Вести
Клековски: Лековите поевтини од кутија цигари, не треба да бидат на позитивната листа

Матичните лекари ќе добијат зголемена капитација, а пациентите проширена позитивна листа на лекови. Ова се дел од новините кои за идната година ги најави директорот на Фондот за здравството осигурување, Сашо Клековски.
Фондот за здравството осигурување има повеќе дилеми за тоа како да ја прошири позитивната листа, но приоритет ќе имаат лековите за кардиоваскуларни болести, оти како што рече директорот на ФЗО, Сашо Клековски, тие се причина за 60 отсто од смртните случаи во земјава.
Тој истакна дека лековите кои во моментот се поевтини од една кутија цигари и чинат од 50 до 100 денари, не би требало да бидат на позитивната листа.
„Треба да се ослободат средства за понови и поскапи лекови. Говорам за таму каде што товарот врз граѓаните е поголем. Според проценката од СЗО, 65 отсто од потрошувачката на лекови е платена од џебот на граѓаните. Тој процент мора да го намалиме, но и тука ни треба стратегија“, рече Клековски на брифинг со новинарите.
Од ФЗО најавуваат и поскапување на специјалистичките прегледи, иако како што велат, тоа нема да биде радикално.
„Цената на основен специјалистички преглед е 280 денари и таа е цената од пред повеќе од 10 години. Разгледуваме неколку опции. Цената нема да порасне како во приватните болници, но зборуваме за соодветно валоризирање на трудот на специјалистите. Зголемувањето на партиципацијата може да биде за 10 до 15 денари“, изјави директорот на ФЗО.
Во меѓувреме, Фондот и Министерството за здравство со поддршка од ЕУ преку нова стратегија ќе го решаваат проблемот со недостиг на кадри, особено во внатрешноста. На здравствените установи не им недостигаат само лекари и медицински сестри, туку и болничари и хигиеничари, но ретко кој сака да работи на овие позиции.
Според Клековски, неминовна ќе биде и регионализацијата, а тоа ќе значи функционирање на поликлиниките надвор од Скопје како дневни амбуланти. Болнички капацитети пак, ќе има само во неколку поголеми регионални центри.
Вработените со договор на дело повторно ќе извисат
Уште еден проблем на кој укажуваат од Фондот е нерешениот статус на голем дел од лекарите. Над илјада здравствени работници од целата државата чекаат трајно вработување, но нивните договори, според најавите од Клековски, нема да бидат трансформирани со закон.
„Сите јавни здравствени установи имаат обврска да поднесат барање до Министерството за здравство, но и до Министерството за финансии преку Фондот. Тоа е барање за нови согласности за вработување во 2025 година и треба да се реализира до 31 март 2025 како краен датум“, објасни Клековски.
Со одлука на ФЗО, на овие здравствени работници, договорите на дело им се продолжени за уште три месеци.
Таргетот на новите вработувања ќе биде за околу 1500 лица, но новото решение за кое размислуваат здравствените власти, отвора можност да не добијат трајно вработување оние кои сега работат со вакви договори, бидејќи на оглас ќе може да конкурира кој било.
„Теоретска шанса има, но станува збор генерално за средномедицински кадар. Не станува збор за лекари. Не верувам дека понудата на работна сила е толку голема. Во најголем дел од здравствената заштита има голем недостиг на овие кадри“, додаде Клековски.
Решавањето на работниот статус на околу илјада вработени во здравството кои имаат договор на дело, требаше да се реализира до крајот на оваа година. Министерот за здравство, Арбен Таравари зборувајќи за огромниот дефицит од кадри, рече дека до крајот на 2024 ќе има решенија барем за дел од нив.
Решение за овој проблем најави и еден од неговите претходници, екс министерот Фатмир Меџити, кој меѓу другото, ветуваше и дисперзија на кадри од Клиничкиот центар низ целата државата.
види ги сите денешни вести
Вонредна состојба во Чиле, милиони луѓе без струја

Владата на Чиле прогласи вонредна состојба по голем прекин на електричната енергија што остави во темнина милиони во оваа јужноамериканска земја, вклучувајќи го и главниот град Сантијаго.
Прекинот на електрична енергија на 25 февруари, најлош во земјата во последните години, е предизвикан од дефект на високонапонскиот далновод во северниот дел на Чиле, изјави министерката за внатрешни работи Каролина Тоха, отфрлајќи ја можноста за саботажа.
Националната служба за одговор при катастрофи на Чиле соопшти дека 14 од 16 региони во земјата се погодени.
Владата воведе полициски час од 22 часот до 6 часот наутро од најсеверното пристаниште Арика до јужниот регион Лос Лагос.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека распоредува вооружени сили низ целата земја - која се протега на 4.300 километри долж јужниот брег на Тихиот Океан - за одржување на редот.
Од 22 часот, само околу една четвртина од побарувачката на електричната мрежа во земјата се врати, рече Хуан Карлос Олмедо, претседател на одборот на Националниот координатор за електрична енергија на Чиле (ЦЕН).
Уличните светла во Сантијаго се изгаснаа и се огласија сирените кога метрото во главниот град - кое превезува милиони патници дневно - беше исклучено и патниците евакуирани, објави Ројтерс.
Чилеанскиот министер за транспорт, Хуан Карлос Муњоз, ги повика луѓето да останат дома бидејќи предупреди дека работат само околу 27 отсто од семафорите во Сантијаго.
Властите на меѓународниот аеродром „Артуро Мерино Бенитез“ во Сантијаго соопштија дека терминалите користат струја за итни случаи и летовите функционираат нормално.
САД ќе продаваат виза „златна карта“ по цена од 5 милиони долари

Американскиот претседател Доналд Трамп ги откри плановите за продажба на дозволи за престој наречени „златни карти“ во вредност од по 5 милиони долари и рече дека руските олигарси би можеле да бидат подобни за нив.
Трамп ја објави програмата во Белата куќа, велејќи дека „златните карти“ ќе бидат достапни за околу две недели.
„Имате зелена карта, ова е златна карта. Ќе ставиме цена на таа картичка од околу 5 милиони долари“, рече Трамп.
Приходите од продажбата ќе бидат искористени за намалување на дефицитот. Програмата ќе биде насочена кон „луѓе со пари“ кои ќе отворат работни места, рече американскиот претседател.
„Тие ќе бидат богати и успешни и ќе потрошат многу пари, ќе плаќаат многу даноци и ќе вработат многу луѓе, а ние мислиме дека тоа ќе биде исклучително успешно“, рече Трамп.
Кандидатите за новите златни карти ќе бидат внимателно проверени и можеби ќе биде можно да аплицираат богати Руси.
„Познавам некои руски олигарси кои се многу фини луѓе. Можно е“, рече Трамп. „Тие не се толку богати како порано. Мислам дека можат. Мислам дека можат да си дозволат 5 милиони долари“.
Американскиот министер за трговија, Хауард Лутник, рече дека „Златната карта на Трамп“ ќе ја замени Програмата за имиграциски инвеститори ЕБ-5, која беше создадена од Конгресот во 1990 година за да генерира странски инвестиции. Визите EB-5 се достапни за луѓе кои трошат околу 1 милион долари на компанија која вработува најмалку 10 луѓе.
Конгресната служба за истражување објави во 2023 година дека некои членови на Конгресот и други набљудувачи долго време изразувале загриженост за измама во програмата ЕБ-5. Се вели дека тоа се случува кога апликантите погрешно го прикажуваат своето богатство, лажат за нивниот идентитет или не успеваат да ги направат потребните инвестиции.
Според извештајот, повеќе од половина од визите ЕБ-5 доделени во 2022 година биле за кинески граѓани.
Трамп, кој го направи приоритет депортирањето на мигрантите без документи, рече дека новата картичка ќе биде пат до американско државјанство.
„Многу луѓе ќе сакаат да бидат во оваа земја и да можат да работат и да обезбедат работа и да градат компании. Тоа ќе бидат луѓе со пари“, рече Трамп.
Трамп процени дека САД ќе можат да „продадат можеби милион од овие картички“.
Според најновиот годишен извештај за имиграција, околу 8.000 луѓе добиле визи за инвеститори преку програмата EB-5 во периодот од 12 месеци кој заврши на 30 септември 2022 година.
Во март ќе биде потпишан договорот за гасниот интерконектор со Грција

Очекуваме во март да го потпишеме договорот за почнување на изградбата на интерконекторот со Грција – изјави попладнево премиерот, Христијан Мицкоски на прес конференција. Тој информираше дека тендерската документација е завршена, а веќе е избрана и компанија со најдобра понуда.
„Имаме зелено светло од банките коишто го финансираат - ЕИБ и ЕБРД така што очекувам и од тука да влеземе со уште една можност, а тоа е конечно јужниот интерконектор да биде функционален и оперативен. Тоа е од прилика три милијарди нормални метри кубни годишно“, рече Мицкоски.
Северниот интерконектор, пак, како што кажа тој, е дел од проектите кои ќе бидат финансирани во Планот за раст кој беше донесен од страна на ЕУ.
Минатата недела компанијата „Терна“ ги започна прелиминарните работи за грчкиот дел од интерконекторот за природен гас што ќе ги поврзе Грција и Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Компанијата „Терна“ пред четири месеци беше избрана за изведувач на грчкиот дел на интерконекторот, при што го презеде деталниот проект, набавката на материјали и изградбата на гасоводот Неа Месимврија – Евзони/Гевгелија.
Проектот се очекува да биде финализиран на пролет следната година, временски период поместен поради доцнењето од наша страна.
Гасоводот предвидено е да биде во должина од 123 километри, од кои 67 километри се на македонска територија, да се протега од Неа Месимвриа кон Неготино преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас а со цел да се диверзифицираат изворите на снабдување со природен гас во Северна Македонија.
Паралелно преку проектот, нашата земја ќе има можност да се снабдува и со природен гас и течен природен гас (ЛНГ) од грчките терминали во Ревитуса и Александруполи.
Почетниот капацитет ќе биде 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за проширување до 3 милијарди кубни метри годишно, а се спроведени и студии со цел гасоводот да има соодветни спецификации за транспорт на зелен водород.
Со изградбата на интерконекторот, поради географската положба, нашата земја може да стане крстопат во регионот, со оглед на тоа што веќе постои конекцијата со Бугарија, се работи на онаа со Грција, а минатата година беше потпишан меморандум за соработка и со Србија, со што се очекува земјава да стане транзитна рута преку која со гас ќе се снабдува не само Србија, туку и Унгарија и Австрија
Белград: Студенти, наставници и средношколци протестираат пред Министерството за образование

Неколку илјади луѓе се собраа пред Министерството за образование во Белград на протестот на просветните работници под паролата „Вие сте одговорни! Од вас зависи!".
На протестот се собраа и средношколците и студентите, а улицата каде што се наоѓа зградата на Министерството е затворена за сообраќај – јави репортерката на РСЕ.
Може да се видат знамињата на факултетите и Универзитетот во Белград, како и транспаренти со училишни обележја.
Учесниците извикуваат „Сите со просветата" и „Сите во штрајк".
На протестот дојдоа просветни работници и од другите градови во Србија.
Граѓаните прочитаа заедничко соопштение во кое организаторите наведуваат дека според нив, најголемата одговорност за моменталната состојба во ресорот, ја носи Министерството кое како што сметаат, на никаков начин не придонело барањата на студентите, учениците и наставниците да бидат исполнети.
Ѓорѓе Марковиќ, актер и доцент на Факултетот за драмски уметности во Белград, се обрати на собирот наведувајќи дека пред зградата на Министерството се наоѓаат претставници на повеќе од 100 училишта и факултети од повеќе градови на Србија.
„Сакаме да им порачаме на вработените во оваа Министерство – вие сте одговори и од вас зависи“, рече Марковиќ.
Како што се наведува во најавата за собирот, ова е првпат да биде организиран протест од претставници на три нивоа во образованието, со поддршка од студентите. Протестот се одржува во неделата кога има целосен прекин на наставата, кој почна на 24 февруари.
Просветните работници кои протестираат бараат да престанат репресивните мерки кон вработените кои штрајкуваат, како и измени и дополнувања на посебниот колективен договор кој синдикатите го потпишаа со Министерството.
Тие бараат и да се подобри материјалната позиција на сите вработени во образованието.
Бараат и да се намали административниот дел од работата, но и да се создаде можност за училишните одбори да бидат избирани од директорите, а не од министрите за образование.
Покрај тоа, тие им даваат поддршка на студентите во блокадата и бараат исполнување на сите нивни барања.
Студентите пак, кои блокираат повеќе од 60 факултети низ целата земја, бараат политичка и кривична одговорност за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица, а две лица беа потешко повредени.
Колку училишта се во штрајк?
На протестот во Белград, се планира да бидат пречекани професорите од Универзитетот во Нови Сад, кои започнаа штафетен маратон до Белград.
Српското министерство за образование во писмен одговор до Радио Слободна Европа наведе дека денеска (25 февруари) наставата се одвива во 93 проценти од основните и средните училишта, додека во седум проценти од училиштата часовите се во целосен прекин.
Од Министерството не го прецизираа процентот на училишта во кои часовите се во прекин само делумно.
Министерката за образование, Славица Џукиќ Дејановиќ во изјава за Радио Слободна Европа на 21 февруари рече дека секој ќе биде платен „колку што работи".
Ова беше потврдено уште еднаш на 24 февруари, кога Министерството за образование испрати допис до сите основни и средни училишта во Србија, во кое се прецизира на кој начин ќе се пресметуваат платите за февруари, со што ќе се намалат платите на наставниците кои штрајкуваат.
Естонија прва во светот воведува четботови во училиштата

Естонија е првата земја во светот која отпочна иницијатива за интегрирање на четботови и други алатки од областа на вештачката интелигенција специјализирани за образование, во националниот образовен систем – соопшти естонската влада.
Од 1-ви септември односно од почетокот на новата учебна година, 20.000 средношколци во 10-то и 11-то одделение и 3.000 наставници ќе имаат слободен пристап до „ЧетЏиПиТи Еду“ (ChatGPT Edu), алатката на „Опен ЕјАј“ (OpenAI), како и други алатки за вештачка интелигенција, се наведува во соопштението на владата.
Планирано е следната година програмата да се прошири и на стручните училишта, што значи уште 38.000 ученици и 2.000 наставници – пренесе Еурактив.
„Конкурентноста на Естонија зависи од тоа колку добро ги подготвуваме младите луѓе за ерата на вештачката интелигенција", изјави министерката за образование Кристина Калас, додавајќи дека Естонија ќе инвестира многу во обука на наставници како дел од програмата AI Lip (Leap).
Програмата ќе биде финансирана од страна на јавно-приватната фондација AI Lip, развиена од страна на Претседателскиот дигитален совет и Министерството за образование и истражување, и во која учествуваат голем број на приватни претприемачи.
Специфичните задачи, членовите и моделот на финансирање на фондацијата ќе бидат договорени во март.
Во соопштението се додава дека се започнати преговори со OpenAi и Antropik и дека се планира да се вклучат и други провајдери.
Владата го усвои предлогот за разрешување на Коцевски

Владата на денешната седница го усвои предлогот за разрешување на јавниот обвинител, Љупчо Коцевски – јави агенцијата МИА.
Од Владата информираат дека по завршување на владините прцедури предлогот ќе биде испратен до Советот за јавни обвинители од каде согласно законските рокови Советот треба да испрати мислење во рок од 15 дена.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години.
Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата, го изготви Предлог-мислењето за разрешување на државниот јавен обвинител.
- Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство, соопшти Министерството за правда.
Државниот јавен обвинител, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.
Републичкиот обвинител Коцевски го демантира тврдењето дека незаконски постапил посочувајќи дека го следел законот и роковите во него. Тој изјави дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители.
Во однос на барањето на премиерот Христијан Мицкоски да ја напушти функцијата, Коцевски рече дека ќе одговори откако ќе ги види основите предвидени во Законот за јавно обвинителство. Доколку се утврди дека навистина има тешка дисциплинска повреда, тој рече дека сам ќе се повлече од функцијата.
Премиерот Мицкоски во изјава за медиумите кажа дека постапката може да трае неколку недели или месеци, согласно законот.
Одговарајќи на новинарски прашања за тоа дали на денешната владина седница ќе се разгледа и прифати предлогот за разрешувањето на Коцевски, појасни дека Владата не може да го разреши, туку може само да ја отпочне постапката.
-Апсолутно не можеме ние како Влада да го разрешиме, туку можеме да ја отпочнеме постапката. Како што имам информација треба да се испрати дописот до Советот на јавни обвинители, па таму во рок од 15 дена да чекаме мислење. Оваа процедура ќе потрае, нема да заврши инстант брзо. Таков е законот - рече Мицкоски.
За 20 години, тројца лекари трајно останале без лиценца

Во регистерот на Лекарската комора во моментот се евидентирани 9.900 активни лиценци. Од Комората сепак, велат дека очекуваат бројот да се зголеми со оглед на фактот дека деновиве се полага државен испит.
Лекарската комора денеска (25 февруари) одбележа 20 години од добивањето овластувања да организира полагање на стручен испит, да издава лиценци за работа и да акретитира настани од континуирана медицинска едукација. На одбележувањето на 20-годишниот јубилеј, Комората додели нови лиценци за работа на доктори на медицина.
Претседателката на Комората, д-р Калина Гривчева Старделова рече дека првото лиценцирање во нашата држава било одобрено во 2004 година и се прави во циклуси на секои седум години.
„Од првата до наредната треба да се има четири години работа со пациенти во континуитет и 20 бода годишно, значи дека тие доктори биле на некаква медицинска едукација. Годинава обновуваме лиценци на оние што почнале од први, на 1.500 лекари“, појасни Калина Гривчева Старделова.
Но, покрај издадените лиценци, во изминатите 20 години, по судска одлука тројца лекари трајно останале без лиценци, а кај двајца биле привремено одземени. Најчеста причина за одземањето, според претседатлката на Лекарската комора, било поради утврдена лекарска грешка.
Таа наведе дека важењето на лиценците им престанало на 3.384 лекари, по различни основи.
„Да одземете на некого лиценца тоа значи дека не може никогаш повеќе да работи. Мора да има добра причина за тоа, нашиот Закон кажува дека судската пресуда докажува дека настанале смртни последици од недобро работење на доктор и дека тој не треба да ја работи таа дејност. Постои опција и министер да побара одземање лиценца на доктор од оправдани причини за тоа. Кога добиваме судска пресуда или барање од министер ја свикуваме етичката комисија и таа го проследува до судот во честа“, истакна Гривчева Старделова.
Во однос на тоа колку лекари ја напуштиле државата и колку се вратиле повторно назад, појасни дека во регистерот на Комората влегуваат само оние доктори кои положиле државен испит.
„Тие имаат обврска да пријават промена на работно место, телефон, меил адреси, но за жал тие што не положиле државен испит не се во нашиот регистер (тоа се добар дел од колегите кои си одат од државата), немаат обврска да пријават дали одат за стално“, рече Гривчева Старделова, нагласувајќи дека има и такви кои се враќаат повторно во државата но во помал број.
Од четврток локални врнежи од дожд

Следува период на променливо облачно време со услови за појава на утринска магла по котлините.
Локални врнежи од дожд ќе има од четврток, а поради продор на постудена воздушна маса од север во недела на планините и на некои повисоки места врнежите ќе бидат од снег - соопшти УХМР.
Утре се очекува променливо облачно време со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне во делови од котлината со појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Законските измени за онлајн игрите на среќа поминаа во прво читање во Собранието

Едногласна поддршка дадоа пратениците во првото читање на предлог законот за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации, со кој се пристапува кон регулирање на онлајн приредувањето игри на среќа и санкционирањето на злоупотребите.
На 34. седница на Собранието на која оваа точка се најде на дневен ред, образложение за предложените законски измени даде министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Тој нагласи дека главната цел е да се спречи нелегалното коцкање и да се заштитат граѓаните од злоупотреби и финансиски малверзации.
„Измените во овој закон ќе ни овозможат како Министерство да се справуваме со овие прашања, во соработка со Министерството за финансии и Агенцијата за електронски комуникации“, ресе ресорниот министер.
Тој објасни дека по добиено известување од државниот приредувач на игри на среќа за тоа кои провајдери немаат добиено лиценца за приредување онлајн игри на среќа и по верификација од Министерството за финансии на кои ентитети се издадени лиценци, Министерството за дигитална трансформација ќе испрати налог до Агенцијата за електронски комуникации за прекинување на правото на пристап до овие провајдери, односно веб страници.
На овој начин, ќе им се забрани пристапот до нив за граѓаните од Македонија.
„Во втора фаза, ако некој од чинителите не постапува, овој закон ни дозволува можност и за прекршочни одредби и санкции кон оние институции кои нема да сакаат да постапуваат“, истакна Андоновски.
При подготовката на предложените законски измени тој нагласи дека се користени компаритивните искуства од Република Хрватска поради сличниот политички, економски и уставно-правен модел на македонскиот, а таму целата проблематика ја регулирало Министерството за финансии кои открило повеќе од 600 нелегални приредувачи на игри на среќа.
„Кај нас Агенцијата за електронски комуникации ќе води јавен, транспарентен регистар на оние институции коишто имаат забрана, односно на оние веб-страници што се забранети за пристап заради нелегалното приредување игри на среќа“, додаде Андоновски.
Министерот истакна дека по донесувањето законските измени веднаш ќе бидат имплементирани, односно наместо во предвидениот рок од 90 дена за донесување на подзаконските акти, веќе следната недела по објавувањето во Службен весник истите ќе бидат операционализирани.
Во дискусиите по предложените законски измени пратениците нагласија дека во државата се издадени 48 лиценци на компании за организирање игри на среќа, но евидентирани се околу 160 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа, а граѓаните досега на коцкање потрошиле 210 милиони евра.
Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации ќе оди на второ читање и ќе се достави до Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и до Законодавно-правната комисија на Собранието.
СДСМ го обвинува Меџити за корупција, за власта тоа се измислици

СДСМ денеска достави документи до премиерот, Христијан Мицкоски во врска со нивните тврдења за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата на првиот вицепремиер, Изет Меџити.
„Чувствуваме одговорност да реагираме веднаш откако Мицкоски јавно повика да му се достават докази за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата. Еве ги тие документи кои се доставени до нас од свиркачи кои се од државни институции со архивски броеви, печати и со потписи“, рече во изјава за медиумите портпаролката на партијата, Богданка Кузеска пред да ги достави документите во Владата.
-Овде е јасно наведено дека Државниот управен инспекторат констатирал неправилности во работењето дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети. Дали на овој начин сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и кон граѓаните – праша Кузеска.
Таа додаде дека во Министерството за животна средина, според наведеното во приложените документи бил поставен систем за потпис и одлучување спротивно на законите и админстративните процедури што остава сомнеж за корупција и за мито.
Од партијата очекуваат премиерот во најбрз можен рок да ги разгледа и да ги повика надлежните институции да реагираат.
Меџити: Административна или архивска работа не е скандал
Вицепремиерот и министер за животна средина, Меџити смета дека административна или архивска работа да се прикаже како голем скандал.
Одговарајќи на новинарско прашање за денешното доставување документи во Владата од страна на опозицијата, тој рече дека вакви тврдења прво имало од ДУИ.
„Сега за жал, СДСМ оди по нивна памет и се гледа дека се синхронизирани во нападите. Прво се зборуваше за одземање на ингеренции на Министерството за животна средина, а кога увидоа дека Инспекторатот кој бил автономен во нивно време сега е дел од Министерството, како сектор, отидоа на второто обвинување дека има простор за злоупотреба констатиран во Административниот инспекторат“, посочи Меџити.
Сепак, тој истакна дека се работи за редовна контрола која била во програмата на Државниот административен инспекторат.
„Имаат опомена со забелешка за некоја воспоставена пракса, не за ингеренции или за нешто друго. Ваквата пракса е воспоставена од 2016 година кога министер за животна средина бил Нуран Изаири, па продолжила со Башким Ахмети, Садула Дураку, Насер Нуредини и завршила со Каја Шукова. Тоа се редица на министри токму од СДСМ и ДУИ“, изјави Меџити.
Посочи дека Управниот инспекторат е само опоменат и дека веќе ја обжалил опомената.
По денешното доставување на документите во Владата, од ВМРО-ДПМНЕ реагираа преку писмено соопштение во кое обвинија дека опозициската СДСМ е „потоната во корупција и криминал“.
СДС да каже до каде се со Груби, му кажаа ли да се врати или му сугерираат да се крие, како што дозволија да краде?
СДС да каже до каде се со Груби, му кажаа ли да се врати или му сугерираат да се крие, како што дозволија да краде? Ниту една измислена кованица за Изет Меџити, не може да направи паралела, ниту да ги ослободи од вината, дека не го апсеа Груби од страв да не им падне владата, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете