Ниски се откупните цени на земјоделските производи. Растат трошоците за репроматеријалите, но откупната цена на производите со години останува иста, реагираат земјоделците. Велат дека ова е случај со житото, јачменот, доматите, пиперките, тутунот, млекото, јагнешкото месо, па сè повеќе земјоделци осиромашуваат. Николче Бошевски од село Новаци, претседател на земјоделското здружение „Земјоделски спас“, вели:
Можам да кажам дека колку еден литар нафта чинат десет килограми жито. Сите репроматеријали се поскапени, а откупната цена наместо да оди нагоре, секоја година паѓа.Николче Бошевски, претседател на земјоделското здружение „Земјоделски спас“.
„Земјоделците си ги бараат своите права. Се соочуваме со ниска откупна цена на производството. За да направиме споредба, можам да кажам дека колку еден литар нафта чинат десет килограми жито. Сите репроматеријали се поскапени, а откупната цена наместо да оди нагоре, секоја година паѓа“, вели Бошевски.
Земјоделците набројуваат дека житото и јачменот во последните години се откупува по цена од десет денари за килограм. Тутунот во просек изнесува по 120 денари, а покрај трошоците на тутунарите им останува мала заработка. Понатаму, од градинарските производи кромидот им го откупуваат по осум денари, а трошоците за производство изнесуваат шест до седум денари, па имаат заработка од симболичен еден денар. Пиперките се продаваат по десет до дваесет денари. Млекото фармерите велат дека со години во просек се плаќа околу 18 денари, а млекарниците тврдат дека за прва класа даваат и по 23 денари.
Субвенциите не се распоредени како што треба. Некои земјоделци земаат субвенции редовно, а некои не.Николче Бошевски, претседател на земјоделското здружение „Земјоделски спас“.
Годишно државата исплатува илјадници илјади евра за субвенции. Но, од ова здружение реагираат дека парите од субвенциите треба да служат за развој на земјоделството, а не за да се надоместат ниските откупни цени.
„Субвенциите не се распоредени како што треба. Некои земјоделци земаат субвенции редовно, а некои не. Самите кажуваат јас сум зел, а јас не. Според состојбите на терен, има земјоделци кои кажуваат дека за тутунот сè уште не ја зеле ланската субвенција“, додава Бошевски.
Од Министерството за земјоделство досега во неколку наврати посочиле дека субвенциите се исплаќаат според однапред дефиниран календар за исплата којшто е усогласен според потребите на земјоделците, а цената на производите е пазарна категорија. Од подрачното Одделение за земјоделство посочуваат дека околу 16 илјади земјоделци од битолско користат субвенции, а благодарение на овие мерки во последните пет години обработливите површини се зголемени за третина, односно од 18 илјади на 25 илјади хектари.