Кривичниот суд го прифати предлогот на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција и определи мерки за претпазливост за претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, која е трето-осомничена во рамки на истрагата за предметот „Адитив“.
По распитот во обвинителството, Димитровска беше спроведена во Кривичниот суд, пред судија на претходна постапка заедно со уште две лица, чии имиња засега не се откриваат.
„Во однос на осомничената Т.Д. која доцна попладнево беше изведена пред судија на претходна постапка во однос на продолжување на акцијата во јавноста позната како "Адитив", по нејзино произнесување во однос на предлогот на ЈО за определување мерки за претпазливост, донесено е решение со кое се прифаќа предлогот на ОЈО ГОКК и се опредлуваат мерки за претпазливост, односно Привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова и Забрана за преземање на одредени работни активности поврзани со кривичното дело“, информираа попладнево од Кривичниот суд.
Според Јавното обвинителство, „третоосомничената, како службено лице, претседател на ДКСК од мај до декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот Адитив на друг начин му овозможила да му бидат достапни податоци кои претставуваат службена тајна“.
„Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК“, се наведува во соопштението на Обвинителството објавено доцна попладнево.
Претходно од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопштија дека во рамки на предметот „Адитив“ од прибраните докази е донесена Наредба за спроведување на истрага за уште три лица.
Предметот „Адитив“ се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј.
Во предметот се обвинети 31 физичко лице и 5 правни лица.
Според обвинителството, осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да ги изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.
Истрагата за случајот „Адитив“ беше отворена на 10 декември минатата година.
Меѓу обвинетите во предметот се и ексдиректорот на ЕСМ, Васко Стефанов, како и неговиот претходник на функцијата, Васко Ковачевски, кој се наоѓа надвор од државата и по кого е распишана меѓународна потерница. Обвинет е и поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ.