Достапни линкови

 
USAGM се согласува да исплати дел од средствата на Радио Слободна Европа додека судијата го разгледува случајот

USAGM се согласува да исплати дел од средствата на Радио Слободна Европа додека судијата го разгледува случајот


Седиштето на РСЕ во Прага, Чешка
Седиштето на РСЕ во Прага, Чешка

Американската агенција за глобални медиуми (USAGM) вети дека ќе му исплати на Радио Слободна Европа (РСЕ) дел од средствата што му ги додели Конгресот непосредно пред закажаното судско рочиште за ова прашање, како дел од правната постапка што медиумот ја поведе против владата поради обидот на агенцијата да го прекине федералното финансирање на РСЕ.

Овој потег на 24 март значи дека РСЕ ќе добие 7,46 милиони долари, износ што го покрива периодот од 1 до 14 март, еден ден пред USAGM да објави дека ќе го прекине грантот за РСЕ.

„Агенцијата презеде непосредни административни чекори за иницирање на исплатата“, се вели во дописот на USAGM приложен кон судската пријава, во кој се додава дека исплатата треба да биде извршена до 26 март, а РСЕ ќе ги добие средствата до крајот на месецот.

На судско рочиште подоцна на 24 март, Абигејл Стаут, адвокатка од американското Министерство за правда која ја застапува USAGM, тврдеше дека договорот за грант помеѓу USAGM и РСЕ, како што е наведено во Законот за меѓународна радиодифузија, и дава на агенцијата право да го раскине договорот доколку РСЕ не ги исполни условите наведени во него.

„Значи, статутот всушност предвидува дека агенцијата може да го прекине грантот“, рече таа.

Дејвид Зионтс, еден од адвокатите на РСЕ, како одговор рече дека „нема да има смисла“ Конгресот да одобри финансирање само на агенции кои можат да прават како што сакаат.

РСЕ ги бара и преостанатите средства од грантот, кој е предвиден за целата буџетска 2025 година, која трае до 30 септември.

Прелиминарното рочиште за тој преостанат износ е закажано за средината на април.

„Раскинувањето на договорите со хонорарните новинари и ставањето на вработените во мирување значително би ја попречило нашата способност да известуваме нецензурирани вести во 23-те земји во кои емитуваме“, рече претседателот на РСЕ, Стивен Капус во судската пријава, нагласувајќи го влијанието на кратењето на финансирањето врз РСЕ.

Во тужбата на РСЕ понатаму се вели: „Судот треба да ја одобри скромната привремена забрана што ја бара РСЕ за да се избегне непоправлива штета пред да се разгледа прелиминарната забрана“.

USAGM во својот брифинг рече дека Окружниот суд е погрешно место за овој случај и дека Конгресот „и дал слобода на USAGM во надзорот над своите корисници; дури и ако овој суд има јурисдикција да издаде наредба за укинување на судската постапка на USAGM, тоа не би било во јавен интерес да го стори“.

„Зрак светлина“ во темнината од лаги

Заканата од прекин на финансирањето предизвика бран јавна поддршка во 23-те земји каде што емитува Радио Слободна Европа.

Од Иран до Белорусија, Авганистан, Русија, па сè до Пакистан и Украина: читателите и слушателите ги фалат новинарите на Радио Слободна Европа за нивното храбро, непристрасно и искрено известување од првите редови, но и од некои од политичките и медиумските најрепресивни средини во светот. Тие исто така изразуваат загриженост дека овој медиум може да исчезне.

„Понекогаш бевте како зрак светлина што се пробива низ планина од лаги“, напиша на Фејсбук Олех Прозоров, читател од Украина.

Тој, исто така, се заблагодари на украинскиот сервис на РСЕ за „заштитата на политичките слободи“.

Наредбата за намалување на финансирањето дојде неколку часа откако извршната наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп повика на кратења на седум агенции, вклучително и USAGM, „до максимално дозволено со закон“.

Финансирањето на РСЕ беше скратено во писмото потпишано од Кари Лејк, која потпиша како виш советник (USAGM) на вршителот на должноста генерален директор со овластување што и го делегираше в.д. Писмото не дава дополнително објаснување освен дека повеќе „не влијае на приоритетите на агенцијата“.

Конфликтот на Трамп со USAGM

Трамп ја номинираше Лејк да го преземе раководството на Гласот на Америка, иако нејзината номинација сè уште треба да биде одобрена од Меѓународниот советодавен одбор за радиодифузија (IBAB).

Во јануари, американската администрација ги отстрани членовите на IBAB, консултативно тело формирано од Конгресот за да ги надгледува активностите на USAGM. Сè уште не се заменети.

Иако USAGM и Гласот на Америка (ВОА) се федерални агенции, РСЕ е приватна, непрофитна корпорација регистрирана во американската држава Делавер. Иако се финансирани од Конгресот преку грантови, вработените во РСЕ не се вработени во федералната влада.

Трамп, кој презеде неколку чекори за намалување на владините трошоци откако ја презеде функцијата во јануари, се судри со USAGM за време на неговиот прв мандат околу уредувачката независност и програмската насока.

Откако повторно ја презеде функцијата, тој ја повтори таа загриженост. Застапниците на овие медиуми велат дека тие се важен дел од американската дипломатија.

„Критично е Конгресот да ја заштити USAGM, да ја обезбеди безбедноста на новинарите и да ја потврди посветеноста на американската влада за слободни и независни медиуми дома и во странство“, напишаа 28 организации за новинарство и слобода на печатот од целиот свет во писмото до американските законодавци на 19 март.

Дали ЕУ ќе интервенира?

Во ситуација на неизвесна иднина, политичарите од Европската унија ја разгледуваат можноста да му дадат поддршка на Радио Слободна Европа.

USAGM е независна американска владина агенција која го надгледува емитувањето на вести и информации на речиси 50 јазици на приближно 361 милион луѓе секоја недела.

Вкупното буџетско барање за USAGM за фискалната 2025 година беше 950 милиони американски долари за финансирање на сите негови операции и капитални инвестиции.

Тие вклучуваат медиуми како што се РСЕ/РЛ, Гласот на Америка, Радио Слободна Азија, Кубанската радиодифузна канцеларија (Радио Марти), медиумските мрежи на Блискиот исток (MBN) и Фондот за отворена технологија.

Според документите на USAGM, буџетското барање за 2025 година за Радио Слободна Европа изнесувало околу 153 милиони долари.

XS
SM
MD
LG