Достапни линкови

 
Во април првата транша за Северна Македонија од Планот за раст

Во април првата транша за Северна Македонија од Планот за раст


Илустрација - Европски План за раст за земјите од Западен Балкан
Илустрација - Европски План за раст за земјите од Западен Балкан

Македонската влада ги има ратификувано потребните два договори и чека исплата на првиот дел од парите од европскиот План за раст, кои беше планирано да бидат достапни од почетокот на оваа година. Првите редовни плаќања се очекуваат помеѓу вториот и третиот квартал во 2025 година, одговорија од Европската комисија за РСЕ.

На почетокот на април, Северна Македонија можно е да ја добие првата исплата од европскиот План за раст тешка 52,5 милиони евра, дознава РСЕ од дипломатски извори.

Ова значи дека Владата за нешто повеќе од еден месец би ги имала на располагање парите од европскиот пакет во државниот буџет откако македонската Влада и Собранието ги усвоија двата потребни договори од Планот за раст кои се веќе испратени во Европската комисија во Брисел и чекаат потпис.

Планот за раст кој го усогласија Европскиот парламент и Советот на Европската унија во мај 2024 година, а беше одобрен во октомври истата година е во вкупна вредност од шест милјарди евра, опфаќа инвестиции и реформи на државите од Западен Балкан, како дел од реформската агенда 2024-2027 година.

За Северна Македонија се предвидени вкупно 750 милиони евра, доколку Владата успешно се придржува до домашните реформи кои самата ги ветила пред европските институции.

Од Европската комисија за РСЕ велат дека во моментов има пет амбициозни реформски агенди од петте балкански држави, вклучително и онаа за Северна Македонија. Исплатата очекуваат да се финализира што поскоро, откако ќе се завршат процедурите во Брисел.

„Комисијата сега ги финализира процедуралните чекори, кои треба да овозможат ослободување на предфинансирањето што е можно поскоро во 2025 година. Првите редовни плаќања се очекуваат помеѓу вториот и третиот квартал во 2025 година, по исполнување на бараните услови“, одговорија од Европската комисија за РСЕ.

За да отпочнат реформите од Планот за раст, земјите од Западен Балкан - ги побараа максимално предвидените 7% од предфинансирањето од вкупниот износ предвиден во првата фаза. Со текот на времето, исплатите на пари ќе зависи од напредокот во спроведувањето на мерките содржани во Агендите за реформи.

Македонската влада чека амин од Брисел

Владата во Северна Македонија на време ги има завршено домашните обврски кои налагаат нивно институционално ратификување во Собранието.

Европската регулативата предвидува да се потпишат два вида на договори - Спогодба за Инструментот за реформи за раст, кој ги дефинира ги утврдува правилата за финансиска соработка помеѓу Европската комисија и Владата на Северна Македонија и обврските и условите што земјата треба да ги исполни за ослободување на финансирањето преку Инструментот за реформи и раст.

Другиот договор, пак, е Договор за заем кој е во надлежност на Министерството за финансии и ги дефинира начинот на користење на финансиската помош која државата ја добива во форма на заем.

Како што информираат од Владата за РСЕ , во текот на минатата година, тимовите од Министерството за европски прашања и Министерството за финансии имале интензивна комуникација со тимовите на Европската комисија за да ги финализираат овие два договори и да се усвојат согласно националните процедури.

„Текстот на Спогодбата за инструментот за реформи и раст беше одобрен од Владата на 19 октомври 2024 година и потпишан од министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, кој на истата седница беше назначен и за Национален координатор за следење на Реформската агенда. Законот за ратификацијата на Спогодбата за инструментот за реформи и раст беше донесен од Собранието во јануари 2025 година и истиот е објавен во Службен весник. Законот за задолжување со заем кај Европската Унија по Инструментот за реформи и раст се донесе во Собранието во декември 2024 година, по што Договорот за задолжување беше потпишан и доставен до ЕК за потпишување од нивна страна“, гласи одговорот од Владата за РСЕ.

Откако оваа процедура ќе заврши и во Брисел, од Владата очекуваат да се комплетира правната рамка за повлекување на средствата од Инструментот за реформи и раст.

Првичната најава на Европскиот парламент беше дека првите исплати земјите од Западниот Балкан може да ги очекуваат до крајот на минатата година. Сепак, овој рок се пролонгира за најмалку за четири месеци во 2025 година.

Агенда за реформа на финансиите, правосудството, енергетика...

Преземените обврски во рамки на Планот за раст ја обврзуваат Северна Македонија да спроведе реформи во низа сфери.

Откако ќе ја добие првата транша од 52 милиони евра како предфинансирање почнува префрлањето на останатите пари според реализираните реформи. Една од нив е донесување на нов Кривичен законик. Рокот кој е поставен во агендата е декември 2025 година, до кога треба да се донесе и нов Закон за кривична постапка (ЗКП).

Ако бидат донесени според агендата, Европската комисија за двата закони ќе и исплати на државата речиси 13 милиони евра.

Предвидени се и реформи во делот на управувањето со јавните финансии. Предвидено е електронските аукции во постапките за јавни набавки да се намалат до најмногу 40% од бројот на објавените постапки, со рок за реализација декември 2025 година. Ако ова се спроведе на дело, државата ќе добие над 8,5 милиони евра.

Во делот на енергетиката, пак, ако Северна Македонија до 2027 година инсталира 800 мегавати нови капацитети обновлива енергија од соларни централи и ветерници ќе и бидат исплатени 8,5 милиони евра. Ова се само дел од најважните проекти во Планот што треба да ги спроведе земјата годинава.

Планот за раст ќе развива шест земји

Првите транши ќе изнесуваат седум отсто од вкупната сума доделена за секоја земја одделно. Оваа исплата е наречена предфинансирање.

Пресметката колку пари секоја држава ќе има на располагање се прави врз основа на бруто домашниот производ (БДП), населението и неколку други критериуми.

Северна Македонија ќе има на располагање 750 милиони евра, а предфинансирањето би изнесувало 52,5 милиони.

Нашиот северен сосед, Србија, ќе има на располагање 1,58 милијарди евра, а првата исплата во форма на предфинансирање би била во износ од 111 милиони евра.

Според прелиминарната пресметка, Албанија ќе може да добие вкупно 922 милиони евра, од кои 64,5 милиони ќе бидат во форма на предфинансирање.

Црна Гора ќе добие вкупно 383 милиони евра, од кои 26,8 милиони ќе бидат во форма на предфинансирање.

Косово ќе има на располагање 880 милиони евра, од кои 61 милион како предфинансирање.

Босна и Херцеговина за разлика од останатите земји е единствената која уште не испратила реформска агенда, а би трбало да добие една милијарда и 85 милиони евра.

Планот за раст за Западен Балкан е претставен како досега најамбициозниот финансиски пакет на Европската унија за регионот.

Планот почива на четири столба.

Првиот е подобрување на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ, со фокус на слободно движење на добра, услуги и работници, олеснување на патниот транспорт, интеграција и декарбонизација на енергетските пазари, единствен дигитален пазар, интеграција во индустриските синџири за снабдување,

Вториот, засилување на економската интеграција во земјите од Западниот Балкан, ќе претставува отклучување на економскиот потенцијал на регионот, создавање можности за бизнис и работници и претворање на Западниот Балкан во попривлечно место за европски инвеститори.

Третиот столб, забрзување на фундаменталните реформи треба да го подобри економскиот раст, вклучително преку привлекување на странски инвестиции и зајакнување на регионалната стабилност. Воедно, и да им помогне на партнерите од Западниот Балкан да напредуваат кон членство во ЕУ.

Последниот - зголемена финансиска помош треба да даде дополнителен финансиски поттик за спроведување на фундаменталните реформи.

Колку пари ќе успее да земе секоја држава на Европската комисија, ќе зависи од напредокот во спроведувањето на мерките од Агендите за реформи.

Ако Европската комисија утврди дека земјата не ги исполнува условите за исплата, го задржува правото да ја запре исплатата.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG