По најавата на министерот за здравство Венко Филипче за почнување подготвителни работи за новиот Клинички центар во Скопје од идната година, во јавноста се отворија повеќе дилеми околу локацијата и сообраќајните приоди, синергијата со останатите болници во градот, и судбината на стариот клинички центар и објектите што ќе останат. Она што досега сериозно ја пролонгира реализацијата се процесите со изборот на локацијата за новата зграда. Откако не беше дадено зелено светло новиот центар да се гради во скопско Злокуќани, сега има најави дека е предвидено комплексот да се гради на влезот на Скопје пред населбата Ѓорче Петров. Во првичните коментари во јавноста има зачуденост за приодите до таа локација и сомнежи дали преместувањето на најголемата здравствена институција на периферијата на градот ќе претставува дополнителен трошок за граѓаните.
Професор доктор Милчо Пановски дигестивен хирург е убеден дека се што може да се направи до идната година е да се создадат услови за изградба на планираниот нов клинички центар.
„Не мислам дека ќе почне да се гради годинава, може да се направи план и физибилити студија, локацијата зависи од имотната состојба на државата. Лично бев запознаен со плацот во Злокуќани и Барадовци кој ги задоволуваше пристапите од сите потреби. Ова што се споменува Ѓорче Петров не ми е јасно каде ќе биде поставена, и какви се пристапите до таа локација, особено што таму има повеќе населени места. И не знам простор кој е доволен да овозможи нормален развој на клинички центар“, вели професор Пановски.
Исто така не е јасно дали новиот клинички центар ќе го инкорпорира и Медицинскиот факултет или тој ќе остане на старата локација заедно со дел од клиниките кои ќе останат таму.
Инвестирањето во изградбата на нов клинички центар беше израз на желба на претходната влада, но на локација на постојниот центар. Актуелната влада го отфрли тоа со образложение дека проблем е сообраќајниот метеж во тој дел на градот. Предложениот плац во Злокуќани, според Министерството, е откажан поради имотно - правни односи. Таквиот приод во меѓувреме ја остави приказната за изградбата на маргините и во јавноста остави впечаток дека тоа се сведува само на најави.
Професор доктор Јордан Савески хирург трауматолог и поранешен декан на Медицинскиот факултет во Скопје, вели дека ако се земат предвид работите кои треба да се преземат за изградба на новиот клинички центар, тогаш работата е голема. Но, според него, преселувањето и изградбата на нов Клинички центар кореспондира со модерниот и современ пристап во здравството.
„Стариот Клинички центар е павиљонски систем. Во една куќа е сместена хирургија, во друга кардиологија, во трета гинекологија и така. Денес модерните клинички центри се во една зграда затоа што има многу заеднички тимски работи кај што е потреба една апаратура да не се повторува на многу места, како до вчера еден има компјутер на хирургија, друг компјутер на рентген итн, така ќе се повторувате. Така што е решение на друго место, а еден дел да остане во стариот клинички центар зашто не може цело Скопје сега да се "истури" да оди во Ѓорче Петров секој ден“, вели професорот Савески.
Тој вели дека дел од болниците во клинички се сместени во стари простории и тоа создава проблеми, поради тоа што со текот на годините не се решавале. Професорот Савевски дополнува дека некои од болниците се во нови објекти и оти тие ќе останат и ќе продолжат да функционираат на постојната локација.
Што ќе биде со просторот на кој се наоѓа Клиничкиот центар?
Една од дилемите е каква ќе биде судбината на постојниот клинички центар и неговиот простор. Професор Пановски вели дека изградбата на новиот клинички ќе донесе продажба на просторот на постојниот државен здравствен центар.
„Просторот го замислуваат да го продадат, за да компензираат трошоци, но болници кои може да функционираат треба да се остават, само да немаат притисок од голем број пациенти. Значи мора да се направи инфраструктура. Но, ако вие финансирате цел клинички центар, значи имате Градска болница 8 Септември, имате градска болница во центарот на градот, планираа да прават нешто во Мајчин дом во Аеродром, нов клинички центар, нов-стар клинички центар. Тоа Македонија, 4 објекти од таков калибар не може да издржи во еден град“, вели професор Пановски.
Савески вели дека состојбата во некои од болниците на Клиника е неодржлива и оти условите во целина на се соодветни за современото здравство.
„Некои работи може да останат. Има некои клиники кои се во добра ситуација кои се штотуку изградени. Нешто може да остане таму, да не одат сите во Ѓорче Петров. Но, треба да се даде нов имиџ на тој дел. На пример зградата од Хирургија е во добра состојба, зградата од гинекологија сега ја направија, за разлика од зградата на интерна која е од одамна, кога јас бев студент, од тогаш ништо не е направено. Понатаму зградата на кардиологија е нова, зградата на психијатрија исто е нова направена. Така што може некои работи да се искористат од старите заради трансплантација на целиот клинички центар“, вели професор Савески.
Во план е и нова болница на местото на сегашниот Мајчин дом во населбата Аеродром. Савески дополнува дека дел од здравствените работници од други болници во Скопје можеби ќе треба да бидат прераспределени. Тој го посочува својот пример дека по 40 години работен стаж во клинички сега е во приватното здравство.
„Градска болница, Воена болница ако остане клинички центар тогаш нема потреба од старата градска болница. Што би работеле тие од старата градска болница, ќе се престројат, докторите се најмобилниот дел“, вели Савевски
Инаку, со оглед дека за изградбата на новиот клинички центар претстои голем работа, очекувањата во јавноста се во меѓувреме да се решаваат тековните проблеми. И натаму има критики за сообраќајниот метеж на клинички центар. Министерот Филипче кажа дека ќе се гради катна гаража, но и натаму ништо не се направи на тој план.