Како „Марковски компани“ стана тендерски рекордер?
„Марковски компани“ во последните пет години од државата има добиено милионски тендери според цената на услугите и тоа често со непосредно спогодување.
Фирмата редовно, во изминативе десетина години добивала работа од „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) и подружницата „Рударско енергетскиот комбинат - Битола“ (РЕК – Битола) и за пет години склучиле 66 договори во вредност од 141 милион евра, а фирмите подизведувачи го поврзуваат со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.
За „сомнителни“ тендери за прв пат почнаа истраги и државното Обвинителство и Финансиската полиција.
Сопственикот Борче Марковски од 2016 година е и почесен конзул на Белорусија поради „добрите економски релации со оваа земја“.
Неговата фирма во Белорусија била претставена како соработник на државни компании кои пак се поврзуваат со претседателот Александар Лукашенко и се под санкции на САД, а во одреден период и на ЕУ.
Марковски има фирма и во Србија, и таму редовно добива тендери од „Србија шуми“.
Ликот на Марковски не може да го видите во медиумите и недостапен е за новинарите.
Целото истражување на РСЕ можете да го прочитате ТУКА.
Погледнете го и краткото видео објаснување подолу.
Нови „зелени“ ветувања и планови за почист воздух
И додека „Зелената“ трансформација на најголемите загадувачи, како на пример РЕК Битола, се само планови, без конкретни активности, аеро-загадувањето во државата станува се поголем проблем.
Скопје и другите македонски градови повторно, како и секоја зима, се на врвот на листите за најзагадени градови во светот. Меѓу другото, Владата деновиве најави и нова мерка – споделување на електрични возила. Проектот го претставија министрите за животна средина и за енергетика, Изет Меџити и Сања Божиновска, а ќе го спроведува приватната компанија „Аванткар“ која веќе изнајмува вакви електрични автомобили во Словенија, Австрија и Хрватска.
Треба да стартува идната година со 100 електрични автомобили, кои ќе може да ги користат владини институции, компании и граѓани преку мобилна апликација која ќе биде како клуч. Плаќањето ќе биде по минута и поминат километар, а за електричните автомобили ќе има посебни паркинг места достапни само за нив.
Но, за еколошките граѓански организации мерката е „далеку од доволна“ и сметаат дека е чекор во погрешен правец, бидејќи тоа се уште повеќе автомобили во градот кои ќе пречат во веќе ограничен простор, како што велат од граѓанската организација ГоГрин.
О2 Иницијатива предложи низа конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето во Скопје, со цел да се заштити здравјето на граѓаните и да се усогласат вредностите со новите стандарди на ЕУ за квалитет на воздух.
Министерот Меџити, минатата недела ја презентираше Планската програма за почист воздух 2024-2030, која рече дека вклучува проекти во енергетиката, каде се вклучени мерки за намалување на емисиите од домашни ложишта, инсталација на високо ефикасни котли и топлински пумпи, развивање на системи за греење без емисии...
Но од „О2 Иницијатива“ велат дека властите немаат јасни и прецизни мерки и конкретни буџетски средства за истите и дека со тоа повторно се губи уште една година во низата мерки без ефект за намалување на аерозагадувањето.
Издавачи на станови, неплаќачи на данок?
За да има пари во буџетот, па и за екологија, треба да се собираат пари од даноци, но многумина ги избегнуваат своите даночни обврски.
Управата за јавни приходи деновиве ги повика граѓаните кои издаваат станови, вили, викендички за претстојните празници да го пријават приходот и да платат данок.
Лани во февруари, 254 лица побарале пресметка колку да платат за издадениот имот во јануари. Казните за неплаќачите се од 50 до 250 евра во денарска противвредност.
„Нема потреба да пријавам, никој не контролира“, вели скопјанецот Дејан Т., издавач на стан за краток престој во главниот град.
Но, тие кои издаваат станови имаат обврска во УЈП тоа да го пријават. Пријавата заедно со соодветни докази се поднесува електронски (е-ППД), преку системот „е-Даночни услуги“.
„Ова се однесува и на издавање преку платформи како AirBnb, Booking.com, Facebook, Кајак и други. Пријавувањето на доход од издавање на недвижен имот се врши задолжително до 10-ти во месецот кој следи по месецот на издавање“, соопштија од УЈП.
Славко Лазовски, експерт за даночни прашања, вели дека УЈП и нема некои механизми со кои може да ги натера издавачите на недвижен имот да го пријават доходот од издавање, освен преку јавен апел. „Ако овој данок останеше кај општините, мислам дека ќе беа поуспешни во собирањето отколку што тоа го прави државата“, смета Лазовски.
Политичките партии веќе мислат на локалните избори догодина
Имиња на градоначалници, пратеници, министри веќе се слушаат како можни кандидати кои за околу десет месеци ќе ја бијат битката на локалните избори во Северна Македонија, особено во Градот Скопје и останатите поголеми општини.
За официјални кандидатури е рано, но веќе се вртат промотивни видеа на социјалните мрежи, афирмативни изјави за своите визии, како и пораки дека изборите ќе бидат своевиден испит за дел од политичарите и ќе значат крај на нечии политички кариери.
Дека веќе се во предизборна кампања, согласен е и аналитичарот Благојче Атанасовски.
„Во Македонија, во изминатите 33 години на повеќепартиска демократија од искуство се покажа дека политичките партии, повеќе или помалку се во некоја неформална предизборна кампања. Особено кога станува збор за локалните избори, бидејќи на мнозински изборен модел, секој глас е важен за победа за градоначалник во одредена општина“, вели Атанасоски за РСЕ.
ВМРО-ДПМНЕ официјално не излегува со имиња, но изборните подготовки веќе се започнати.
Од СДСМ велат дека се подготвени за какви било избори, а од почетокот на наредната ќе ги интензивираат активностите за локалните.
Од ЗНАМ велат дека ќе понудат квалитетни кандидати, но дали ќе одат сами или во коалиција, допрва ќе размислуваат.
Анализи и анкети за кандидатите во скоро време најавува и коалицијата Вреди (ВЛЕН). Партиите што ја сочинуваат најавуваат дека и на локалните избори ќе настапат заеднички по што ќе се одлучува дали ќе се обединат во една партија.
Битката со нивниот главен ривал, ДУИ, е особено интересна бидејќи, влогот и за едните и за другите е огромен.
Од ДУИ засега не добивме одговор за нивните планови за локалните избори.
Деца во градинка си играат политичари
Општество опседнато со политика, па не и ни чудо што децата имитираат политичари.
Многу е поважно децата да научат што е другарство, почит и љубезност отколку да знаат колку овци има во Австралија. Ова го порача универзитетската професорка и социолог Татјана Стојаноска Иванова во видео поткастот „Зошто“. Таа апелира дека е потребна стратегија на национално ниво и квалитетен разговор на родителите со децата дома.
„Драг Дедо Мраз, сакам мир и Украина да победи“
Некои други деца, растат во уште покомплицирани услови и имаат една желба – мир.
Финска се смета за официјален дом на Дедо Мраз, привлекувајќи меѓународни туристи во село во регионот на Лапонија. Тоа е исто така местото каде што илјадници деца ширум светот ги испраќаат своите божиќни желби по пошта. Финскиот Дедо Мраз добива писма од деца кои бараат играчки, а од Украина има безброј писма со желба за мир.
*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org