Достапни линкови

Земјоделците во Пелагонија сеат на вересија


Земјоделец со трактор обработува нива во близина на Битола.
Земјоделец со трактор обработува нива во близина на Битола.

Субвенциите за минатата година не им се исплатени, па земјоделците се задолжуваат за да можат да ги засеат нивите со пролетните култури.

На вересија ја изведуваат пролетната сеибда земјоделците во најголемата житница во земјава, Пелагонија. Поради неисплатените субвенции за минатата година, тие позајмуваат пари или се запишуваат на вересија во продавниците за семенски материјали, ѓубрива, нафта за да можат да ја засеат почвата. Бараат итно да се формира Влада и да се започне со исплата на субвенциите зашто засеаните површини ќе бидат преполовени.

„Сееме на вересија, се пишуваме за ѓубриво, за семе. Ако не стигнат субвенциите ќе банкротираме.“

„Ги чекаме како по суша дожд, толку ни се неопходни средствата за градинарството, полјоделството.“

„Сега е сезона за новата реколта и новите, како што гледате, остануваат необработени“, велат земјоделци од Пелагонија.

И од подрачното одделение на Министерството за земјоделство во Битола потврдија дека земјоделците се задолжуваат, за да можат да ги засеат нивите со пролетни култури.

„Субвенциите секогаш се добредојдени. Камо да дојдат, ќе се исплатат одма, зашто сум сигурен дека земјоделците сега се задолжуваат во откупните центри, каде што треба да се плати семето, нафтата , производството. Кога ќе стигнат субвенциите ќе си ги платат обврските. Ако не беа коминтентите што ги услужуваат земјоделците со набавка на ѓубриво, семе, пестициди, хербициди, средства, мислам дека земјоделците не ќе можеа да посеат ни хектар површина“, вели Илија Србиновски, подрачен началник за земјоделство.

Според сеидбениот план, во битолскиот дел на Пелагонија пролетва ќе бидат засеани 21.000 хектари со сончогледот, пченката, фуражната пченка, градинарски култури и друго.

Меѓутоа проблем се есенските посеви со житни култури кои не се во добра кондиција, па на лето се очекуваат и намалени приноси на житото.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG