Нема потреба да пријавам, никој не контролира, вели скопјанецот Дејан Т., издавач на стан за краток престој во главниот град, откако Управата за јавни приходи(УЈП) минатата недела ги повика граѓаните кои издаваат станови вили, викендички за претстојните празници да го пријават доходот што го остваруваат од издавање на имотот.
Под краток престој се подразбира издавање на максимум 31 ден во месецот.
„Цел живот издавам стан во строгиот центар на Скопје, уште од 90-тите години на минатиот век. Никогаш не сум пријавил“, вели Дејан за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Половина од неговите гости се Турци, кои остануваат во градот по ден - два. Често го изнајмуваат и српски државјани на кои им треба преноќиште. Ретко некој останувал по неколку дена.
Дејан минатата година го издавал станот преку платформата Букинг (Booking.com). Платформата му наплаќала провизија од 12,5 отсто од вкупната сума за која станот бил издаден.
„Знам дека треба да се плати данок, но верувам дека голем дел од тие кои издаваат, не плаќаат. Северна Македонија нема опција за плаќање преку „Пејпал“ (PayPal), или „Пајонер“ (Payoneer) или другите светски сервиси за онлајн плаќање и тие не можат да ни префрлат пари. Се договарам со гостите, ако не можам дента да ми ги дадат парите, им велам да ги остават во станот. Функционира на доверба и никој досега не ме измамил“, вели Дејан.
Цените повисоки, а становите и викендиците - полни
Наде Петрушева, пак, со друштво од 10 луѓе, бара да изнајми стан за прославата на Нова година на 31 декември. Вели дека и покрај тоа што цените се речиси двојно повисоки во споредба со лани и преклани, место речиси и не можат да најдат.
„Агенција ни понуди стан со три спални соби, наместен, во центар на Скопје, за 400 евра за една вечер. Тоа е многу. Дополнително, ни рекоа дека треба да потпишеме договор за изнајмувањето, во кој има и одредба дека би платиле евентуална штета. Плаќањето би било однапред, или на сметка или на рака. Но, следниот ден станот веќе беше издаден“, рече Петрушева за РСЕ.
Потоа изнајмиле апартман во Дојран, за што платиле 300 евра за една вечер.
Од агенции за недвижности, со кои разговараше РСЕ, ни рекоа дека македонските зимски туристички центри се речиси распродадени за претстојната сезона. Конкретно за Нова година, становите и викендиците биле резервирани уште пред еден месец. Значителен интерес имало од Македонци кои живеат и работат во странство, а дошле на зимски одмор.
Кој плаќа?
Тие кои издаваат станови имаат обврска во УЈП да го пријават доходот од издавање на имотот. Пријавата заедно со соодветни докази се поднесува електронски (е-ППД), преку системот „е-Даночни услуги“.
„Ова се однесува и на издавање преку платформи како AirBnb, Booking.com, Facebook, Кајак и други. Пријавувањето на доход од издавање на недвижен имот се врши задолжително до 10-ти во месецот кој следи по месецот на издавање“, соопштија од УЈП.
Кајак.мк е единствена македонска платформа од тие што ги наброи УЈП. Се занимава со промоција на туризмот во Северна Македонија и има опција за онлајн плаќање при резервација на сместување. Од таму велат дека тие го плаќаат данокот кон државата.
„Зголемен е бројот на резервации преку платфорамата со интернет плаќања на самата платформа за резервации, кој данок агенцијата го плаќа на секое тромесечие. Ние немаме увид кај сместувањата во врска со тоа дали тие го пријавуваат доходот, бидејќи тоа е обврска на самите домаќини. Сметаме дека е веќе изградена свеста за тоа дека ако сакаме туризмот да ни расте во гранка која ќе ја стимулира економијата, треба секој чинител да го пријавува доходот во УЈП“, велат од Кајак.мк.
Казните се од 50 до 250 евра
Основа за пресметување на данокот претставува бруто доходот што се остварува намален за износот на следниве трошоци: 10 отсто од износот на доходот за неопремен простор и 15 отсто од износот на доходот, за опремен простор. Според примерите што ги дава УЈП во брошурата „Оданочување на доход од закуп и подзакуп“, ако на пример граѓанин издаде стан два дена во месецот за 2.000 денари, тогаш данокот на доход би бил 170 денари, а 1.830 денари би бил нето-износот што ќе му остане на издавачот по платениот данок кон државата.
Според податоците што ги добивме од УЈП, 219 лица имале аконтација за плаќање данок на доход за февруари 2022, за имотот што го издавале во јануари истата година.
Следната 2023 година, за февруари, тој број пораснал на 254 лица.
Славко Лазовски, експерт за даночни прашања, вели дека УЈП и нема некои механизми со кои може да ги натера издавачите на недвижен имот да го пријават доходот од издавање, освен преку јавен апел.
„Ако овој данок останеше кај општините, мислам дека ќе беа поуспешни во собирањето отколку што тоа го прави државата. Станува збор за можеби занемарливи приходи во споредба со други поголеми даноци што ни „бегаат“ и не можеме да ги собереме, но УЈП нема инструмент како да ги собере освен да лицата што остваруваат приходи од издавање недвижен имот, самите да ги пријават тие приходи“, вели Лазовски за РСЕ.
Ако некој не го плати данокот, УЈП може да преземе прекршочни мерки, вклучувајќи глоби кои се движат од 50 до 250 евра во денарска противвредност.
„Управата за јавни приходи во континуитет врши проверки, анализи и контроли на приходите остварени од издавање под закуп на недвижен имот. Освен тоа, УЈП постојано спроведува кампањи за подигање на јавната свест во врска со даночните обврски на граѓаните и компаниите. Овие кампањи имаат за цел да ја зголемат свеста за обврските што ги имаат обврзниците и да ги мотивираат да ги исполнуваат своите даночни обврски навреме и точно“, ни одговорија од УЈП.
Според податоците од УЈП, последните две години и на годишно ниво се зголемил и бројот на граѓани кои побарале од УЈП да им пресмета колку данок треба да платат за издавање имот на физички лица - од 4.706 лица во 2022, на 4.945 лица во 2023 година.