Достапни линкови

Повисок минималец – неоправдан или нужен за егзистенција на работникот


Минималната плата во Северна Македонија изнесува 22 567 денари (фото: илустрација).
Минималната плата во Северна Македонија изнесува 22 567 денари (фото: илустрација).

Синдикатот смета дека повисока минимална плата е неопходна и поради зголемените трошоци за живот, но и поради растот на платите во регионот. Стравуваат дека земјава може пак да биде синоним за евтина работна сила. Работодавците, пак, велат дека ќе го покачат минималецот во март, но зголемување сега за 90-тина евра сметаат дека е неоправдано и може да донесе негативни последици.

Зголемување на минималната плата за околу 90 евра, за синдикатите е оправдано и неопходно за македонскиот работник во услови на зголемени трошоци, за работодавците, пак, неоправдано, носи ризици и може да биде неиздржливо за дел од бизнисите.

Скок на минималецот од сегашните 365 евра на 460 евра беше барање кое од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) го адресираа до новата Владата уште на првомајскиот протест, пред да се одржат парламентарните избори. По сто дена од мандатот, забележаа дека има застој во социјалниот дијалог, за в четврток (10 октомври) да се одржи првата, конститутивна, седница на Економско социјалниот совет (ЕСС) во кој членуваат и работодавците и владините претставници од економско-социјалните ресори.

Прашањето за раст на платите, нагласуваат од ССМ, е егзистенцијално за работниците во земјава и тоа било покренато на седницата на новоконституираниот Совет.

„ССМ смета дека во услови кога Синдикалната минимална кошница изнесува 61.306 денари, а само делот за храна и пијалаци изнесува 23.034 денари неопходно е да се разговара за раст на платите во Македонија“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ), претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов.

Страв од евтина работна сила или од инфлација

Минимална плата од околу 365 евра (22 567 денари) во Северна Македонија земаат околу 25.000 работници.

Меѓутоа, од синдикатите го потенцираа податокот и дека други 10.000 граѓани земаат плата од 1 денар до 22.567 денари, што според Трендафилов е најсериозен показател дека платата во плико „се враќа на голема врата“.

„Истовремено, согласно извештаите, повеќе од 250 милиони евра не се слеваат во државната каса по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување со што се оштетуваат и буџетот, но и работниците во Македонија… Ние се плашиме дека доколку не се случи брзиот раст на платите во Македонија, пред сè и на минималната плата како гаранција под која не може да се исплаќа плата, повторно ќе станеме земја на евтината работна сила“, посочува Трендафилов.

Од друга страна, пак, работодавците велат „се е остварливо ама не значи дека е оправдано“.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ) вели дека усогласување на минималецот со растот на трошоците и со просечната плата секако ќе има, како што е законски предвидено, во март 2025 година, но смета дека паушално зголемување не е оправдано по никаков случај.

Според него, „паушално зголемување на минималецот“ би значело зголемување на платите на најслабите работници и нивно израмнување со добрите работници кои би се демотивирале во компаниите кои не се во можност да ги покачат и нивните плати.

„Ако тој [работодавецот] сака да ги качи платите на подобрите работници со повисока школска спрема или поголеми знаења, ќе треба да земе кредити или ќе треба да ги покачи неговите цени. Ако ги качи цените ќе влијае на инфлацијата. Во секој поглед е неоправдано затоа што неслучајно ЕУ донесе директива во која препорачува минималната плата да се движи околу 50% од просечната, значи не треба да се претерува затоа што доаѓа до одредени негативности во целокупната економија“, вели Димитров за РСЕ.

Тој смета дека платите треба да се покачат, но до тоа да се дојде на поинаков начин – со зголемување на продуктивноста што, додава Димитров, се прави со нова технологија, промена на структурата на стопанството, подобро знаење и кај работниците и кај работодавците…

Паралели со регионот

Двете страни, своите ставови ги поткрепуваат и со ситуацијата во регионот.

Синдикатите потенцираат дека уште еден фактор на кој треба да се гледа како причина за раст на минималната плата се и примањата што ги имаат работниците во регионот, каде заминуваат и македонските државјани.

„Во Црна Гора од овој месец минималната плата ќе изнесува 600 евра за работниците со основно и средно образование и 800 евра за работниците со високо образование, во Србија од јануари 2025 година ќе изнесува 454 евра, во Република Српска е повеќе од 450 евра, а во Бугарија се преговара за 500 евра минимална плата од јануари 2025 година. Да не зборуваме за висината на минималната плата и платите воопшто во Хрватска и Словенија“, посочува Трендафилов.

За работодавците, пак, во Северна Македонија високо е поставена летвата за минималната плата и земјава ги има едни од највисоките плати од опкружувањето.

„Гледајќи ги сите податоци за нашата минимална плата и споредувајќи ги со просечната плата, со синдикалната кошничка, особено со БДП по жител ние имаме највисока плата од сите овие – Србија, Црна Гора, со кои синдикатот не споредува. Ако ја земете минималната плата за 12 месеци и ја споредите со БДП по жител ние имаме дури 91%, а во Србија е 55%, во Црна Гора 58%. Во секој поглед, нашата минимална плата е поставена на многу високо ниво, дури е заштитена и со закон да не може да биде помалку од 57 посто од просечната плата од минатата година“, вели Димитров.

Зголемени расходи од буџетот, но и поголеми придонеси

Додека синдикатите и работодавците се со различни гледишта за оправданоста и можностите околу минималната плата, економскиот аналитичар Павле Гацов смета дека зголемување на минималната плата треба да има бидејќи, како што посочува, по последното израмнување во март годинава, иако има забавување, инфлацијата е тука.

„Животните намирници кои најмногу се трошат и најмногу влијаат на животниот стандард се зголемени, мислам дека таа минимална плата веќе не ги задоволува критериумите да го заштити животниот стандард на вработените. Треба да се извага, со анализи и бројки, да се најде средина. Можеби не 450 евра, но нешто може секако“, вели Гацов за РСЕ.

Тој потенцира, дека ова е ригидно прашање и за власта бидејќи зголемен минималец ќе значи и поголеми буџетски расходи поради вработените во државната администрација, но од друга страна, тоа би донело и зголемени приходи во буџетот преку социјалните придонеси, персоналениот данок на доход... Затоа, потенцира, треба да се стави на вага и едната и другата страна.

Минималната плата во Северна Македонија се пресметува според методологија која претходната Влада, синдикатите и работодавците ја усогласија во февруари 2022 година. Меѓу критериумите за годишното усогласување на минималната плата се тоа да се прави со 50 проценти од годишниот раст на платата и 50 проценти од растот на трошоците за живот. Како новина тогаш беше вметнат условот минималецот да не биде понизок од 57 проценти од просечната плата во државата што ја објавува Државниот завод за статистика.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG