Достапни линкови

 
Американскиот суд ќе го сослуша случајот на Радио Слободна Европа против Агенцијата за глобални медиуми

Американскиот суд ќе го сослуша случајот на Радио Слободна Европа против Агенцијата за глобални медиуми


илустрација
илустрација

На 24 март ќе се одржи рочиште пред американскиот суд во врска со тужбата поднесена од Радио Слободна Европа против Американската агенција за глобални медиуми (USAGM) „за да се избегне непоправлива штета“ на радиодифузерот поради прекинување на нејзиниот грант одобрен од Конгресот, како дел од напорите на Агенцијата да го прекине финансирањето на РСЕ.

Окружниот суд на САД за округот Колумбија ќе ги сослуша аргументите на двете страни во случајот со почеток во 14 часот локално време.

РСЕ бара Агенцијата за глобални медиуми, која ги надгледува радиодифузерите поддржани од американската влада, како што се РСЕ/РЛ и Гласот на Америка да и додели 7,5 милиони долари на РСЕ што го покрива периодот од 1 март до 15 март, денот кога Агенцијата соопшти дека финансирањето од грантот одобрен од Конгресот за РСЕ е прекинато.

Во тужбата се тврди дека со одбивањето пристап до средствата присвоени од Конгресот за РСЕ се прекршуваат федералните закони и Уставот на САД, кој на Конгресот му дава крајна власт над федералните трошоци. Со тужбата исто така, се бара од судот да издаде налог за привремена забрана (TRO) за ослободување на мартовските средства за ограничување на оштетувањето на радиодифузерот.

Со законските потези на РСЕ се бара и остатокот од средствата од грантот што доспеваат за целата буџетска година 2025 година, која завршува на 30 септември. Прелиминарното рочиште за судење е закажано за средината на април за тоа прашање.

„Раскинувањето на нашите договори за хонорарци и отпуштањето на нашите вработени значително ќе ја попречат нашата способност да пренесуваме нецензурирани вести во 23-те земји на кои им служиме“, вели претседателот и извршен директор на РСЕ, Стивен Капус во тужбата до судот, во кое го образложи влијанието на задржувањето на средствата врз компанијата.

Во тужбата на РСЕ се додава:

„Судот треба да ја одобри скромната привремена забрана која РСЕ/РЛ ја побара за да избегне непоправлива штета пред да може да се слушне предлогот за прелиминарна забрана“.

Американската агенција за глобални медиуми рече дека Окружниот суд е погрешно место за случајот и дека Конгресот и овозможил на Агенцијата „со широка дискреција да ги надгледува своите корисници на грантови и дека дури и ако овој суд има јурисдикција да го одобри барањето на тужителот и да ја поништи пресудата на Агенцијата, нема да биде во јавен интерес да го стори тоа“.

Зрак светлина“ во „темнината на лагите“

Заканата за финансирањето на радиодифузерот предизвика бран поддршка од публиката во 23 земји и 27 јазици во кои се емитува.

Од Иран до Белорусија, Авганистан до Русија, Пакистан до Украина, читателите и слушателите ги пофалија новинарите на РСЕ за нивното храбро, непристрасно и искрено известување на првите линии на војната и во некои од најрепресивните политички и медиумски пејзажи во светот и изразија загриженост дека тоа може да исчезне.

„Понекогаш бевте како зрак светлина што ја пробиваше темнината на лагите“, напиша на Фејсбук Олех Прозоров, читател од Украина и се заблагодари на украинскиот сервис на РСЕ за „заштита на политичките слободи“.

Директивата за прекинување на финансирањето дојде неколку часа по извршната наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп во која тој повика на намалување на седум агенции, вклучително и Американската агенција за глобални медиуми до „максимална мерка во согласност со важечкиот закон“.

Грантот на РСЕ беше прекинат со писмо, кое беше потпишано од Кери Лејк, која ја наведе нејзината титула како постар советник на вршителот на должноста извршен директор во Агенцијата, со овластувања делегирани од вршителот на должноста извршен директор.

Судирите на Трамп со Агенцијата за глобални медиуми

Лејк беше номинирана од Трамп да ја преземе функцијата шеф на Гласот на Америка, иако нејзината номинација сè уште мора да биде одобрена од Меѓународниот советодавен одбор за радиодифузија (IBAB).

Членовите на Одборот, консултантско тело формирано од Конгресот за да ги надгледува активностите на Агенцијата, беа отстранети од нивните позиции од американската администрација во јануари и не беа сменети.

Трамп, кој презеде неколку чекори за намалување на владините трошоци откако ја презеде функцијата во јануари, се судри со Агенцијата за глобални медиуми околу уредувачката независност и насоката на програмирање за време на неговиот прв мандат.

Тој ја повтори таа загриженост откако ја презеде функцијата. Поддржувачите на радиодифузерите велат дека тие се важна рака на американската дипломатија.

„Од витално значење е Конгресот да ја заштити Агенцијата за глобални медиуми, да ја обезбеди безбедноста на новинарите поврзани со него и да ја потврди посветеноста на американската влада за слободни и независни медиуми дома и во странство“, напиша група од 28 организации за слобода на печатот и новинарски групи од целиот свет во писмото до американските пратеници на 19 март.

Дали ЕУ ќе излезе во пресрет?

Бидејќи иднината на РСЕ е неизвесна, политичарите од Европската Унија ја разгледуваат можноста за поддршка на радиодифузерот.

Американската агенција за глобални медиуми е независна американска владина агенција која го надгледува емитувањето на вести и информации на речиси 50 јазици на околу 361 милион луѓе секоја недела.

Вкупното буџетско барање за Агенцијата за фискалната 2025 година беше 950 милиони американски долари за финансирање на сите негови операции и капитални инвестиции.

Ова ги вклучува медиумите како РСЕ/РЛ, Гласот на Америка, Радио Слободна Азија, Канцеларијата за радиодифузија на Куба (Радио Марти), радидифузните мрежи на Блискиот Исток и Фондот за отворена технологија.

Според документите на Агенцијата за глобални медиуми, буџетското барање за 2025 година за РСЕ изнесува околу 153 милиони долари.

XS
SM
MD
LG