Достапни линкови

Пописот планиран, ќе има ли политичка волја да се спроведе?


Пописот на населението во Македонија сериозно доцни, новата влада го има наведено во владината програма, а дел аналитичари посочуваат дека клучна е политичката волја.

Владата ќе спроведе попис на населението според меѓународни критериуми и стандарди, а податоците ќе им овозможат на државните институции, академскиот свет и граѓанскиот сектор вистинска анализа и креирање на реални политики во секоја сфера. Ова се наведува во програмата на новата влада, но упатените оценуваат дека клучна за спроведување на пописот е политичката волја, а дел посочуваат и на надминување на професионални пречки.

Според Дончо Герасимовски, поранешен директор на Заводот за статистика, првиот услов е политичката волја и за да се отстрани таа пречка неопходно е да се постигне договор меѓу владините коалициони партнери и сите останати субјекти.

Втората пречка, додава тој, е усогласувањето со препораките на Евростат и Обединетите нации за методологијата за спроведување на пописот на населението.

„Постојано се говори и експертите и стручњаците од разни етнички групи сметаат оти проблемот ќе биде усогласувањето на методологијата, односно заведувањето на населението што е присутно или отсутно од земјава до една година и повеќе од една година“ вели Герасимовски.

Македонија нема спроведено попис 15 години, а последниот обид за пребројување на населението беше прекинат во 2011 година. Тогаш пратениците од владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ гласаа за Законот за престанување на важење на пописот на што опозицијата се противеше.

Во манифестот на ВМРО-ДПМНЕ што партијата го објави во почетокот на април оваа година е предложено да се спроведе попис без одложување.

Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, не постои друг проблем за спроведување на попис освен политичката војла, а покрај ова, причината зошто не се спроведе досега била, како што вели, и тенденцијата тој да се користи за политички цели.

„Попис спроведуваат и доста етнички хомогени држави и податоците им служат при планирањето на политиките за сите области. Кај нас за жал целото внимание околу пописот се концентрира на политички теми особено во делот за етничкиот состав. Мислам дека во новата влада има атмосфера и политичка волја да се спроведе пописот“ вели Муслиу.

По прекинувањето на пописот во 2011 година, тогашната опозиција СДСМ обвинуваше дека Владата е неспособна да го спроведе, поднесе и кривична пријава за прекинатата статистичка операција, а следната година поднесе и предлог-закон за спроведување попис.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG