Достапни линкови

Гасењето на социјални пожари не носи економски раст


Илустрација
Илустрација

Проблемите која ниту една влада до сега не ги реши резултираат со лоша економска состојба во државата велат економските аналитичари, по вчерашната прогноза на Светската банка за намалување на македонскиот економски раст од 2,5 на 1,8 отсто. Владата оптимистички најавува дека Северна Македонија ќе ги стигне соседите во економскиот раст

Апокалиптичните сценарија на Светска банка за економскиот раст кој во изминативе години пристигнуваат на македонската адреса се должат на економските политики со за гасење на социјални пожари, на недостигот на борба против корупцијата, недостигот на структурни економски реформи и капитални инвестиции, вели универзитетскиот професор Абил Бауш.

Ова „економски свето тројство“ негативно влијае врз економијата, затоа што ниту една Влада до сега не се потрудила да ги спроведе суштински економски реформи кои би поттикнале економски развој.

Ваквите коментари на економските аналитичари следуваат по последните прогнози на Светската банка со кои е намален економскиот раст од пролетните проекции на 2,5 отсто на 1,8 отсто.

„Ниедна Влада не успеа структурно да направи реформи, длабински реформи чија цел ќе биде економскиот раст и развој на економијата, и покрај укажувањата на Светска Банка што треба да се направи, ние сепак упорно одиме кон политики кои служат за гасење на социјални пожари, кои не претставуваат како држава која не се бори против корупцијата, држава која не сака да направи структурни реформи, и држава која не внимава на капиталните инвестиции и држава која упорно го зголемува јавниот долг“, објаснува професорот.

Како што објави Свестка банка Северна Македонија на последно место во регионот според економскиот раст.

Мицкоски: претходната влада ја влечеше земјата назад

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е загрижен од тоа што, додека во изминативе неколку години соседите одеа напред, па сега на новата влада и преостанува „со крупни чекори да се движи напред за да го престигне регионот“ а претходната влада ја влечеше земјата назад. Според него македонскиот економски раст ќе биде некаде меѓу проекциите на ММФ и Светска Банка.

„ Но, јас сум охрабрен дека негативно влијаееше првиот квартал кој е само 1,1%, но очекувам следните квартали да не ме изненадат ако бидат над 3% - мислам на третиот и четвртиот квартал имајќи предвид сето тоа што го забрзавме како реализација на капитални инвестиции на терен. Така што очекувам растот да биде помеѓу она што го вели ММФ и Светска банка, што би бил еден од подобрите во регионот и во Европа. Да имаше првиот квартал подобар раст, да беше и тој над 2%, можеби ќе беше и еден од најдобрите,“ тврди Мицкоски.

Мицкоски додаде дека причините за тоа ги гледа и во очекувањето парите од унгарскиот кредит да го раздвижат бизнисот и да донесат реализација на дел од општинските проекти.

„Светска банка вели 1,8 затоа што првиот квартал е слаб, но, јас би бил оптимист, и не би ме изненадило дека до крајот на годината бидеме над 2 проценти, можеби 2,2 или 2,3 отсто до крајот на годината“, вели Мицкоски.

Чистење на проблемите или темели за економски раст

Токму посочувањето дека причината за намалувањето на прогнозата на Светска банка лежи во првото полугодие од годинава во време на манадатот од претходната влада, и најавата за „чистењето на проблемите кои ги оставило претходното раководство“ е погрешна политика, коментира професорот Бауш.

„Оваа влада не е увезена влада и да не знае што се случува во државата. Таа знаеше цело време што се случува во државата. Не може да рече ние сега треба да „исчистиме “ што било направено претходно. Тоа е погрешна политика, ние треба да правиме, да ставаме темели, да правиме платформи за економски раст, во тоа е проблемот. Секоја влада кога ќе дојде вели ние чистиме, па колку време им е потребно за да исчистат. Доста со овие реченици, стана премногу ако се земе предвид што се случува, ова е погрешно толкување на економска политика“, додава професорот Бауш.

Економската анализа на невладината организација Фајнанс Тинк која беше објавена минатиот месец посочува дека се очекува блага позитвна економска динамика да продолжи до крајот на годината.

„Изгледите во поглед на инфлацијата остануваат релативно поволни, но зависат од се’ уште присутни критични фактори. Finance Think ги задржува претходните проекции за раст на БДП во 2024 од 2.7% и за раст на цените од 3.8%“, се вели во нивната анализа.

Според есенска прогноза oд Виенскиот институт за меѓународни економски студии, која опфаќа 23 земји од регионот, македонскиот економски раст и во наредниот перид ќе „каска “ зад балканскиот. Нивната прогноза се поклопува со таа на Светската банка за раст од 1,8 до крајот на годинава и 2, 3 отсто до крајот на следната.

„„Првата причина за релативно слабите резултати е големата изложеност кон Германија – извозот во Германија сочинува околу 40% од вкупниот извоз на земјата, и тој во првата половина на оваа година има пад од 14%. Втората причина е тоа што новата влада сѐ уште не успева да претстави кохерентна визија за економската иднина на земјата и за политиките кои ќе ги води“, вели за Дојче Веле професорот на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Бранимир Јовановиќ.

Според Светска Банка, земјава до пред неколку години беше релативно малку задолжена, па затоа и загрижува фактот за раст на јавниот долг. Откако на 8 октомври македонската и унгарската Експорт-импорт банка го потпишаа договорот за првиот заем од половина милијарда евра, на владина седница помина одлуката за втор заем во вредност од 500 милиони евра. Според Светската банка загрижува зголемувањето на јавниот долг од 63,5 отсто од бруто домашниот производ.

Фискалната политика и натаму останува предизвик за македонската економија, е наведено во извештајот од Светска банка.

Инфографика - Колкав е јавниот долг и кои се проекциите?
Инфографика - Колкав е јавниот долг и кои се проекциите?

Според економскиот професор Бауш клучно е земјата да се занимава со капитални инвестиции и правилно структуирање на јавниот долг, а не како досега на непродуктивни трошоци кои ги враќаат парите назад.

„ Тие јавни долгови кои треба да ги земаме од некаде, било да е тоа унгарскиот кредит или кој било друг, да биде поставен на капитални инвестиции, а не да се ставаат во вакви проекти кои се бесмислени, ние некаде враќаме долгови, некаде правиме бесмислени проекти и никако да завршиме со некои добри капитални проекти,“ вели Бауш.

Според прогнозите на Владата за 2025 година, наведени во новата Фискална стратегија 2025-2029 година на Министерството за финанси, економскиот раст догодина треба да достигне 3,7%. Но, прогнозите на Светската банка за догодина се помали, економскиот раст во просек да достигне само до 2,7 проценти.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG