Поранешниот вицепремиер од партијата Демократска унија за интеграција (ДУИ) Артан Груби и еден судија се ставени на црната листа на САД. Гледате ли ефект во Северна Македонија од ставање на поединци на црната листа?
Во една смисла може да се гледа како позитивен, конструктивен и разбирлив чекор. Истовремено, разочарувачки е што многу години после таканаречената транзиција гледаме потреба САД да прават вакви чекори, коишто од друга страна се неопходни и правилни. Но, да се вратиме на првиот дел. Најдобриот показател дека ваквата одлука беше правилна од САД, кои за жал мораа да го стават поранешниот вицепремиер Артан Груби на црната листа, е дека самата ДУИ рече дека ја почитува одлуката. Фактот дека ДУИ го рече тоа и ја потенцираше важноста на односите со САД, тоа е позитивен чекор.
Како сега ја оценувате борбата против корупцијата во земјава?
Имате релативно нова Влада. Тие направија некои почетни потези, но треба да направат повеќе. Морам да кажам дека ја забележав реакцијата на премиерот (Христијан) Мицкоски, кој реагираше и го поддржа потегот на САД и тука повторно гледаме дека тоа се нагласува. Ја слушнавме и забелешката на амбасадорката на САД (Анџела) Агелер, која рече дека овие докази ви се достапни на сите и дека ова не се посебни докази кои ги имаат само САД. Така што одговорот на вашето прашање е дека од Мицкоски и од Владата мораме да видиме потези. Мораме да видиме потези против корупцијата од судскиот систем - од обвинителите и судиите - низ целиот политички спектар, низ етно-националниот спектар и тоа да не биде селективно.
Да, корупцијата е важно прашање во однос на интеграциите во ЕУ. Но, спорот со Бугарија ја држи земјата надвор од овој процес и почнувањето на преговорите. Владата вели дека се обидува да ги смени условите за почеток на преговорите. Можно ли е тоа да се случи?
Краткиот одговор е - не знам. Да, може да се слушнат претставници на ЕУ и САД кои велат дека не можете ова да го смените. Јас не го знам вистинскиот одговор. Очигледно е дека Бугарија е во силна позиција, бидејќи е членка на ЕУ, но истовремено таму има политички хаос, што е спротивно од Северна Македонија каде има многу јасна политичка ситуација, додека во Бугарија има многу хаотична политичка ситуација. Но, за ова може да има изјави и уверувања од ЕУ дека ќе се направат напори да биде сигурно дека Бугарија нема да продолжи да ги зголемува барањата. Дека нема да се случи да ги ставивте Бугарите во Уставот и потоа да има уште едно барање. Така што можеби има некои политички уверувања. Јас се залагам дека САД можат да преземат еднострани чекори да го заштитат македонскиот идентитет и исто така да ѝ сигнализираат на Бугарија.
Очекувате ли САД да се вклучат поактивно за уште еден билатерален спор да не ја кочи интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ?
Одговорот е да. Очекувам САД да застанат пред самата ЕУ, бидејќи правилата не можат. Мислам дека исто така земји членки на ЕУ индивидуално можат да обезбедат уверувања за ова и да дадат сигнали на силна посветеност дека кога еднаш овој услов ќе биде исполнет, нема повторно да се толерираат други услови. Мислам дека само така е фер и правилно, повторно да биде отворен процесот на ЕУ, бидејќи преговорите се исклучително важни за сите граѓани на Северна Македонија.
Очекувате ли дека инаугурацијата на Трамп ќе донесе брз крај на војната во Украина, како што тој впрочем најавуваше?
Одговорот е не, тоа не го очекувам. Ако тоа го направи во услови кои се поволни за Украина и за Западот, тогаш тоа ќе биде одлично. Но, не верувам дека Владимир Путин сега е во таква позиција и мислам дека тој се уште посакува победа. Многу е важно луѓето во оваа земја да разберат дека Владимир Путин ја доведе Русија во катастрофа што ќе ја оштети и самата Русија, не само Украина. Убиени се толку многу украински цивили, не само војска, и намерно е уништена многу од украинската инфраструктура. Но, со ова се уништува и самата Русија. Ова го направи Владимир Путин и мислам дека тоа го гледаме и во ситуацијата во Сирија, со брзиот пад на Асад. Видовме колапс дури и со поддршка од Русија и Иран. Ова е уште еден доказ за слабоста на Русија и неспособноста да направи нешто поради замката што ја креираше со агресивниот напад врз Украина. Но, не очекувам дека веднаш Доналд Трамп ќе може да преговара за фер разрешување на оваа војна.
Имате ли некаква идеја колку време овој процес ќе трае, очекувате ли брзо да почнат мировни преговори?
Верувам дека некои од клучните советници на Трамп прават обиди наскоро да донесат некаков вид заклучување на војната, бидејќи нивниот главен фокус е Кина и сакаат да го забрзаат крајот на војната во Украина. Тоа секој би сакал да го направи, кој сака да гледа и понатаму да умираат луѓе? Но, прашањето е под кои услови, бидејќи тоа е важно. Важно е да не му се дава на Владимир Путин некаков вид на победа која ќе има огромни последици врз Украина, во Европа, вклучително на Балканот и исто така во однос на Кина. Ако Кина види дека САД се согласни да се повлечат и да се откажат од Украина, ако тие го видат тоа ќе речат: тие се повлекоа од Украина, ќе се откажат и од Тајван.
Колку запирањето или продолжувањето на војната во Украина ќе влијае врз безбедносната ситуација на Балканот и решавањето на отворените прашања во овој регион?
Тука исто така гледам огромни последици. Регионот се уште има тензии, како што гледаме во Косово и Србија. Тука неодамна имаше терористички напад, како што објави Каја Калас – новата всушност министерка за надворешни работи на ЕУ. САД исто така рекоа дека ова е криминален, ужасен напад во Косово, со кој се направи обид да се урне водоводниот систем и да се загрози водата и електричната енергија во Косово. За ваков вид на напади гледаме дека постојат актери во регионот. Се што тие сакаат да видат е некаков сигнал дека Русија се рехабилитира, а дека САД и ЕУ се откажуваат. Агендата тука во регионот е слична: да се земе територија, да се делат граници, да се присилат луѓе да мораат се отселат, да се загрози суверенитетот на земјите, не само на Косово, туку и на Црна Гора и Босна и Херцеговина. Ќе биде многу опасно да се случи некаква капитулација кон Путин.
Вие во една ваша изјава рековте дека кризата меѓу Косово и Србија им носи корист на лидерите од двете страни. Гледате ли сега во Северна Македонија слична ситуација, бидејќи политичарите од македонскиит и албанскиот блок се повеќе зборуваат за потенцијална дестабилизација?
Не, не ги споредувам овие две ситуации. Ситуацијата во Северна Македонија е целосно различна од онаа во Косово и Србија. Овде сакам да бидам многу јасен дека Србија и Косово не се еднакво одговорни за ситуацијата. Србија одбива да го признае Косово и го прифаќа статус квото да го држи Косово во неизвесна ситуација. Србија има поголема одговорност за ситуацијата во Косово. Но, секако дека премиерот Албин Курти има своја одговорност и тој исто така треба да покаже дека косовските Срби се целосни граѓани на Косово и дека Владата во Приштина ги почитува и ги смета целосно како граѓани на земјата.
ДУИ смета дека иницијатавата во Уставниот суд за Законот за јазиците го загрозува Охридскиот рамковрен договор. Кој е вашиот став?
Единствената иднина која може ја зачува Република Северна Македонија како независна суверена земја и наследството на Македонците и на Албанците кои живеат тука, е преку одржувањето и почитувањето на оваа земја како унитарна и суверена земја и тоа го прави Охридскиот рамковен договор. Во него нема територијални поделби, нема кантони, нема ентитети... Ја гледаме БиХ и велиме дека ова е катастрофа. Го гледаме Косово и ситуацијата на северот и одбивањето да се признае – катастрофа. Северна Македонија не може да си дозволи да биде уште една, трета балканска катастрофа. Охридскиот рамковен договор е одличен и фер договор и ако имате за него несогласувања, разговарајте за нив, консултирајте се со пријателите. Тука се САД и ЕУ, консултирајте ги нив и направете фер решенија. Јас сум сигурен дека можат да бидат направени.
Колку решавањето на кризите на Балканот ќе зависи од процесот на проширување на ЕУ?
Процесот на проширување игра искучително важна улога. Замислете, Самитот во Солун во 2003 кога ЕУ рекоа дека ја отворија вратата за балканските земјите. И од 2003, десет години подоцна Хрватска во 2013 година стана членка и потоа всушност ништо. Во останатите 6 земји од Западен Балкан нема прогрес, ЕУ исто така се предомисли. Владимир Путин повторно ја отвори можноста за проширување заканувајќи ѝ се на цела Европа. Конечно ЕУ се разбуди дека треба Балканот да го третираат сериозно и да креираат реалистични можности да се приклучи. Тие го имаат тоа. Црна Гора секако ја има оваа можност и ако се реши нивната внатрешна и надворешна политичка ситуација, таа има пат. Северна Македонија може да го има истиот пат, очигледно ја имате блокадата од Бугарија, но погледнете ја позицијата која ја има Хрватска. Таа не е совршена земја, како ни некои долгогодишни земји членки на ЕУ, не се ниту тие совршени. Но, ситуацијата на Хрватска со нејзините соседи, со БиХ, со Србија, не може да се спореди од било кој аспект. Предностите се јасни за влезот во ЕУ. За пречката од Бугарија, мислам дека Владата мора да работи со САД и клучните земји членки на ЕУ и ќе може да ја надмине.