Упатство за вршење алко-тестирање секое утро им посакува добредојде на вработените во комуналното претпријатие во Берово. Истакнато е уште на влезната врата во Јавното претпријатие за комунални работи.
Берово, градот познат по беровските сирење и ракија, не е единствениот каде одлучиле алко-тестирањето да го воведат како опција, барем на хартија, за да воспостават ред и дисциплина меѓу вработените. Како пракса тоа постои и во јавни претпријатија во други градови, во државни фирми, како и во низа компании од приватниот сектор. На пример, во Македонска Каменица.
„Се решивме да ја воведеме оваа пракса за да воспоставиме ред и дисциплина и бевме едни од ретките кои го правеа тоа. Имаше случаи кога беа откриени лица под дејство на алкохол за што си имаше и соодветни дисциплински постапка“, вели Влатко Димитровски, директор на Јавното претпријатие „Камена река“ во Македонска Каменица.
Алко-тестирањето од страна на работодавецот не им е непознато ниту на судовите каде завршувале вакви случаи. Еден од нив е во спор каде била тужена РЕК Битола, подружница на државната Електрани на Северна Македонија (ЕСМ). Вработен бил тестиран и утврдено дека пиел алкохол, па избркан од работа. Тужел, но го загубил спорот.
Во минатото имаше сомневања и за алкохолизирани пратеници, па беше предлаган и алко-тест пред влегување на седница на собранието.
Според извештајот наСветската Здравствена Организација од 2024, кој се однесува на употреба на алкохол, се констатира дека македонските граѓани постари од 15 години годишно консумираат по 4,6 литри алкохол.
Рекордери, пак, во светски рамки се Чесите, со консумирање 13,3 литри алкохол годишно по глава на жител.
Тестирање на храната во старечките домови и училиштата
Агенцијата за храна и ветеринарство извршила вонредни контроли во 41 дом за стари лица за да проверат храната што им се дава.
Меѓу другото, инспекторите утврдиле дека 14 од домовите воопшто и не биле регистрирани како оператори за храна. Кај дел од останатите биле забележани низа пропусти, како: замастени работни површини, неправилна селекција на храна, лоши разладни уреди, несоодветно чување на храната, неводење записи за температура, за чистење и дезинфекција на просторијата, приборот и опремата за работа и други.
Од почетокот на годинава инспекторите влегле и во 167 кујни во училишта и градинки за да ја проверат безбедноста на храната за децата, а билансот од нив бил дваесетина издадени налози за отстранување на недоследности.
Иста акција, во октомври, од АХВ спровеле и во 92 игротеки меѓу кои имало 16 кои не се регистрирале како оператори со храна. Осум, пак, не ги задоволувале хигиенските барања, во 16 вработени не направиле здравствени прегледи.
Инспекторите изрекуваат казни, времено затвораат објекти, издаваат наредби за отстранување на пропустите. Но, често, пропустите се отстрануваат дури откако ќе се појави поголем проблем. Последниот пример со проблемите со училишната храна беше уште во првиот месец од оваа учебна година. Околу 140 ученици од вкупно 360 кои се хранат во целодневна настава во „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром во септември имаа симптоми на труење, по што кујната таму беше затворена.
Контроли во кујните во училиштата и градинки, според Годишниот план на АХВ, се прават најмалку три пати годишно според категоризација на објектите по ризик. За старечките домови, поретко.
Тест за издржливоста на јавниот долг
И оваа Влада ќе продолжи со задолжувања, а се очекува до крајот на оваа година државниот долг да достигне 53,7 отсто од Бруто Домашниот Производ, додека јавниот 62,7 отсто, според Предлог-буџетот за 2025 кој изнесува рекордни 6,5 милијарди евра.
Економски експерти за РСЕ изразуваат скептицизам за владиниот планиран раст на БДП од 3,7%, додека позајмените пари главно ќе се користат за исплата на старите долгови.
Професор Бранимир Јовановиќ од Институтот за економски истражувања во Виена, за РСЕ, вели дека ваквите владини предвидувања се нереални и неостварливи, укажувајќи дека македонската економија раст од 3,7 отсто последен пат имала во 2021 година поради огромниот пад во претходната, пандемиска 2020 година.
Предлог-буџетот за 2025 година е во собраниска процедура. Тој меѓу другото предвидува капитални инвестиции од 800 милиони евра, што е за 50 милиони евра повеќе од претходниот буџет за оваа година. Но, досега, речиси секогаш, капиталните инвестиции остануваа нереализирани, па парите се префрлаа за други намени.
Економскиот аналитичар Арбен Халили за РСЕ вели дека и оваа Влада зема нови заеми, без да има јасни цели за зголемување на домашната продуктивност.
„Сите претходни влади го зголемуваат надворешното задолжување и тоа скоро 90 проценти се користи за враќање на стари долгови“, вели Халили.
Тест за македонска политичарка на висока функција во НАТО
Радмила Шекеринска е првата жена политичарка од Западен Балкан на висока функција во НАТО. Во вторникот, (19.11.) беше соопштено дека таа е избрана за заменик генерален секретар на НАТО.
Шекеринска, која беше министерка за одбрана на Северна Македонија од 2017-2022 година, имаше значајна улога во процесот на пристапување на земјата во НАТО во 2020 година.
Шекеринска по објавата за нејзиното назначување, на социјалната платформа Х напиша дека ќе и биде привилегија да служи како заменик генерален секретар на НАТО под раководството на Марк Руте.
„Посветена сум на работата со сите сојузници кон уште посилна и побезбедна Алијанса“, напиша таа.
Улогата на заменик-генерален секретар доби на важност во текот на изминатава деценија. Примарната задача е да го заменува шефот и да претседава со состаноците на 32-ца амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.
Американската амбасадорка Анџела Агелер, во честитката до Шекеринска напиша:
„Чеситки до Радмила Шекеринска идниот заменик-генерален секретар на НАТО, како и до премиерот Христијан Мицкоски и за Владата на Северна Македонија што ја поддржаа нејзината кандидатура. Моќен доказ за стручноста и искуството на Шекеринска и на улогата на Македонија како ценет сојузник на НАТО и партнер на САД“, напиша Агелер на мрежата Х.
Ексклузивно видео: Како руските сили убија украински продавач во масакрот во Буча
Ова е ексклузивната приказна за еден украински дуќанџија, волонтер на територијална одбрана, чие тело беше пронајдено, со врзани раце и рана од куршум во главата, на местото на напуштениот руски штаб во Буча. Олексиј Побихај беше меѓу стотиците Украинци масакрирани од окупаторските руски сили во март 2022 година.
Користејќи прислушувани телефонски разговори, претходно необјавени видеа, документи и изјави на сведоци, РСЕ ја состави приказната за животот и смртта на Побихај. Гледајте го екслузивното видео.
*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org