Достапни линкови

Вести

Мицкоски: Ако Преспанскиот договор е „ремек дело“, зошто да не се преслика во спорот со Бугарија

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски

Државата ни е блокирана од нерационален и билатерален спор, порача македонскиот премиер Христијан Мицкоски во своето обраќање на 20. Европски самит во Салцбург посветен на ЕУ и реформите.

Тој изјави дека дури и Бугарите да се внесат во Уставот, никој не гарантира дека тоа е последен услов за исполнување на некоја обврска и дека за шест месеци од сега нема да се бара нешто дополнително.

„ Ако Преспанскиот договор беше „ремек-дело“ на европската дипломатија, нешто што е, да речеме, 'брилијантно', зошто тогаш ова 'ремек-дело' не го повториме за изнаоѓање на конечно, трајно и одржливо решение за овој вештачки спор“, рече тој во својот говор.

Албанија на 15 октомври го отвори првиот кластер од преговорите со Европската Унија, додека Северна Македонија беше одвоена од тој пакет затоа што не го исполни условот да го смени Уставот и да ја внесе бугарската заедница во Преамбулата.

Ставот на Мицкоски е дека треба да се репреговара т.н. француски предлог од кој произлезе условот за уставни измени, односно тие да се направат, но со одложено дејство – да важат од моментот на зачленување на Северна Македонија во ЕУ. Идеја, којашто според претходното објаснување на Мицкоски, не е прифатена од ЕУ.

Мицкоски во својот говор во Салцбург истакна дека Бугарија досега не спровела и испочитувала вкупно 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права за регистрирање на здружение на Македонците кои живеат на тие простори, додека, како што вели , од друга страна бараат внес на Бугарите во македонскиот Устав, што, според него покажува отсуство на волја за приближување на работите.

Претходно на 15 октомври шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок, вели дека таа се залага за укинување на едногласност во ЕУ, но додека тоа не се случи, Северна Македонија мора да ги почитува компромисите, а тоа значи дека уставните измени се клучен чекор кон почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

Таа порача дека вметнувањето на бугарското малцинство во македонскиот Устав е последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ.

„Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“, изјави Баербок.

види ги сите денешни вести

„Рајнметал“ пренаменува две фабрики во Германија за производство на одбранбена опрема

Седиште на германската компанија „Рајнметал“, 23 јануари 2023 година.
Седиште на германската компанија „Рајнметал“, 23 јануари 2023 година.

„Рајнметал“, еден од најголемите европски производители на оружје, во понеделникот соопшти дека има намера делумно да пренамени две свои фабрики за делови за автомобили во Германија за производство главно одбранбена опрема, нагласувајќи го влијанието на очекуваниот пораст на трошоците во Европа во услови на тензии со САД поради војната во Украина.

Промената ќе влијае на погоните на „Рајнметал“ во Берлин и Нојс, каде што компанијата моментално произведува делови за автомобилската индустрија, која се соочува со предизвици бидејќи германските производители на автомобили се борат со високите трошоци и конкуренцијата од странство.

Двете фабрики ќе станат дел од одделот за оружје и муниција на „Рајнметал“ и ќе бидат таканаречени хибридни погони, бидејќи ќе продолжат да произведуваат за автомобилската индустрија.

„Пред сè, фабриките ќе имаат корист од индустриската сила што ја има „Рајметал“ групацијата како главен снабдувач на воена опрема, како и од силната побарувачка на клиентите во Германија и во целиот свет“, изјавија од компанијата за Ројтерс.

„Рајнметал“ соопшти дека не се донесени конечни одлуки во врска со структурата на компанијата.

Фрлен експлозив врз рускиот конзулат во Франција на тригодишнината од војната

Пожарникарите со робот за деактивирање на експлозивна направа, Марсеј, 24 февруари 2025 година.
Пожарникарите со робот за деактивирање на експлозивна направа, Марсеј, 24 февруари 2025 година.

Три рачно изработени експлозивни направи се фрлени врз рускиот конзулат во јужниот француски пристанишен град Марсеј во понеделникот, изјави полициски извор, додавајќи дека нема повредени.

Два направи експлодираа во нападот на третата годишнина од руската инвазија на Украина, изјави изворот.

Конзулатот беше затворен од полицијата, а новинарите на Агенцијата Франс прес слушнаа детонација предизвикана од робот за депонирање бомби.

Руското Министерство за надворешни работи го осуди како што го нарече „терористички напад“.

„Експлозиите на територијата на рускиот генерален конзулат во Марсеј ги имаат сите знаци на терористички напад“, изјави за руските новинари портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.

„Бараме земјата домаќин да преземе темелни и брзи истражни мерки, како и чекори за зајакнување на безбедноста на руските мисии во странство“, рече Захарова.

Франција брзо го осуди инцидентот.

„Франција го осудува секое нарушување на безбедноста на дипломатските објекти“, изјави за новинарите портпаролот на Министерството за надворешни работи.

„Неприкосновеноста, заштитата и интегритетот на дипломатските и конзуларните објекти и нивниот персонал се основни принципи на меѓународното право“, додаде портпаролот.

Украина во понеделник ја одбележува третата годишнина од инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин на Украина на 24 февруари 2022 година, со што започна најголемиот конфликт во Европа од Втората светска војна.

Повеќе од десетина странски лидери го посетија Киев во понеделникот, додека францускиот претседател Емануел Макрон е во посета на Соединетите држави за да се сретне со претседателот Доналд Трамп во услови на обновени поделби меѓу Вашингтон и Европа за тоа како да се стави крај на конфликтот.

Украина вели дека е во „последна фаза“ од разговорите за минерали со САД

Украинското знаме
Украинското знаме

Украина и Соединетите Држави се во завршна фаза на разработка на деталите од договорот со кој Вашингтон би добил пристап до украинските природни ресурси во замена за американска поддршка, соопшти во понеделникот Киев.

Преговорите ги зголемија тензиите со американските официјални лица кои вршат притисок врз Украина да го потпише договорот и покрај инсистирањето на Киев дека првичните нацрти немаат витални безбедносни гаранции.

„Украинските и американските тимови се во завршна фаза на преговорите во врска со договорот за минерали. Разговорите беа многу конструктивни, со речиси сите клучни детали финализирани“, рече вицепремиерката Олга Стефанишина на мрежата Х.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека има за цел да добие конкретни безбедносни гаранции од Соединетите Држави во замена да му овозможи на Вашингтон пристап до клучните ресурси.

Американскиот претседател Доналд Трамп побара од Украина да им даде пристап на САД до минерали од ретки земји како компензација за воената помош што Киев ја доби во времето на претседателот Џо Бајден.

„Ние сме посветени да го завршиме ова брзо за да можеме да продолжиме со потпишувањето“, додаде Стефанишина во нејзината објава на социјалните мрежи.

Таа рече дека се надева оти Трамп и Зеленски ќе го потпишат договорот во Вашингтон „за да ја покажеме нашата посветеност во децениите што доаѓаат“.

Во НАТО се одбележуваат три години од инвазијата на Русија врз Украина

Говор на заменик-генералниот секретар на НАТО Радмила Шекеринска на церемонијата по повод три години од целосната инвазија на Русија на Украина
Говор на заменик-генералниот секретар на НАТО Радмила Шекеринска на церемонијата по повод три години од целосната инвазија на Русија на Украина

Заменик-генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска ја истакна важноста на континуираната поддршка на Украина за време на церемонијата на 24 февруари 2025 година, по повод три години од инвазијата на Русија врз Украина.

Заедно со Наталија Галибаренко, украинската амбасадорка во НАТО, Шекеринска потврди дека „НАТО е решен да ја поддржи Украина преку предизвиците што претстојат. Храброста, издржливоста и силата на украинскиот народ, војници и цивили – се инспирација за светот“.

Шекеринска ја истакна поддршката без преседан дадена на Украина од почетокот на целосната инвазија, истакнувајќи дека во 2024 година, сојузниците ветија 40 милијарди евра безбедносна помош за Украина, но всушност и испорачаа над 50 милијарди, од кои повеќе од половина дојде од европските сојузници и Канада.

Таа ја истакна важноста од континуираната поддршка со цел да се донесе праведен и траен крај на агресијата против Украина, нагласувајќи ја потребата од силни безбедносни гаранции и виталната улога што ќе треба да ја играат сојузниците.

Обраќањето беше проследено со едноминутен молк и музички настап на единицата за Културни сили на Украинските вооружени сили.

Избран градоначалник на Нови Сад, немири на протестот пред Собранието

Протест пред собранието во Нови Сад, 24 февруари 2025 година.
Протест пред собранието во Нови Сад, 24 февруари 2025 година.

Со мнозинство гласови од советниците, Жарко Миќин во понеделник беше избран за градоначалник на Нови Сад, додека дел од граѓаните и опозицијата протестираа пред Собранието. За неговиот избор гласаа сите присутни пратеници - 45 од вкупно 78. Советниците од опозицијата не беа во салата.

Жарко Миќин, советник од листата „Александар Вучиќ Нови Сад утре“ беше предложен за градоначалник од владејачката коалиција, предводена од Српската напредна партија (СНС).

Немири на протестот пред Собранието

Претставниците на новосадската опозиција ги повикаа граѓаните да протестираат, како што наведоа, да го изразат „незадоволството од обидот на СНС да избере нов градоначалник против волјата на мнозинството граѓани“ и да покажат дека „не можат да прифатат дека никој не одговарал за смртта на 15 лица“ во уривањето на крошната на железничката станица на 1 ноември минатата година.

Пред и за време на седницата на која беше избран новиот градоначалник, дојде до тепачка меѓу полицијата и насобраните граѓани пред собранието на Нови Сад.

Граѓаните и полицијата на протест пред Собранието на Нови Сад, 24 февруари 2025 година.
Граѓаните и полицијата на протест пред Собранието на Нови Сад, 24 февруари 2025 година.

Како што јави репортерот на Радио Слободна Европа (РСЕ), по неколкуминутно туркање, полицијата ги турнала граѓаните надвор од преминот што води кон Градското собрание. Насобраните на протестот фрлаа кон полицијата и зградата на Собранието со јајца, црвена боја, јогурт, брашно и тоалетна хартија.

Насобраните граѓани пред градското собрание на Нови Сад во 11.52 часот одржаа 15-минутно молчење во чест на загинатите во Нови Сад.

Тие уште еднаш побараа од полицијата да ги спушти штитовите и „да покаже почит“ кон жртвите од уривањето на настрешницата.

Опозицијата не го признава изборот на градоначалник

Обединетата новосадска опозиција соопшти дека не го признава изборот на градоначалник. Тврдат дека полицијата не им дозволила на советниците од опозицијата да влезат во зградата на Собранието.

Новосадската опозиција, која ја сочинуваат сите опозициски советнички групи, смета дека е невиден скандал што советниците за кои гласале 65.000 граѓани не добиле дозвола да влезат во салата и да учествуваат во расправата за избор на градоначалник на Нови Сад, ниту во гласањето, се вели во соопштението.

Како што велат, полицискиот кордон не им дозволил да влезат во салата иако ги држеле советничките карти.

Голем број полицајци пред Собрание во Нови Сад, 24.02.2025
Голем број полицајци пред Собрание во Нови Сад, 24.02.2025

Министерството за внатрешни работи соопшти дека не се точни тврдењата дека полициски службеници спречиле советници од опозициските партии да влезат во Градското собрание и да присуствуваат на седницата.

Петмина полицајци повредени, соопшти МВР

МВР соопшти и дека петмина полицајци се повредени во обидите на група насобрани граѓани да го пробијат полицискиот кордон и на кои им е укажана лекарска помош.

„Без никаков повод и причина, голем број од насобраните нападнаа полициски службеници со чамци, камења, јајца, јогурт, боја и други предмети, иако полициските службеници единствено преземаа активности за обезбедување на работата на Градското собрание и одржување на јавниот ред и мир, што е нивна професионална задача и законска обврска“, се вели во соопштението.

Се додава дека „за да го одбие нападот“, полицаец употребил спреј со иритант.

Вкупно 14,7 милиони евра за реконструкции на болницата „8 септември“ и охридскиот аеродром

ГОБ 8 Септември - Скопје
ГОБ 8 Септември - Скопје

Владата на Северна Македонија најави 12 милиони за реконструкција на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември" и 2,7 милиони за реновирање на охридскиот аеродром "Св. Апостол Павле", соопштија на заедничка прес-конференција во Владата, премиерот Христијан Мицкоски и министрите за транспорт и за здравство, Александар Николовски и Арбен Таравари.

Според најавите, болницата до октомври годинава се очекува да биде целосно реконструирана. Со планираните активности е предвидено да биде опфатен оперативниот блок од седум хируршки сали, две за абдоминална хирургија, две за уролошки интервенции, една сала за уво, нос и грло, една за очна хирургија и една за роботска хирургија.

Сите сали ќе имаат најнова опрема, хируршки маси у машини за анестезија, медицински компјутери, дефибрилатори и друг инвентар.

„Здравството, морам да напоменам, беше една од најзапоставените области каде континуираната негрижа од минатата влада доведе до распаѓање и на така дотраените болници и капацитети. Тука морам да оддадам почит на голем дел од посветениот здравствен кадар, кој и во едни такви услови продолжи да работи посветено и во едни супстандардни услови го дава својот максимум. Сѐ на сѐ, ова се крупни инвестиции и зафати за објекти кои се од суштинско значење за нашата држава“, посочи премиерот Мицкоски.

Охридскиот аеродром ќе добие нова административна зграда од 250 метри квадратни, а реновирани ќе бидат и останатите сегменти.

Низа апсења поради уривањето на настрешницата во Нови Сад

Железничка станица еден месец по падот на настрешницата од зградата на станицата, во која животот го загубија 15 лица
Железничка станица еден месец по падот на настрешницата од зградата на станицата, во која животот го загубија 15 лица

Поради уривање на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, во понеделникот уапсена е С.К. менаџерка за развој на инвестиции на акционерското друштво „Железничка инфраструктура на Србија“.

Уапсени се и претседателот на Комисијата за технички преглед на Железничката станица во Нови Сад, М.С., како и членовите на таа Комисија Ј.В. и М.Н.Ј., додека Б.К. е во бегство и за неа ќе биде предложена мерка притвор и потерница.

Како што соопштија од Вишото јавно обвинителство во Белград, тие се уапсени „во врска со извршување на повеќе кривични дела со коруптивен елемент, што резултираше со уривање на настрешница на таа железничка станица на 1 ноември 2024 година, при што загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени“.

Главниот јавен обвинител на Јавното обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, на прес-конференција рече дека Специјалното одделение за сузбивање на корупцијата постапува во овој случај одвоено од случајот на Јавното обвинителство во Нови Сад во кој е поднесено обвинението, како и одвоено од обвинителството кое го води обвинителството со финансирање на проектот за реконструкција на железничката станица во Нови Сад.

Тој додаде дека кривичните дела за кои се товарат осомничените се извршени на територијата на Белград, а не на територијата на Нови Сад каде што се случила несреќата.

„Случајот е формиран откако обвинителството ја разгледа кривичната пријава од 02.02.2025 година, приложените докази и писмената документација во врска со кривичното дело, која документација е објавена на веб-страницата на Владата на Србија“, рече Стефановиќ.

На 30 декември, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинителен акт против 13 лица, поради сомнение за невнимание при реконструкцијата на настрешницата.

Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димоски, како и поранешната директорка на јавното претпријатие „Железничка инфраструктура на Србија“, Јелена Танасковиќ.

10 обвинети се во притвор, Весиќ е во бегство, а Танасковиќ и Димоски се во домашен притвор.

На 3 февруари Вишото јавно обвинителство во Нови Сад објави дека истражува дали имало корупција при реконструкцијата на железничката станица.

Потоа, Врховното јавно обвинителство на Србија (СПП) на 12 февруари објави дека го префрлило случајот за корупција поврзан со работите на железничката станица во Нови Сад.

Фон дер Лајен најави нови 3,5 милијарди евра помош од ЕУ за Украина

Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија
Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија

Европа е тука да ја зајакне Украина во овој критичен момент и веќе во март ЕУ на земјата ќе и исплати дополнителни 3,5 милијарди евра помош, најави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на Меѓународниот самит за поддршка на Украина, што се одржува во Киев.

„Ќе презентирам и сеопфатен план за тоа како да ги зголемиме нашето европско производство на оружје и нашите одбранбени способности. И Украина, исто така, ќе има корист од тоа“, нагласи Фон дер Лајен, најавувајќи дека главен приоритет на ЕУ во наредните недели ќе биде да се забрза итната испорака на оружје и муниција за земјата.

Во говорот на Самитот што се одржува на третата годишнина од почетокот на руската агресија врз Украина, Фон дер Лајен оцени дека никој не сака мир повеќе од народот на Украина, но дека до праведен и траен мир се доаѓа само преку сила.

Претседателката на ЕК потенцира дека во тие рамки е и денешното усвојување на нашиот 16-тиот пакет санкции на ЕУ кон Русија.

„Ќе ги зголемиме казнените санкции против Русија, освен ако таа не покаже вистинска волја да се постигне траен мировен договор“, нагласи Фон дер Лајен.

Таа посочи дека 24 февруари 2022 година вечно ќе остане запомнет како неславен ден.

„Беше нападната мирна нација, без причина, поради империјалистичката опсесија на (рускиот претседател Владимир) Путин. Но, ние веруваме во слободна и суверена Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и ви се придружуваме за да ја обликуваме оваа иднина заедно“, додаде претседателката на ЕК.

Според неа, Путин повеќе од кога било се труди да ја добие оваа војна на терен и негова цел останува Украина да капитулира, потсетувајќи дека ЕУ и нејзините земји - членки досега обезбедија поддршка за Украина во износ од 134 милијарди евра.

Таа потенцира дека е потребно и зајакнување на отпорноста на ЕУ во услови кога таа презема поголема одговорност за сопствената безбедност, но дека кога се говори за безбедноста, не се мисли само на нејзината воена димензија.

„Целта е да се обезбеди прилагодлив, безбеден и конкурентен енергетски систем за Украина. Целосно ќе ги интегрираме пазарите на електрична енергија на Украина и Молдавија со нашиот пазар на електрична енергија до крајот на следната година. Ќе го искористиме целосниот потенцијал на огромните складишта за гас во Украина, од кои 80 отсто се наоѓаат близу до земјите членки на ЕУ. Ова генерира приход за Украина. Ќе ги забрзаме и инвестициите во обновливата енергија на Украина. Сите овие напори ќе резултираат со поголема енергетска безбедност и за Украина и за Европската Унија“, рече Фон дер Лајен.

Инаку, Фон дер Лајен заедно со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и 21 еврокомесар денеска престојуваат во Киев со цел да ја изразат непоколебливата поддршка на ЕУ за борбата на Украина за независност и слобода на третата годишнина од почетокот на руската инвазија.

МВР: Викендов 2.228 сообраќајни прекршоци, 718 за брзо возење

Контрола на полиција - архивска фотографија
Контрола на полиција - архивска фотографија

Во рамки на извршените сообраќајни прегледи во текот на изминатиот викенд, од 2.228 издадени платни налози дури 718 прекршоци се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина на движење, 106 се за возење во алкохолизирана состојба, како и 215 прекршоци што се однесуваат на управување без возачка дозвола.

Од МВР денеска соопштија дека заради непочитување на одредбите околу задолжителното користење на сигурносен појас евидентирани се 171 прекршок, плус 12 прекршоци за граѓани кои управувале моторцикли без заштитен шлем. За користење на мобилен телефон при возење изречени биле 45 прекршочни казни.

„Споредбено со минатиот викенд има благ пад по однос на прекршоците поврзани со неправилно паркирање – 451, додека пак регистрирани се 15 случаи на минување на црвено и 28 прекршоци од страна на пешаци, а согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“, се наведува во соопштението од МВР.

Системот „Безбеден град“ ќе почне да функционира од 1 јануари 2026 година, а првите казни за сообраќајни прекршоци ќе се изрекуваат од истиот датум. Пред тоа, возачите ќе добиваат предупредувања за направените прекршоци. За целосна имплементација на системот, потребни се измени во пет закони, кои до крајот на април треба да бидат доставени до Собранието.

Дел од проектот ќе бидат и возила со паметни камери што ќе регистрираат прекршоци како неправилно паркирање.

МВР објави дека од 1 до 20 февруари се изречени 18.132 казни за прекршоци во сообраќајот. Најчести прекршоци биле пречекорување на брзината (6.056), неправилно паркирање (4.213) и управување возило без возачка дозвола (1.510).

Пожар во фабрика во руски регион по украински напад со дронови

Украински дронови - архивска фотографија
Украински дронови - архивска фотографија

Остатоците од уништувањето на украинските беспилотни летала при уривање на земја предизвикаа пожар во индустриска фабрика во руската област Рјазан, изјави денеска гувернерот на регионот југоисточно од Москва.

„Според првичните информации, нема повредени, се проценува материјалната штета“, рече гувернерот Павел Малков во објавата на апликацијата за пораки Телеграм.

Малков не откри која фирма гори. База, информативен Телеграм канал близок до руските безбедносни служби, објави дека украинските беспилотни летала гаѓале рафинерија за нафта во Рјазан во сопственост на Роснефт.

Руските сили рано утринава го бомбардираа градот Харков, на третата годишнина од почетокот на војната во Украина, оштетувајќи компанија во предградието на градот, изјави градоначалникот Игор Терехов. Тој додаде дека нема повредени, а во тек е проценка на штетата.

Во Киев, како и во регионите Житомир, Суми и Харков е прогласена тревога поради напад на руски дрон, а засега нема информации за повредени или материјална штета.

Денеска се одбележува и третата годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина, а се очекува да продолжат руско-американските преговори за ставање крај на војната.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG