Брисел е македонската стратешка дестинација, а патот до него, односно евроинтегративниот пат полесно и побрзо ќе се изоди ако по него се чекори со консензуален став на власта и опозицијата за одбрана на националниот идентитет и справување со ендемската корупција. Ова е пораката од годишното обраќање на македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова пред пратениците.
Сиљановска Давкова во својот прв говор во Собранието по нејзиниот избор истакна дека Европската Унија за неа е најпосакуваниот демократски политички систем и дом, од кој очекува храбри потези налик на оние во 2004-тата година кога во проширувањето беа опфатени 10 земји кои сега се членки на Унијата.
„Знам дека реалистите ќе коментираат дека ја критикувам ЕУ заради односот кон нас, бидејќи ние целиме кон Унијата, а не Унијата кон нас, но и јас имам право критички да размислувам како балканка која се доживува како Европејка и очекува европско однесување од ЕУ“, изјави македонската претседателка.
Вин-Вин решение: Уставни измени со одложено дејство
Според неа, како што вели, креативното толкување на преговарачката рамка кое би било и победничко решение за Бугарија за, како што го нарекува, нивното нерационално барање, е уставни амандмани со одложено дејство кои би стапиле на сила по завршувањето на преговорите со Европската Унија и ратификацијата на Договорот за македнско членство во ЕУ. Сиљановска Давкова тврди дека тоа би било победничко решение и за Бугарија со кое ќе добие тоа што го бара, а во меѓувреме, би помагала во евроинтеграциите, затоа што побрзо завршат македонските преговори, толку побрзо ќе се исполни нивното барање.
„За нас, вин би била можноста да се занимаваме со европски реформи, наместо со балкански пречки и ние би брзале да ги завршиме преговорите. За двете држави вин-вин би било засиленото пријателство и докажаното добрососедство,“, вели Сиљановска Давкова.
За неа е навредливо прашањето „дали ќе се смени Уставот?“.
Државен консезус во ставовите пред стратешките партнери
Таа во својот говор посочи дека заедно со премиерот на државата Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски имаат синхронизиран став по однос на уставните измени кои се бараат од државата за да може да го продолжи преговорите со Европската унија и дека очекува опозицијата да им се приклучи.
„Ставовите се усогласуваат дома, а се бранат надвор од сите. Добро е да се усогласиме и со опозицијата за така да ја зацврстиме преговарачката позиција, а за тоа се потребни државнички профили на политичари и жртви од двете страни“, вели Сиљановска Давкова.
Според неа несфатливо и апсурдно е барањето на европските функционери измени на македонскиот Устав, додавајќи дека во Договорот за добрососедство не се споменуваат уставни измени.
„Суштината е дали во нормативниот текст на Уставот на секое малцинство му се гарантираат малцинските права. Како може ЕУ да дозволи членка да нема збор за малциските права во својот устав и истата од нас да бара да го смениме уставот во ситуација кога ние имаме широка уставна заштита на малцинските заедници. Ако ЕУ сака да биде филозофија, заедница на различностите, а не само збир на делови и бирократска машинерија, мора да ги почитува своите темелни вредности кога се во прашање нејзините членки“, додаде таа.
Таа гласно се прашува како е можно, ако судот во Стразбур има 14 пресуди против Бугарија за непочитување на малцински права, како е можно Европската Унија да толерира членка која не ги спроведува одлуките на судот во кој има и свој судија.
Преседаните може да станат пракса
Проблемот со билатеризацијата на преговарачкиот процес ќе ги почуствуваат и останатите кандидати за членство во Унијата, но и самите членки на европскиот блок, предупреди македонската претседателка. Според неа сериозна е опасноста од преседаните да се претворат во пракса.
„Билатерализацијата на евроинтеграцијата не е опасна само за македонскиот случај, туку за севкупниот процес на проширување. Балканот е родното место на преседаните. А секој штетен преседан станува правило. Билатерализацијата нема да заврши со македонскиот случај, напротив, се плашам дека ќе биде инспирира нови случаи. Така и тогаш ќе стане најголемата опасност за проширувањето како најважна геостратешка инвестиција на ЕУ во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Балканската Пандорина кутија ќе стане европска Пандорина кутија“, изјави таа.
Давкова: Црно ни се пишува ако не го обелиме образот со казнување на корумпираните
Во својот говор, Давкова истакна дека верувам оти патот кон Брисел, може да се изоди полесно и побрзо ако претседателот, Собранието, Владата, судството, власта, опозицијата, невладиниот сектор, медиумите, функционираат како добро синхронизиран, извежбан и искусен оркестар, на чиј репертоар редовно е симфонијата „владеење на правото“ со која треба да настапат на финалниот концерт во Брисел.
Таа ја поздрави битката против како што вели ендемската корупција и бробата против криминалот, како и поддршката од стратешките партнери кои ја ажурираа „црната листа на санцкионирани“.
„Црно ни се пишува ако не ја видиме со очи широко отворени црнината и не ја обелиме со санкционирање. На потег сега се македонските институции и секое одолговлекување на правдата ќе се смета како толерирање на неправдата. Никој не смее да биде недопирлив, не може цело општество да ја трпи казната заради неколкумина. Недовербата кон судството не е неслучајна,“ изјави Давкова.
Претседателката зборуваше и за единството дома, за што како позитивни примери ги посочи поддршката за назначувањето на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, како и за усвојување на Националната развојна стратегија подготвена од претходната а усвоена од оваа власт, како и заедничката поддршка за реформската агенда за Планот за раст.
Во нејзиниот говор немаше ниту еден збор за најавените реформи со кои треба да се спои Агенцијата за разузнавање која е под нејзина капа со Агенцијата за национална безбедност, што во јавноста се третира како една од најголемите безбедносни реформи, стравувајќи од концетрација на моќ во разузнавањето. Сиљановска Давкова само го спомна негодувањето во јавнсота за нејзината одлука да постави две жени на раководни позиции во Агенцијата за разунавање.
„Од женски агол, интересен е фактот дека за 30 години машко директорувањесо Агенцијата немало дискриминација по пол, ама кога се поставени две жени имало дискриминација. ДКСК пак утврди дека нема“, додаде таа.
Во однос на реформите, претседателката укажа на потребата од забрзани и длабоки реформи во правосудството, со тоа што треба Судскиот и советот на јавни обвинители да се претворат во чувари на независноста на судството и филтерот низ којшто ќе можат да минат само квалитетните и некорумпираните.
Во однос на нејзините ингеренции смета дека е потребен нов закон за помилувањето, како и нов начин на комуникација на судот со министерството за правда, и обезбедување на можност за посета на затворениците кои бараат помилување од Комисијата за помилување.
Опозицијата незадоволна од говорот на Сиљановска Давкова
За координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски говорот на Сиљановска Давковане не понуди визија за иднината на државата.
„За да имаме единство, треба да имаме дијалог, а за да имаме дијалог треба некој да не повика и да не организира за дијалог. Ние како опозиција сме подготвени, да разговараме за сите прашања кои се од важност за државата“, изјави Спасовски.
Тој најави дека СДСМ ќе даде подршка во однос на подобрување на стандардот на македонската армија. Меѓу другото, Спасовски изјави дека очекувал таа јавно да го осуди носењето на Законот за јавни набавки, со што, додаде, се руши транспарентноста и очекува и ја повика да не го потпише овој указ - Закон за јавни набавки.
На сличен став се и пратениците од опозициската коалиција За европски фронт. Според нив, нејзиниот говор не дал никакви насоки за решавање на како што велат, клучното прашање - уставните измени.
„ За жал, по наше мислење она не даде ни една насока, ни една шанса во насока на реализирање на уставните измени кои се предуслов за започнување на преговорите со ЕУ. Таа во нејзиниот говор направи осврт на потребите на реформи во Европската Унија, што не е нејзина задача ниту нејзина одлука“ , изјави Елми Езири пратеникот од „Европскиот фронт“.
Од говорот на претседателката задоволни беа пратениците од владејачкото мнозинство.
„Она што го потенцира претседателката како нејзина заложба, и опозицијата да се вклучи во градењето на национален концензус за надворешно-политичките цели на Македонија, сметам дека е добра замисла, но според мене реално не знам дали е остварлива цел“ изјави пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.