Достапни линкови

Загрижена влада


Владата, со флаери низ супермаркетите потсетува дека се грижи за нас, ама трошоците сѐ поголеми. Минималната плата ќе почека. Градот Скопје во долгови, а Охрид во проблеми со фекалиите. Њузлетер 18.10.2024

Владата се грижи, трговците се снаоѓаат, а граѓаните плаќаат

Поминаа повеќе од две недели откако владата ја ограничи бруто профитната маржа на 10 отсто на 73 производи. Во таканаречената „есенска кошничка“ влегоа леб, пекарски и млечни производи, млеко, месо и преработки од месо, дел од конзервните производи, овошје, зеленчук, ориз, грав, тестенини... Мерката ќе трае до 31 октомври.

Рафтовите на маркетите се накитени со флаери на кои пишува: „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ – „Се грижиме“.

Но, какви се ефектите сведочат граѓаните. „Поевтини се само средствата за чистење, ама тие не се јадат. Храната е поскапена, а таа што не е, сега се продава со намалена грамажа“, вели скопјанката Снежана С.

Граѓани велат и дека времето додека власта ја усогласуваше кошничката, трговците го искористиле за да ги зголемат цените. Исто така, забележуваат повисоки цени на производи што не се опфатени со мерката.

И Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) извршил повеќе вонредни инспекциски надзори во маркетите и утврдил низа манипулации. Инспекторите забележале дека трговците ја менуваат грамажата на производите, особено кај кафе, леб, и кисело млеко. Дополнително, користеле манипулативни мерни единици - наместо да нудат вода и јогурт во стандардни литри или милилитри, во маркетите се појавуваат амбалажи во килограми или грамови. Тоа им овозможува да заштедат на трошоците, но потрошувачите плаќаат повеќе.

Економскиот експерт Павле Гацов смета дека мерките како што е замрзнување на маржата, не даваат ефект.
„Таа мерка е краткорочна, неефикасна, непазарна. Треба да се најдат механизми кои треба да бидат структурни“.

И министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска потврди дека на владината седница, на која се носела одлуката за ограничување на бруто-профитните маржи, била против ваквата мерка.

Грижата за платите би можела да има слоган: „повеќе за себе“

Зголемување на минималната плата за околу 90 евра, за синдикатите е оправдано и неопходно за македонскиот работник во услови на зголемени трошоци, за работодавците, пак, неоправдано, носи ризици и може да биде неиздржливо за дел од бизнисите.

Скок на минималецот од сегашните 365 евра на 460 евра беше барање кое од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) го адресираа до новата Владата уште на првомајскиот протест, пред да се одржат парламентарните избори.
„ССМ смета дека во услови кога Синдикалната минимална кошница изнесува 61.306 денари, а само делот за храна и пијалаци изнесува 23.034 денари неопходно е да се разговара за раст на платите во Македонија“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ), претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ) вели дека усогласување на минималецот со растот на трошоците и со просечната плата секако ќе има, како што е законски предвидено, во март 2025 година, но смета дека паушално зголемување не е оправдано по никаков случај.
Според него, „паушално зголемување на минималецот“ би значело зголемување на платите на најслабите работници и нивно израмнување со добрите работници кои би се демотивирале во компаниите кои не се во можност да ги покачат и нивните плати“.
Тој смета дека платите треба да се зголемат, но до тоа да се дојде на поинаков начин – со зголемување на продуктивноста што, додава Димитров, се прави со нова технологија, промена на структурата на стопанството, подобро знаење и кај работниците и кај работодавците.

Како потсетување, избраните и наименувани функционери од април минатата година земаат плати повисоки за 78 отсто.

Кој се грижи за буџетот на град Скопје

Градот Скопје за година и пол го зголемил својот долг за најмалку три пати. Ако во првото тримесечје лани градот имал неисплатени сметки во вредност од 3 милиони евра, во првото тримесечје годинава доспеаните неплатени обврски изнесуваат 9 милиони евра, а веќе во второто тримесечје тие достигнале речиси 11 милиони евра.

Од градот за Радио Слободна Европа велат дека буџетот е стабилен, и дека неисплатените обврски се долгови од претходните скопски градоначалници. Но, оттаму не одговараат на клучното прашање - на што се потрошени 11 милиони евра, односно на што се должи растот на долгот за последнава година и пол од 3 на 11 милиони евра?

Растот на долгот на Градот Скопје и на јавните претпријатија кои се под капа на Градот, два пати го нотира меѓународната рејтинг агенција Стандард и Пурс.
„Го потврдивме нашиот рејтинг „ББ -“ за Скопје и ја задржавме негативната прогноза“, се вели во соопштението на светската рејтинг агенција „Стандард и Пурс“.

Но, проблемот е уште поголем. Под капата на Градот Скопје работат осум јавни претпријатија и тоа депонијата Дрисла, Јавно Сообраќајно Претпријатие Скопје (ЈСП), Паркови и зеленило, Градски паркинг, Улици и патишта, Комунална Хигиена, Водовод и канализација и претпријатието за животни скитници „Лајка“.

Вкупни неплатени долгови на пет од нив, во вториот квартал од годинава, изнесуваат 24 милиони евра, покажуваат податоците од министерството за финансии. Какви се услугите од овие јавни претпријатија е добро познато.
Заедно со доспеаните обврски на Градот, вкупниот долг изнесува најмалку 35 милиони евра.

И тоа не е се... Па така, со потпис на скопската градоначалничкаДанела Арсовска и директорот на скопското јавно претпријатие „Паркови и Зеленило“, Сефи Шабани, Градот Скопје лани склучил договор за набавка на садници вредни и до 600 евра по стебло. Градот Скопје лани склучил три рамковни договори со две фирми „Хорти Експерт“ и „Хорти Дизајн“ во вкупна вредност од 900 илјади евра.

За споредба толку изнесува и јавната набавка на градот за реконструкција на скопската улица „Перо Наков“ во општината Гази Баба, која е долга два километри.

Целото истражување на РСЕ, можете да го прочитате ТУКА.

Инфографика - Долгот на скопските претпријатија изнесува најмалку 24 милиони евра заклучно со јуни 2024 година
Инфографика - Долгот на скопските претпријатија изнесува најмалку 24 милиони евра заклучно со јуни 2024 година

Охридското езеро мора да се исчисти од фекалии или го губи статусот на УНЕСКО

Несоодветната грижа за Охридскиот езеро, од година во година добива драматични размери. Се загадува од отпадни води од многубројни нелегално изградени објекти, од кои, често фекалиите одат право во езерото, колекторскиот систем ем не е целосен, ем не издржува при обилни дождови, па прелева, а дополнително загадување носат и реките.

Поради тоа езерото забрзано ги губи популациите на риби, полжави и други ендемски видови стари милиони години. Постои реална опасност Охридско езеро да биде прогласено од УНЕСКО за природно наследство во опасност.
Погледнете ја видео анализата на Владимир Калински.

Охридското езеро мора да се исчисти од фекалии или го губи статусот на УНЕСКО
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:38 0:00



И покрај критиките, Италија почна да ги испраќа првите мигранти во Албанија

По неколкумесечни одложувања, од Италија пристигнуваа првите мигранти кои ќе бидат сместени во новите контроверзни центри за азил во Албанија.

Минатата година екстремно десничарската влада на премиерката Џорџа Мелони постигна договор со Албанија, која не е членка на ЕУ, да постави миграциски центри во таа земја, во кои ќе бидат сместувани мигранти кои чекаат на постапка за азил.

Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен неодамна изрази интерес за идејата за „повратни центри“ надвор од ЕУ за мигрантите кои бараат азил. Меѓутоа, групите за човекови права, вклучително и Амнести Интернешнел, ја критикуваат ваквата практика.

Среде критиките, Италија ги испраќа првите мигранти во Албанија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:39 0:00

*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG