Достапни линкови

Развоен предлог буџет за 2018, но дали е реален?


Министерт за финансии Драган Тевдовски на отворена дискусија за Предлог-буџет за 2018 година.
Министерт за финансии Драган Тевдовски на отворена дискусија за Предлог-буџет за 2018 година.

Владата отвори дебата за предлог-буџетот за 2018 година. Експертската јавност во првичните реакции смета дека предлогот е рационален, но според нив прашање е колкв ќе биде капацитетот за остварување на предвидените планови во развојната компонента.

Развојната компонта во предлог-буџетот за 2018 година првично е проектирана оптимално, во продуктивни проекти во економска инфраструктура, но прашање е колкав ќе биде капацитетот за нивно остварување во обемет кој е предвиден, вели академик Абдулменаф Беџети.

Коментарите доаѓаат откако Министерството за финансии го објави Нацрт-буџетот за 2018 година кој ќе изнесува 3,4 милијарди евра, со буџетски дефицит од 2,7 проценти од Бруто домашниот производ (БДП), помал во однос на оваа година кој изнесуваше 2,9 отсто.

За капитални расходи Владата планира 24,7 милијарди денари, односно над 427 милиони евра за патна, железничка, комунална и енергетска инфраструктура, национален гасоводен систем, водоводи и канализации, пречистителни станици, училишта и студентски домови. Исто така ќе биде зголемен буџетот за одбрана од еден одсто од БДП за доближување кон НАТО стандардите, а повисоки плати се планирани за образованието и здравствто.

„Кај нас секој пат почетните буџети во делот на развојната компонента секогаш биле доста добри, меѓутоа тие не биле остварени повеќе од две третини, дури ни толку. Така што доколку се оствари во оваа димензија, мислам дека за прв пат гледаме еден рационален и нормален буџет, после седум-осум години“, вели Беџети.

Тој додава предлог буџетот е доста амбициозен, доколку се погледнат основните почетни параметри на неговата преоекција, бидејќи, како што вели, се форсира поголема наплата на производи, а дефицитот е релативно консолидиран. Тој сепак вели дека во однос на внатрешната компонента и структура на буџетот, не е добро што не се зема предвид продуктивноста.

„Во однос на внатрешната компонента и структура на буџетот, лично морам да кажам дека не ми се допаѓа компонентата која води многу сметка за покачување на платите, без да се води сметка во делот на продуктивноста“, вели Беџети.

Во буџетот за следната година повеќе пари исто така се предвидени и за општините. Тоа значи дека државата од вкупниот колач планира 32 проценти да издвои за пензии, социјална и детска заштита, 19 отсто за еконосмки развој и финансиски работи, 14 проценти за здравствто и 11 отсто за образование, наука и спорт.

Пет проценти ќе бидат издвоени за земјоделие, како и за јавен ред и безбедност. Исто толкав процент ќе бидат издвоени за градежништво, транспорт, комуникација и екологија.

Во однос на приходите, акцизата за нафта ќе биде зголемена за три денари, но поголеми даночни промени за следната година не се предвидени. Прогресивниот персонален данок ќе почне да се применува од 1 јануари 2019 година.

Во Предлог-буџетот за 2018 година е најавена поддршка за домашните и странските фирми, средства за радиодифузна дејност, минимална плата и земјоделски субвенции.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG