Одам по терапија, а терапија нема, вели пациентка која се лекува на Клиниката за онкологија додека чека нови информации за тоа кога би го добила лекот „палбоциклиб“, еден од шесте скапи лекови за кои пациентите реагираа дека во моментов ги нема на клиниката.
„Ми рекоа дека лекот можеби ќе го нема 2-3 месеци, се чекал тендер. Господ да ни е на помош“, вели за Радио Слободна Европа(РСЕ) пациентката која сакаше да остане анонимна.
На Клиниката за онкологија се повторува проблемот со недостиг на лекови, административни и тендерски процедури, и покрај тоа што Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) ѝ одобри дополнителни пет милиони евра на оваа клиника за 2024 година.
Милица Кузмановска, потпретседателка на здружението „Хема-онко“ вели дека државата радикално треба да го промени начинот на набавка на овие терапии.
„Апсолутно е потребно подобро менаџирање на лековите за онколошките пациенти, но пред сè треба да се земе предвид состојбата. Сè поголем е бројот на онколошките пациенти. Навистина ова планирање треба да биде многу осмислено бидејќи никој не може да го предвиди бројот на новите пациенти кој се зголемува од година во година, а со тоа и потребата од терапија“, изјави Кузмановска за РСЕ.
Докторите од Клиниката за онкологија составиле список од 20 лекови што треба да бидат ставени на позитивната листа.
„Жално е што ќе го кажам ова, но ако успееме барем еден или два лека од биолошката терапија да ставиме на позитивната листа, тоа би го сметале за голем успех“, рече Кузмановска.
Од друга страна, скопските клиники во 2024 година вратиле во ФЗОМ вкупно 318 милиони денари (околу пет милиони евра) од таканаречените условни буџети, што им биле одобрени за скапи и иновативни лекови. Тоа се дополнителни пари што клиниките ги добиваат за точно определени лекови и за определен број пациенти. Станува број за лекови што не можат сами да ги набават, поради цена.
Од вратените пари назад во Фондот, најголемиот износ доаѓа од Клиниката за детски болести, кажа директорот Клековски на брифинг со новинарите пред Нова година.
Ланските буџети скратени поради доспевање на фактурите годинава
Од ФЗОМ велат дека причините за неискористеноста на средствата се различни, но најчесто за тоа дека дел од фактурите за набавените терапии доспеваат за плаќање годинава.
„На пример, ако набавката на лекови е во декември, фактурата ќе доспее за плаќање во февруари и обврската за плаќање ќе се прелее во буџетот за наредната година. Друга причина може да биде доцнење со набавките, тендери што подоцна се спроведени или пак нереализација на предвидениот број на интервенции кои се определени во условниот буџет“, велат од ФЗОМ за РСЕ.
Во најголем дел условните буџети се пренесуваат и во 2025 година. Со овие средства здравствените установи ќе набавуваат лекови кои не се на позитивната листа, а поради зголемениот број пациенти, нивниот износ овој пат ќе биде поголем од ланскиот.
Детската клиника вратила најголем неискористен условен буџет
Од вратените пари назад во Фондот, најголемиот износ доаѓа од Клиниката за детски болести која не искористила 115,5 милиони денари.
Директорот Реџеп Мемеди во изјава за Радио Слободна Европа вели дека Детската клиника преку условниот буџет ги набавува лековите кои не може да ги обезбеди од основниот буџет, а кои се неопходни за одредени групи на заболувања. Меѓу нив се хормон за раст, инхалациона терапија, модулаторна терапија за пациенти со цистична фиброза, биолошка терапија и терапија за онколошки пациенти.
Вкупно 168 деца примаат хормон за раст, според податоци од здружението „Раст“. Тој број е зголемен во споредба со минатата и предминатата година, кога хормонот им бил потребен на околу 150 деца.
„Ги следиме потребите на родителите, но ги следиме и јавните набавки. Хормонот за раст е достапен и засега немаме проблем“, вели Александар Петровски, претседател на здружението.
Мемеди вели дека износот од 115 милиони денари, Детската клиника ќе го искористи откако ќе доспеат фактурите за плаќање од условниот буџет за лековите кои ги набавиле во ноември и декември минатата година.
Сѐ повеќе пари, а недостигаат лекови
Во последните шест години енормно се зголемиле сумите што Фондот за здравство ги одобрува за условни или дополнителни надоместоци за лекови. Според последниот годишен извештај на Фондот за здравство, кој е за 2023 година, за истата година биле предвидени околу 2,5 милијарди денари. Тоа е двојно повеќе годината претходно. Парите биле наменети за лекови за околу 6.000 пациенти на 13 клиники.
Во 2017 биле одобрени 56 милиони денари. Односно, за шест години, од 2017 до 2023, буџетот за условни надоместоци е зголемен за околу 42 пати.
Но, ревизорите утврдија дека не секогаш ја има контролата како се трошат овие пари.
Државниот завод за ревизија во извештајот што го објави лани во јуни, а се однесува на состојбата од 2022 година, нотираше слабости во контролите на Фондот. Ревизорите констатираа дека не се вршени финансиски контроли на наменското трошење на средствата, на набавката и евиденцијата на лековите и на извршените здравствени услуги за 2022 година.
ДЗР ја анализираше документацијата и за условниот надомест за 2021 година, на пет клиники - онкологија, ревматологија, неврологија, детски болести и хематологија. Тие опфаќаат 82% од вкупниот условен надоместок исплатен во 2021 година.
Според извештајот, две клиники набавиле лекови по единечни цени повисоки од цените за кои е добиена согласност и за нив Фондот прифатил фактури во износ повисок за 36.388 илјади денари од одобрениот. Понатаму, од добиениот условен надоместок во четири клиники се искористени само 75% од средствата за набавка на лекови, а останатите се потрошени за редовното работење. Една клиника извршила набавка на овие лекови за 49% повеќе од договорениот условен надоместок и покрај тоа што нема обезбедено согласност и средства за таа намена, наведуваат ревизорите.
Фондот ги воведе условните буџети во 2011 година за да им помогне на клиниките да купат лекови. Но, регистри за пациенти најчесто нема, а тоа се смета за клучно за да се подобри набавката на лекови.