Достапни линкови

 
Какви се очекувањата на Скопје од новата влада во Софија за македонските евро интеграции?

Какви се очекувањата на Скопје од новата влада во Софија за македонските евро интеграции?


Илустрација, македонско и бугарско знаме
Илустрација, македонско и бугарско знаме

Одложените уставни измени се единствено решение на преговарачката маса или почетна позиција е прашањето што се наметнува по различните изјави на владините коалициски партнери. Експерти за РСЕ велат дека се скептични дека со новата политичка Влада во Софија се можни промени во бугарската позиција за одблокирање на евроинтегративниот процес на земјата.

Новата влада во Бугарија, која е седма по ред за три години, нема да донесе ништо ново за измените во македонскиот устав со кои се очекува да се одблокира отворањето на кластерите од преговорите со Европската Унија, велат политички аналитичари за Радио Слободна Европа. И во двете соседни земји има нови Влади, но македонскиот пат кон Европската Унија е „зацементиран“ со условот од Францускиот предлог на кој се противи македонската влада предводена од ВМРО- ДПМНЕ. Тоа се измените со кои Бугарите ќе бидат дел од Уставот.

Откако на 16 јануари беше избрана новата Влада во Бугарија, македонското прашање не се спомна во јавноста, освен во една прилика при средбата на новиот премиер Росен Жељазков по средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Жељазков ја истакнал поддршката на Бугарија за проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, но по, како што вели строго почитување на принципот на исполнети обврски и сопствени заслуги.

Изминатава недела, по назначувањето на новиот премиер и министри во Софија во земјава повторно се актуелизираше прашањето до каде е постапката за одблокирањето на евроинтегративниот пат на земјава. Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, не треба да бидат спектакуларни очекувањата од новата политичка влада во Бугарија.

„Не гледам политички мотив за Владата во Бугарија да се откаже од некое барање кое е запишано во преговарачката рамка и потврдена од ЕУ на ниво на европски предлог. Можеби да се покаже некаква добра волја во смисла на тоа, Владата во Бугарија да даде некаква изјава или со некој потег да покаже дека нема да има нови барања, односно дека сите отворени прашање се ставени во документите за кои разговарале, а тоа билатералниот протокол и преговарачката рамка“, вели Арсовски.

Одложеното дејство на уставните измени - решение или почетна преговарачка позиција?

Владините коалициски партнери вчера, 28 јануари, излегоа со два за нијанса различни ставови во однос на очекувањата за кога и дали ќе се донесат уставни измени со кои ќе се вметне бугарската заедница во Преамбулата со што ќе се исполни условот за отворање на кластерите од преговорите со Европската Унија.

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека нема да отстапи од ветеното во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е одложена примена на уставните измени.

„Барам решение, барам достоинствено решение, имаме достоинствено решение на маса а тоа уставни измени со одложено дејство, повелете да разговараме“, изјави вчера Мицковски во одговор на новинарско прашање.

Но, од друга страна, пак, вицепремиерот Орхан Муртезани смета дека одложеното дејство на уставните измени е само предлог, но не и конечно решение на кое ќе инсистира македонската Влада.

„Тој предлог е за да се испрати јасна порака до бугарската Влада, дека ние сме спремни за дијалог, и дека сакаме да воспоставиме долготраен дијалог, кој ќе биде гаранција, дека нашиот процес на интеграција во ЕУ, ќе биде завршен и дека нема да подлежи на идни потенцијални вета“, вели Муртезани во интервју за Гласот на Америка.

Албанските владини политичари со големи очекувања од бугарската Влада

Според Муртезани, фактот што во Софија има стабилна политичка Влада е олеснителна околност и во вакви услови, како што вели, одлучноста на македонската Влада е уште поголема, колку што е можно побрзо да се воспостави дијалог.

„Така што сè што останува е во кратко време да воспоставиме дијалог и да седнеме да разговараме“, додаде тој.

Во однос на роковите, неговиот коалициски партнер министерот за здравство и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари побара од граѓаните пролонгирање на “грејс периодот“ од шест месеци за донесување на уставните измени, посочувајќи дека претходната Влада од СДСМ и ДУИ не можеле да го исполнат тоа барање.

„Дајте ни барем 1 година, на нив им дадовте 10 години“, изјави тој во емисијата за ТВ 21.

Таравари своите очекувања за помрднување од позициите на Бугарија ги темели на можен притисок од САД врз Бугарија, поради, како што вели, блиските односи на Мицковски со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

„Имајте во предвид дека, тој има блиски пријатели кои се блиски со претседателот Трамп. Но и во Бугарија немаше влада до пред една недела, бидејќи и за да се движат овие работи, треба да имаш некого од другата страна со кого да преговараш“, додаде Таравари.

Експертите скептични во очекувањата од новата бугарска влада

Во ваква ситуација се наметнува и прашањето колку се реални очекувањата на владините коалициски партнери од албанскиот блок за донесување на уставни измени за 12 месеци. Претходно, кога влегоа во коалиција, посочија дека ако за 6 месеци не се исполни европскиот услов за продолжување на преговорите ќе ја напушат коалицијата.

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски не очекува евентуален притисок од САД врз Бугарија да донесе некакви промени во бугарскиот став кон македонското прашање.

„И да има таква поддршка од Американците таа нема да значи ништо во дадениот момент бидејќи во Бугарија се формираше политичка влада составена од партиите ГЕРБ- СДС со коалициски партии бугарската социјалистичка партија и „Има таков народ“ на Славеј Трифунов, две добро познати бугарски партии кои беа и против францускиот предлог кога се гласаше во бугарското Собрание. Тоа беа политички партии кои сметаа дека Бугарија треба да и постави дополнителни услови на Македонија и дека францускиот предлог е лош по интересите на Бугарија“, изјави неодамна Атанасовски.

Според него и новиот бугарски министер за надворешни работи кој доаѓа од политичката партија ГЕРБ, Геор Георгиев има „тврди политички и идеолошки ставови“ кон македонското национално прашање.

„Мислам дека и да има огромен притисок од администрацијата на Трамп врз Бугарија да ретерира од познатите барања или исполнување на одредбите од францускиот предлог, попрво оваа бугарска Влада би паднала, откако да направи такво ретерирање“, вели тој.

Внесувањето на бугарската заедница во македонскиот Устав повторно стана актуелно во јавноста, откако во Бугарија почна да функционира нова политичка влада по неколку неуспешни обиди досега. Темата за уставните измени кои се услов за продолжување на преговорите со Европската Унија, ја актуелизираше и опозицијата со барањето до македонскиот премиер Христијан Мицковски да се сретне со неговиот нов бугарски колега Росен Жељазков кој на оваа позиција дојде на 16 јануари.

СДСМ со поддршка за ВМРО-ДПМНЕ во барањето гаранции

Лидерот на СДСМ Венко Филипче изјави дека откако е исполнет условот за повторни преговори со политичката Влада во Софија очекува поместување од „мртвата точка“ во решавањето на овој спор.

„Еве сега има и апсолутно го поддржувам премиерот да побара час поскоро средба со политичката влада и премиерот во Бугарија, за и тој дел конечно се расчисти. За да видиме дали можеме или не можеме да добиеме некакви дополнителни гаранции. Ќе го поддржиме, повторувам, кој било подобар предлог. Апсолутно, која било форма на дополнителни гаранции, меѓутоа нека се случи час поскоро, бидејќи времето поминува“, изјави Филипче од седиштето на СДСМ.

Мицкоски на ова одговори дека е подготвен да иницира средба, без при тоа да одговори кога би го направил тоа.

Арсовски вели дека колку и да има „срдечни или интензивни средби“ по тоа прашање меѓу челниците на двете земји не очекува дека тие би влијаеле на промена на вкупната бугарска стратегија по тоа прашање. Споре него, не може да се очекуваат специјални гаранции од Европската Унија што се однесува до критериумите за зачленување, додавајќи дека структурните реформи мора да се истера и тука нема помош.

„Тоа што може евентуално да се побара е да нема дополнителна билатеризација, односно некаква декларативна изјава од ЕУ во која ќе се наведе дека нема да има дополнителни барања надвор од Копенхашките критериуми на пример. Или критериумите кои се поставени во преговарачката рамка, но и тоа е сива зона. Јас не знам како некоја членка, која не мора на пример утре да биде Бугарија, доколку блокира, ние ќе оценуваме дали тоа ќе биде врз основа на Копенхашките критериуми или не“, вели Арсовски.

Инаку, македонско–бугарските односи се нарушени по бугарско вето за старт на преговорите на Северна Македонија за влез во ЕУ, а двете земји во 2022 со усвојување на францускиот предлог се согласија Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ откако ќе го измени Уставот и ќе ги вметне Бугарите во Преамбулата.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG