Достапни линкови

САД го зголемуваат фокусот врз Македонија


Заменик помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Хојт Брајан Ји
Заменик помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Хојт Брајан Ји

Поголемо присуство на САД во Македонија е очекувано поради целиот пристап на помагање на земјата, велат експерти откако Владата реши да дозволи американски вооружени сили да спроведат воени вежби на Криволак.

Соединетите држави се најголем гарант за стабилноста на Република Македонија, но и најголем промотор на нејзините интеграции во евроатланските структури и затоа очекувано е нивното зголеменото присуство во земјава и заедничките воени вежби во Криволак, особено во ситуација кога расте руското внимание во регионот, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири.

Коментарите на познавачи доаѓаат откако македонската Влада одлучи да дозволи вооружените сили од САД да спроведуваат воени вежби на Криволак. Владата ваквата одлука ја оценува како добар сигнал за аспирациите на Македонија во НАТО.

„Очекувано е дека САД како најголеми пријатели на Македонија, со кои како држава во 2008 по Самитот во Букурешт потпишавме договор со кој се гарантира стабилноста и суверенитет на Македонија, да имаат поголемо присуство во овој и во наредниот период, вели Незири, додавајќи:

„Поголемото присуство е очекувано, земајќи ги предвид овие релации, поради фактот што САД ја признаа Македонија под уставното име и поради целиот пристап на помагање на земјата во сите можни сектори и форми во однос на интеграциите во евро-атлантските структури“,

Поранешниот шеф на военото разузнавање Владимир Пивоваров објаснува дека во моментов одржувањето на оваа воена вежба е многу важна за Македонија, бидејќи, според него, земјата може да покаже уште поголем капацитет за вакви активности пред партнерите во НАТО и со тоа да се потврдат заложбите на Македонија за прием во НАТО и ЕУ.

„Не само оваа вежба, туку и останатите други вежби кои се одржаа на територијата на Република Македонија со НАТО партнерите беа само од една добра природа каде што нашите вооружени сили ги покажаа своите капацитети, кои барем до сега се оценуваат како многу поволни“, вели Пивоваров.

Во однос на одлуката американскиот претседател Доналд Трамп да ги продолжи санкциите против лица од Балканот кои помагаат или поддржуваат екстремистичко насилство, а кои беа воведени во 2001 година, Незири смета дека тоа е еден вид сигнал за американската посветеност кон Македонија и регионот

„Мислам дека постојаното ажурирање на оваа листа која беше воведена од страна на претседателот Џорџ Буш покажува дека фокусот на САД останува силен на Балканот и нема да толерираат организации и политичири кои во политиката ќе користат сила и ќе ги загрозуваат границите и мировните договори кои значат мир во регионот“, вели Незири.

Пивоваров истакнува дека со ваквата одлука се потврдува конзистентноста на политиките на САД кон Македонија.

„Тоа е знак и сигнал кон сите оние личности кои сакаат да водат ретроградни процеси на Балканот, вклучително и Македонија, дека ќе бидат ставени под санкции.“

Листата на санкции опфаќа лица „кои се вклучени, помагаат, финансираат или поддржуваат екстремистичко насилство во Република Македонија или на друго место на Западниот Балкан“, го попречуваат спроведувањето на Дејтонскиот договор во Босна, почитувањето на резолуцијата 1244 на ОН за Косово и Охридскиот рамковен договор во Македонија.“

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG