Земјоделците немаат повисок интерес од тоа да имаат обезбеден пласман и се залагаат да имаат договорено производство. Тие со години наназад се соочуваат со необезбеден пазар за производите и посочуваат дека тоа е проблем за кој претходните влади немаа слух.
Луѓето кои егзистенцијата ја обезбедуваат од обработка на полињата наведуваат дека субвенциите што им ги обезбедува државата се добредојдени, но оти со нив не се решаваат сите проблеми.
Од Федерацијата на фармери на Македонија посочуваат дека во државата треба да се работи на стратешко ниво за пласман и солидна цена на македонските земјоделски производи.
За Мемед Синани, заменик претседател на Федерацијата, обезбедувањето на договори за производство ќе претставува сигурна основа за развој на земјоделството и напорите во таа насока се во интерес и на државата.
„Приоритетно е да се осигура пласман. Јас можам да произведувам колку сакате производи, пченица, грав, пченка, со тоа што јас се занимавам. Тој што произведува тутун да сади тутун. Но, ако нема пласман, каде ќе го носиме тоа. Ние очекуваме од оваа реформска влада да има реформи во пласманот. Договорно производство да знам колку ќе произведувам и за кого ќе произведувам и да има пласман и осигурана и солидна цена“, вели Мемед Синани, кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Експертите велат дека државата може да се заложи македонските земјоделски производи повеќе да бидат застапени надвор од земјата, посочувајќи го примерот на државите кои обезбедија извоз на своите земјоделски култури во Русија. Но, тие укажуваат дека дома земјоделците треба сами да се организираат и да се здружуваат, како и да го истражуваат пазарот за да бидат поконкурентни.
„На вака ситно производство не може никој да им помогне, ако тие не се здружуваат. Не мора да здружат површини, нека направат кооперативи. Нека се согласат 10, 20 души во селото, роднини, пријатели. Да одгледуваат иста сорта од културата, да стаса во исто време и да ја нудат топтан. Со 100 тона може да издејствуваат соодветна цена. Ако секој поединечно договара цена со трговецот, може да замислите што се случува“, вели професор Борис Анакиев.
Изразувајќи забелешка дека има неискористени пари од Фондовите за рурален развој и од ИПА фондовите, тој додава дека е потребно Факултетите за земјоделство и средните училишта во текот на зимските месеци да организираат семинари и земјоделците да добиваат едукација за актуелните текови во земјоделството.