Достапни линкови

Земјоделците најавуваат блокади во Скопје


Архивска фотографија, протест на земјоделци пред Собранието, 27 Септември 2012
Архивска фотографија, протест на земјоделци пред Собранието, 27 Септември 2012

Македонските земјоделци, кои се незадоволни што немаат пари за пролетната сеидба најавуваат дека ќе ги радикализираат нивните чекори доколку до крајот на неделата не се најде решение. Тие бараат да им бидат исплатени субвенциите.

Македонските земјоделците кои се огорчени што немаат пари за пролетната сеидба најавуваат дека ќе излезат на улиците во Скопје, доколку до крајот на неделата не се најде решение. Тиа бараат да им бидат исплатени субвенциите. Со намера да ја натераат владата да им ги исплати парите, земјоделците велат дека со својата механизација ќе дојдат пред Собранието, Владата и на други улици во Скопје.

Ставот на Здруженијата на земјоделци произлезе по средбата со министерот за земјоделство Михаил Цветков, на која им било кажано дека се прават максимални напори за исплата на парите и оти проблемот е поради законската регулатива. Љупчо Аризанков од Здружението на лозарите „Агротиквешија“ вели дека ако одговорот е негативен, оти нема начин и услови за исплата, во понеделник сите здруженија ќе ги договорат следните чекори кои може да бидат и радикални.

„Ако одговорот е негативен ќе се консултираме в понеделник и најдоцна во среда планираме да почнеме со штрајкот кој ќе биде активен до конечно исполнување на барањата. Тука ќе биде вклучена целокупната земјоделска механизација која ќе биде ставена по улиците во Скопје Одзивот мислам дека треба да биде масовен така што ќе го парализираме цело Скопје,“ вели Аризанков.

Тој вели дека земјоделците се незадоволни, бидејќи субвенциите законски требало да ги добијат минатата година и затоа смета дека нема законска пречка за нивна исплата. Аризанков вели дека земјоделците се жалат дека немаат пари да ја почнат пролетната сеидба, укажувајќи дека неисплатата на субвенциите ќе се одрази во сите сектори од земјоделството. За да имаат успешна година земјоделците треба навреме да набават ѓубрива, нафта, семиња, напоменува тој.

„На земјоделците парите им се потребни од почетокот на годината. Тие се месеците март и април кога земјоделецот треба да ги испланира посевите што треба да ги сее. Земјоделците досега имаа доста пари за прибирање по основ на ланскиот род. Тие пари не ни се земени на 20 проценти. Така што земјоделците апсолутно се во колапс“, вели Аризанков.

Од министерството за земјоделство и денеска ни изјавија дека се прават максимални напори за исплата на субвенциите. Од таму објаснуваат дека проблемот настанал поради законската регулатива, но дополнуваат дека тие ги имаат потребните 100 милиони евра. Документите се подготвени и во моментот кога ќе се каже дека нема законски пречки, веднаш може да се пристапи кон исплата на субвенциите, рекоа од ресорното министерство.

„Она што се очекува е реакција од Владата и Антикорупциската комисија кои треба да дадат мислење за тоа дали во овој период може да се исплаќаат субвенциите зашто и субвенциите се опфатени со изборниот законик,“ велат од министерството.

Според вчерашната изјава на министерот Цветков, проблемот е што субвенциите се опфатени со четири закони. Законот за земјоделство и рурален развој вели дека Министерството е должно субвенциите да ги исплати во тековната година или најдоцна до 30 јуни наредната, но според Изборниот законик, 20 дена пред почеток на кампања и до формирање влада не може да се исплаќаат субвенции. Кривичниот закон, пак, предвидуваа санкции ако раководителот го прекрши овој закон. Субвенциите се регулирани и со антикорупцискиот закон.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG