Реформските планови и напредокот на шесте земји кандидати за членство во Европската Унија од Западен Балкан и европскиот План за раст „тежок “ 6 милијарди евра се главните теми на набиената агенда на претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен при нејзината четиридневна турнеја низ регионот. Европската комисија на 23 октомври ги одобри реформските агенди на шестти земји од регионот кои се поврзани со Планот за раст за Западниот Балкан.
Фон дер Лајен на ( 24 октомври) од Тирана, од каде соопшти дека за Албанија се предвидени 920 милиони евра, пристигнува во Скопје на средби со македонскиот премиер Христијан Мицкоски и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Ова е нејзината прва посета на регионот откако на 18 јули со големо мнозинство гласови во Европскиот парламент го освои вториот петгодишен мандат.
„Проширувањето е голем приоритет и во мојот следен мандат. Тоа се однесува на нашиот план за раст за Западен Балкан, за ова разговаравме во Берлин. Ја отвораме вратата на заедничкиот пазар со партнерите од Западен Балкан“, рече Фон дер Лaјен на вчерашната прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.
Ветар на промени
За време на нејзината посета на Европскиот колеџ во Тирана, фон дер Лајен рече дека сега „ветрот на промени дува во Западен Балкан“.
„Може ли некој да го запре ветерот на промените? Денес овој ветер на промени дува не само во Западен Балкан, туку и во Украина и Молдавија. Но, има и други ветрови кои дуваат во спротивни насоки, кон национализам или угнетување. Русија влезе во Украина токму затоа што Украина сакаше да стане дел од ЕУ“, рече таа.
Нејзината посета на Западен Балкан доаѓа во време кога проширување е високо на агендата на Европската Унија, и откако, пред само една недела Албанија го отвори и првиот кластер од преговорите со Унијата. Со тој потег, Тирана се одвои од Скопје и доби пол позицијата во „маратонот “ на евроинтегративниот пат.
Очекувањата се дека Германката Фон дер Лајен на средбите со Мицкоски и Гордана Сиљановска- Давкова ќе ги повтори позициите на Брисел кои беа посочени уште во 2022 година, на првата меѓувладина конференција на Скопје со Брисел каде што беше посочено дека земјава ќе ги започне со отворање на преговарачките кластери откако ќе ги вметне Бугарите во уставната Преамбула.
Мицкоски пак, на ова се противи, и бара овој услов да биде со одложено дејство, односно да се примени правилото од Преспанскиот договор, со кој државата го промени името, ама имаше рок од пет години да го стави во пракса употребата на новото име.
„Ако Преспанскиот договор беше „ремек-дело“ на европската дипломатија, нешто што е, да речеме, „брилијантно“, зошто тогаш ова „ремек-дело“ не го повториме за изнаоѓање на конечно, трајно и одржливо решение за овој вештачки спор“, изјави Мицкоски во неговото последно обраќање пред европските колеги, во Салцбург на последниот ЕУ Самит посветен на ЕУ и реформите.
Тој истакна дека македонската држава во евроинтегративниот пат е блокирана од нерационален и билатерален спор. Според него дури и Бугарите да се внесат во Уставот, никој не гарантира дека тоа е последен услов за исполнување на некоја обврска и дека за шест месеци од сега нема да се бара нешто дополнително.
Според министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската унија Орхан Муртезани официјален Брисел не гледа со голем оптимизам на предлогот за уставни измени со одложено дејство, но, не го отфрла целосно и оти во Владата веќе се водат интерни разговори за изнаоѓање на нови решенија како да се продолжат преговорите.
„Досега немаме финален предлог, меѓутоа и да имаме таков нема да брзаме да го објавиме пред да бидат завршени изборите во соседна Бугарија“ изјави неодамна Муртезани.
Разјаснување на преговарачката рамка
Демистифицирањето на ставот на Мицкоски да биде една од пораките која фон дер Лајен ќе ги пренесе во Скопје, е очекувањето на Димитар Николовски од невладината организација „Еуротинк“.
„Во однос на Македонија, сметам дека таа ќе се обиде да разјасни, т.е. да затвори некои од шпекулациите кои се објавуваат од страна на наши претставници во врска со можноста за менување на Преговарачката рамка. Нашата влада изјавува дека имало позитивни сигнали од одредени земји членки по однос на адаптација на рамката. Очекувам фон дер Лајен да ги демистификува овие информации за време на посетата“, вели Николовски.
Тој очекува дека на средбите со македонскиот државен врв освен за проблемот со уставните измени ќе се разговара и за главните поенти содржани во европскиот Извештај за напредок кој ќе биде објавен накратко по нејзината посета.
За Северна Македонија 750 милиони евра
Дел од аналитичарите велат дека една од целите на посетата е поврзана со активностите поврзани со Планот за раст на ЕУ, каде се очекува сите држави кои ќе ги финализираат потребните реформски агенди да ги добијат првите исплати и да започнат да ги имплементираат предвидените активности. Северна Македонија од овие пари, треба да добие 750 милиони евра, од кои 250 ќе бидат како грант, или неповратни средства за инвестициски проекти. Останатите 500 милиони евра ќе се обезбедат преку заем со почеток на отплата од 2034 година, од кои 250 милиони евра за реализација на реформите односно како буџетска поддршка и преостанатите 250 милиони ќе бидат алоцирани за инвестициски проекти.
Аналитичарот Џељал Незири смета дека претседателката на Европската Комисија ќе го потенцира значењето на проширувањето и поддршката кон државите од Западниот Балкан, покрај Украина и Молдавија преку овој нов финансиски пакет. А, неизбежна тема во Скопје, според него, ќе биде и Преговарачката рамка односно обврските на Северна Македонија за вметнување на бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.
„Очекувам дека во Скопје ќе се обиде да ги убедува премиерот и претседателката на државата дека исполнувањето на обврските од францускиот предлог е без алтернатива, нема простор за репреговарање се додека во Бугарија нема такво расположение. Сите партии без исклучок таму се едногласни кога станува збор за односот кон Северна Македонија, за францускиот предлог и сега топката е на македонска страна и од нас се очекува исполнување на обврските и вметнување на Бугарите во ЕУ“, вели Незири.
Последна силна порака која неодамна стигна од европските дипломати на македонска адреса беше од германската шефица на дипломатијата, Аналена Бербок која на средбата со македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски порача дека се додека во Европската Унија важи правилото за едногласно одлучување, Северна Македонија ќе мора да ги почитува компромисите, а тоа значи дека уставните измени се клучен чекор кон почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Според Баербок вметнувањето на бугарското малцинство во македонскиот Устав е последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ.
„Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“, изјави Баербок.
Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Претходно, во ноември 2020, Бугарија стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Претседателката на Европската комисија по Скопје ќе ги посети подрачјата погодени од поплавите во Босна и Херцеговина и ќе се сретне со високите државни претставници. Во Србија, на 25 октомври, Урсула фон дер Лајен ќе се сретне со претседателот и премиерот на Србија. Претседателката Урсула фон дер Лајен на 26 октомври ќе ја заврши посетата на Косово и Црна Гора.