Достапни линкови

Зошто е важно Радио Слободна Европа?


Седиштето на Радио Слободна Европа во Прага, Чешка
Седиштето на Радио Слободна Европа во Прага, Чешка

Читателите на Радио Слободна Европа веројатно веќе ги забележале „несигурните времиња“ со кои се соочува медиумот во моментов. На 15 март, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која драстично се намалува големината на Американската агенција за глобални медиуми (USAGM) под чиј надзор е и РСЕ. Потоа бевме известени дека грантот одобрен од Конгресот што нè финансира е прекинат. И покрај сето ова, ние продолжуваме со работа, пишува Рикард Јозвиак, споделувајќи ја својата лична приказна за значењето на РСЕ.

Татко ми е роден во Познањ, во западна Полска, во 1939 година, непосредно пред нацистичката германска инвазија. Со оглед на тоа што неговиот татко служеше во полската армија, а подоцна беше земен како воен заробеник, а неговата мајка беше затворена поради отпорот на нацистичкиот режим, татко ми поголемиот дел од војната го помина во грижата за својот постар брат и медицинската сестра од шведскиот Црвен крст - врска која подоцна ќе се покаже како значајна.

По војната, моите баба и дедо и нивниот млад син (татко ми) се преселија во северниот полски пристанишен град Гдањск во потрага по подобри изгледи за работа. Во тој момент во времето, Шведска имаше една од најголемите трговски флоти во Европа и наспроти мрачната позадина на опустошената од војна Полска, нивните блескави бродови во пристаништето му оставиле голем впечаток на татко ми.

Како и многу луѓе заглавени зад „Железната завеса“, татко ми ги слушаше „гласовите“ - така луѓето ги нарекуваа радио преносите од Светскиот сервис на БиБиСи, Гласот на Америка и Радио Слободна Европа.

Луѓето, се разбира, слушаа тајно, држејќи транзистор до ушите навечер во креветот. Беа мрачни времиња, со цензура и репресии, но за татко ми тие преноси беа „Божји дар“. Тие информираа и инспирираа и во случајот на татко ми, го убедија да побегне на Запад, во Шведска.

Преминување на Леденото Море

Неговиот прв обид, кога имал 17 години, бил да се обиде да пешачи од Полска преку Балтичкото Море прекриено со мраз за да стигне до данскиот остров Борнхолм. Тогаш планот беше да се продолжи во Шведска. Зимите биле многу посурови во тие денови и мразот навистина покривал големи делови од Балтикот, но сепак тоа бил безумен план. Бродовите со мразокршачи го направија преминувањето пеш речиси невозможно и тој беше принуден да се врати претепан, но не и обесхрабрен.

Следната година, тој се обиде повторно, овој пат обидувајќи се да помине со кану преку морето со пријател. Тинејџерите биле фатени од полски брод и предадени на властите. Наместо во Скандинавија, тие завршија во затворска ќелија уште во Полска. Сослушани и претепани, тие признале дека биле шпиони на ЦИА и добиле 10 години затвор.

За среќа, кон крајот на 1950-тите, имаше либерални реформи во Полска и тие беа ослободени по една година. Со сонот на татко ми за живот на Запад сега „на чекање“, тој се школувал и ја запознал мајка ми. Тие се венчале и двајцата си обезбедиле работа во тогашните бродоградилишта Ленин во Гдањск. За сето тоа време, тој сè уште ги слушал „гласовите“, џезот, рокенролот...

Трета среќа

Соништата на моите родители за нов живот во странство повторно се појавиле во 1971 година кога заминале во Југославија, една од ретките земји во кои можеа да патуваат во тоа време. На плажа во Пула, во денешна Хрватска, виделе германски пар кој ги потсетил на себе. Човекот бил темнокос како татко ми, а жената русокоса-како мајка ми.

Без да има што да загубат, отишле до нив и ги прашале дали се од Западна Германија, од каде што и биле. Потоа, тие побарале толку смело што сè уште не можам да верувам: ја прашале германската двојка дали можат да им го земат нивниот идентитет. И, зачудувачки, Германците рекле ДА. (Очигледно помагањето на „источните“ на таков начин не било невообичаено за време на Студената војна.)

И така, со личните карти на германските сопружници, а исто така и со нивниот автомобил, тие се возеле преку границата кон Италија. Германскиот пар потоа отишол во најблискиот конзулат велејќи дека биле ограбени.

А после една година како политички бегалци во Италија, на моите родители им било дозволено да одат во Шведска за да бараат престој, а подоцна и државјанство.

Поради војната, татко ми порасна мразејќи ги Германците, па е слатка иронија што чинот на врвна великодушност што му ја даде слободата дојде од Германец. Тие останаа во контакт и им испраќаа честитка на германската двојка секој Божиќ.

Затворање на кругот

Роден сум во Шведска во 1980-тите, во мир и просперитет за кој моите родители можеа само да сонуваат кога беа млади. Како и многу други од мојата генерација, студирав во странство, зборував неколку европски јазици и патував слободно и нашироко низ континентот, верувајќи во идејата за „заеднички европски простор“. Па така, имаше одредена смисла кога завршив во Брисел.

Кога добив понуда на почетокот на 2011 година да се обидам да работам како хонорарен репортер од Брисел за Радио Слободна Европа, знаев дека тоа не е обична понуда за работа. Откако бев воспитан со приказните за значењето на РСЕ, се чувствував како да го затворам семејниот круг.

Кога почнав, на почетокот на 2011 година, голема вест беа контроверзните претседателски избори во Белорусија што се одржаа во декември претходната година и последователното задушување на демонстрантите кои излегоа на улиците. ЕУ воведуваше санкции за режимот на Александар Лукашенко, а јас „се фрлив“ да известувам за приказната од Брисел. Оттогаш известувам за ЕУ и НАТО.

Некои работи никогаш не се менуваат. На 25 март Лукашенко беше инаугуриран за седми мандат и тој се уште се соочува со санкции од ЕУ. Под неговото репресивно владеење, во земјата има околу 1500 политички затвореници. Еден од нив е мојот колега, новинарот на РСЕ, Ихар Лосик, кој е зад решетки од 2020 година. Друг колега, Андреј Кузнечик, беше ослободен претходно оваа година од белоруски затвор.

Кога ќе помислам на Ихар и Андреј, како и на Владислав Јесипенко соработник на РСЕ, кој е затворен во окупираниот од Русија-Крим, не можам да не помислам на приказната на татко ми и се што тој направил за да живее слободно.

Секоја недела допираме до околу 50 милиони луѓе на места каде што слободата на медиумите не постои, или е под сериозен тест или во средини преплавени со дезинформации.

РСЕ сè уште е важно, исто како што беше и за моите родители во комунистичка Полска. Исто како што е за Андреј, Ихар и Владислав и за сите луѓе до кои допира.

XS
SM
MD
LG