Двајца универзитетски професори од Правниот факултет се единствените кои за Радио Слободна Европа потврдија дека го советуваат премиерот Христијан Мицкоски. Професорот од катедрата по уставно право и политички систем и поранешен пратеник од редовите на ВМРО ДПМНЕ Александар Спасеновски вели дека потпишал договор со кабинетот на премиерот кој трае до крајот на оваа година. Договорот го има склучено како надворешен советник за европски интеграции и како што самиот вели, во оваа фаза од европските интеграции ќе биде давање совети и анализи кога ќе биде побарано тоа од него.
„Не гледам тука никаков проблем. На евроинтегративниот пат имаме две клучни обврски и тоа првата се оние реформи што произлегуваат од процесот и вторите се оние реформи кои се резултат на еден билатерален аранжман кој го има државата со Бугарија а се однесува токму на она што го работам на факултетот, а тоа се уставните измени“, вели Александар Спасеновски за Радио Слободна Европа.
Лазар Јовевски е второто професорско име од Правниот факултет кое се јавува како советник на премиерот. Професорот по трудово право и поранешен претседател на комисијата за труд и социјална политика, Јовевски за РСЕ исто така потврди дека е надворешен советник со едногодишен договор за прашања од неговата стручност.
„Мојот ангажман се однесува во делот за советување на трудови и социјални политики, анализа на законодавството но и на други документи поврзани со невработеност, социјална заштита и осигурување, работни односи. Значи се што е поврзано со трудово право, давање насоки во однос на подобрување на законодавството и се што допринесува на усогласување на законодавството со меѓународните и европските стандарди“, вели Лазар Јовевски за РСЕ.
Инаку Радио Слободна Европа контактираше со двајцата професори затоа што нивните имиња можат да се најдат како приматели на исплати од Владата на Северна Македонија, податоци кои се јавно достапни на платформата „Отворени финансии“. Таму според до сега внесените податоци, Спасеновски има веќе две исплати од по 90 илјади денари и тоа во август и во септември. Јовевски пак до сега има само една исплата во септември и тоа на сума од 60 илјади денари.
Слични исплати и кон непотврдени советници
425970 е шифрата под која се вршени исплати од Влада, а кои можат да се најдат на алатката „Отворени финансии“. Таа всушност се однесува на „консултантски услуги“. Под таа шифра може да се најдат уште исплати кон две имиња со слична сума и речиси идентично време на исплати.
Трансакција кон Игор Николов е извршена на 26 септември , а сумата е 90 илјади денари. Радио Слободна Европа го праша претседателот на комисијата за здравство во ВМРО ДПМНЕ Игор Николов, дали тој е ангажиран и тој потврди дека е надворешен соработник. За РСЕ вели дека ќе биде советник на Мицкоски за реформи во здравството.
Како што може да се види од неговата страница на фејсбук веќе подолго време е активен на состаноци со актуелни функционери од власта, учествува на патувања со директорите на Фондот здравствено осигурување, како и во креирање на владини политики од областа на здравството. Инаку тој е и претседател на советот на Општина Бутел, професор и доктор нефролог, и едно од имињата кои се споменуваат како можен директор на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, ако се укинат поодделните клиники и се соединат во единствен правен субјект.
Слични исплати има и кон Сашо Марковски по ист основ на два пати во износ од 90 и 43 илјади денари. Тој е поранешен амбасадор во Германија, кој за РСЕ изјави дека ќе остави Владата да ги објави имињата на премиерските советници.
Владата не ги открива имињата на советниците
Пред повеќе од месец и половина синот на актуелниот директор на Управата за извршување санкции Александар Пандов, Столе Пандов на својот профил на ФБ објави дека во својство на „советник за млади на Претседателот на Владата“ имал можност да отвори настан. На прашањата на РСЕ дали и тој е меѓу официјалните советници бидејќи неговото име не се наоѓа на списокот на Отворени финансии, тој само не упати да поставиме прашања во хартиена форма испратени по пошта и тоа до канцеларијата на премиерот.
Одговорот од медија центарот на Владата е дека премиерот има право редовно да вработи 25 посебни советници во својот Кабинет , но до сега не е вработен ниту еден. Но имињата на надворешните советници не ги објавуваат.
„ Досега се работно ангажирани неколкумина надворешни советници кои се од редот на професори, научници, истакнати стопанственици и експерти кои поседуваат посебни знаења и искуства во областите на долгорочно стратешко планирање, во економскиот, политичкиот систем и човечките ресурси и одржливиот развој. Со оглед на фактот што тимот од надворешни советници се уште е во фаза на доекипирање, Ве информираме дека целиот список ќе биде објавен во јавноста по негово финализирање, како би се избегнало давање на половични и нецелосни податоци“, се вели во одговорот до РСЕ.
Од невладината „Транспаренси Интернешнл“ велат дека Владата мора да ги објави имињата, хонорарите и работните обврски на советниците на премиерот.
„Граѓаните и пошироката јавност имаат право да знаат кој го советува премиерот во насока на креирање на политиките кои не засегаат сите. Секако дека кај јавноста не објавувањето на имињата и хонорарите на советниците на премиерот остава сомнеж за постоење на кронизам и непотизам, меѓутоа не секогаш партиската припадност и блискоста значат кронизам и непотизам по автоматизам. Токму затоа доколку владата сака да ги тргне сите дилеми и сомнежи околу советниците на премиерот, мора во најкраток рок да ги објави имињата, хонорарите и областа на избраните советници“, вели Благоја Пандовски, претседател на Транспаренси.
И Мицкоски беше премиерски советник
Историјата со советниците и превезот на тајност беше тргнат по заминување на поранешниот премиер Никола Груевски. Меѓу она што тогаш го објавуваа медиумите може да се пронајде дека меѓу неговите тогашни советници за енергетика бил токму сегашниот премиер Христијан Мицкоски. По заминувањето на Груевски во 2017 та, новата власт на СДСМ објави дека тој имал 91 советник за кои годишно од државниот буџет се одлевале по 1,7 милиони евра. ВМРО ДПМНЕ пак демантираше дека се работи за вработени луѓе кои по систематизацијата имаат звање советник, додека надворешни биле само 20.
Поранешниот премиер Зоран Заев на стартот од функцијата ја продолжи „традицијата“ на неговиот претходник и објави дека има помалку - 39 надворешни соработници, но заедно со советниците и посебните советници се вкупно 63 ангажирани лица. За 39-те надворешните соработници кои тогаш ги ангажираше годишно се исплаќаа 307.000 евра. Во негово време за прв пат на сајтот на владата беа објавени и надоместоците кои тие ги земаат.
Неговиот наследник Димитар Ковачевски на стартот најави дека ќе има 12 надворешни советници и ги објави нивните имиња.
За сега сајтот на Владата се ажурира најчесто со вести од случувањата во кои учествува премиерот Мицкоски или дел од министрите. И покрај реакциите на новинарските здруженија и повеќе медиуми за потранспарентно објавување и на одлуки, вработени и нивните плати, сепак се уште стојат стари податоци на владиниот сајт.