Трст треба да биде одобрен концептот за регионална економска област на Западен Балкан, треба да биде надграден постоечкиот договор за слободна трговија ЦЕФТА. Оваа област ја гледаме како важна пресвртница за подготовките за процесот на интеграцијата на регионот во ЕУ“, изјави Жбогар.
Италијанскиот амбасадор во Македонија Карло Ромео исто така се осврна на приоритетите на Самитот во Трст, а тоа се како што рече, посветеноста на регионот кон евроинтеграциските процеси, развојот на малите и средни претпријатија, можностите за младите, соработката меѓу граѓанските организации.
„Приоритети ќе бидат консолидација на демократиите, безбедноста, социјалната и економската стабилност, надминување на логиката на поделби од минатото, запирање на однесувањето диктирано од некои националистички реторики“, рече Ромео.
Во насока на заедничките предизвици, Ромео додаде дека приоритети се безбедноста, борбата против меѓународниот тероризам и радикализацијата, миграцијата и борбата против корупцијата, додека за економскиот развој треба да биде развиена транспортната мрежа на Балканот и поврзување со мрежата на ЕУ, енергетскиот сектор, иновациите, инвестициите и регионалната економска област, можностите за младите.
На самиотот во Трст, освен премиерите на земјите од ЕУ и Западен Балкан, ќе присуствуваат и министрите за надворешни работи, за економија и транспорт и врски на земјите, исто така и шефицата за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.