Вонредниот попис на телевизори набавени преку тендери за потребите на Државна лотарија е завршен.
Како што дознава РСЕ, пребројувањето на набавените уреди е направено по барање на Финансиската полиција, која ги истражува тендерите за купување на телевизори во различни димензии од кумановската компанија „Ритрон копи“ во сопственост на Артан Ајрули.
Се „чешлаат“ испораките од кумановската компанија за бројот на доставени телевизори и дали се работи за истите брендови за кои биле склучени договорите.
Државната лотарија треба, но, се уште не ја доставило листата со наоди до Финансиската полиција. Што покажало пребројувањето, во Државна лотарија прашавме, но не добивме одговори.
Од Финансиската полиција не откриваат дали компанијата „Ритрон копи“ ја истражуваат само за овие или и други јавни набавки.
Пред четири месеци, РСЕ објави дека истражители проверуваат и други тендери на Државна лотарија за маркетинг и промоција поврзани со оваа оваа компанија.
Станува збор за компанија на млад кумановец кој склучи договор за набавка на терминали за коцкање за потребите на Државна лотарија.
РСЕ пишуваше дека тендерот тежок околу 205.000 евра го доби компанијата „АП Солутионс“, чиј сопственик и управител Фљамур Невзатовски според информациите на РСЕ во тој период бил вработен во „Ритрон копи“, компанијата која всушност била и единствената конкуренција на тендерот.
19-годишниот Невзатовски тогаш не одговори на прашањата на РСЕ кои се неговите познавања од трговија и аплицирање на тендери со оглед на неговата возраст, од каде ќе ги набави терминалите за Лотарија и дали е можеби фиктивен сопственик на „АП Солутионс“.
Јавно објавените податоци за компанијата „Ритрон копи“ на Фејсбук тогаш открија и фотографии од 2016 година на сопственикот на „Ритрон копи“, Артан Ајрули и Перпарим Бајрами, кој во тој момент нема никаква функција во Државната лотарија.
Анализата на тендерите, пак, покажа дека од јануари 2022 година, период кога Перпарим Бајрами ја презема раководната позиција како генерален директор во „Државна лотарија“, компанијата „Ритрон копи“ се појавува како победник на тендери во акционерското друштво.
Бирото за јавни набавки покажува дека Државна лотарија склучила шест договори со оваа компанија за набавка на телевизори, компјутерска и комуникациска опрема, мултифункциски уреди и графички станици за ТВ извлекување.
Договорите се склучени во период од јуни 2022 до средината на октомври 2023 година. Нивната вредност изнесуваше 365.252 евра.
По заминувањето на Перпарим Бајрами од раководната позиција, Државната лотарија ги стопираше рамковните договори и повеќе не ги користи нивните услуги.
Проценката за закупот многу поевтина од договорот
Освен тендерите во Државна лотарија, како што дознава РСЕ од извори во истрагата, Финансиската полиција го истражува и договорот за закуп на поранешниот ресторан за свадби во скопско Визбегово. Според договорот, Државна лотарија требаше да плаќа околу 25.000 евра месечна кирија со ДДВ, односно околу 2,6 милиони евра за период од 10 години.
Дел од веќе собраната документација е и записник од Државната лотарија, која во септември ангажирала проценител кој утврдил дека цената за рентање по квадратен метар во тој реон во Скопје се движи од 2,5 - 4,5 евра. А според склучениот договор со фирмата „Хеј ДООЕЛ“, изнесувала два до три пати поскапо. Дополнително, се испитува и оправданоста дали Државната лотарија реално имала потреба од нов објект.
РСЕ веќе пишуваше дека од склучувањето на договорот на 5 јули 2023 година до крајот на август, односно за период од 13 месеци, Државната лотарија и исплатила на „Хеј ДООЕЛ“ на Асмир Јахоски, кој е газда на фирмата „Пуцко Петрол“ и син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски над 300.000 евра за закуп на објектот.
Прв управител на „Хеј ДООЕЛ“ беше Натура Груби Бела, братучетка на екс вицепремиерот Артан Груби, а братот на нејзиниот сопруг беше дел од обезбедувањето на поранешниот министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
По истражувањето на РСЕ и со смена на раководството на акционерското друштво, на 23 септември, Државната лотарија еднострано го раскинува договорот за закуп на нови деловни простории каде требаше да се пресели.
Државна лотарија му плаќаше закупнина до 31 октомври 2024 година. Таму беа сместени милионски вредните ВЛТ терминали купени во времето на претходниот директор Перпарим Бајрами, кој заедно со Артан Груби и четворица од Комисијата за јавни набавки при Државна лотарија се опфатени во истрагата на Обвинителството за нивната незаконска набавка.
Против нив е поднесена кривична пријава за набавка на ВЛТ апаратите за коцкање кои фаќаа прашина во објектот во Визбегово како и спроведувањето огласи за формирање на четири компании за интернет игри на среќа, за кои Обвинителствтото вчера на 16 декември соопшти дека биле основани незаконски.
Екс премиерот Ковачевски на „стенд бај“
Во кривичната пријава, покрај поранешниот вицепремиерот Артан Груби, опфатен е и екс премиерот Димитар Ковачевски и екс генералниот секретар на поранешната Влада, Методија Димовски.
Сепак, против Ковачевски нема постапка во моментов. Во јавноста, остана да лебди прашањето за неговата улога во кривичната пријава, па Обвинителството излезе со дообјаснување дека тој не е дел од истрагата, но дека ги истражуваат наводите во пријавата од МВР и не е отфрлена нивната вмешаност.
„Напоменуваме двете лица што ги наведувате се пријавени за сосема друг временски период и за други дејствија, а на седницата на 06.06.2023 година кога точка на дневен ред била наведената одлука претседавал единствено сега осомничениот“, информираа од Обвинителството.
Извори од истрагата за РСЕ велат дека за Ковачевски има полициски сомневања кои воопшто не се поврзани со набавката на ВЛТ апаратите, туку за други одлуки поврзани со Државната лотарија, кои ги носел како претседавач со седница на Владата. Тие наводи во кривичната пријава, ОЈО допрва треба да ги утврдува.
Во меѓувреме, Обвинителството побара, а судија на претходна постапка при Кривичниот суд им ги одзеде пасошите на четворица осомничени во истрагата за Лотарија и ги задолжи повремено да се јавуваат во судот.
На 17 декември попладне, Кривичниот суд им одреди триесетдневен притвор на Груби и на Бајрами. Потоа Јавното обвинителство издаде наредба до МВР за објава на национална потерница и распишување меѓународна потерница за нив.
Завчера, Артан Груби самиот напиша на Фејсбук дека не е во бегство и се наоѓа во приватна посета во Косово.
„Веднаш штом завршам обврските, ќе се вратам дома кај моето семејство“, напиша Груби.
Ден потоа кога полицијата вршеше претрес на две негови локации, не го пронајде дома.
На 9 декември, Стејт департментот ги стави Груби и неговото семејство на црната листа на САД.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека и Артан Груби и Перпарим Бајрами не се наоѓаат на територија на Северна Македонија.
За Груби рече дека „заедно со уште едно лице, стопанственик во возило со дипломатски таблички ја напуштил Македонија и последно се упатил кон нашиот северен сосед Косово“. Додека за екс директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами дека подолго време не се наоѓал во државата.
Ако Кривичниот суд за нив донесе одлука за затворски притвор, тогаш МВР ќе распише домашна и меѓународна потерница.