Достапни линкови

Да го погледнеме туризмот со очите на странците


Илустративна фотографија - туристи во центарот на Скопје
Илустративна фотографија - туристи во центарот на Скопје

Во Северна Македонија има што да се види, сметаат и странските туристи и туристичките водичи. Статистиката покажува дека бројот на туристи расте, но како може позитивниот тренд да продолжи?

Ние не си го сакаме Скопје, а туристите го сакаат. Ваков е впечатокот на скопјанката Александра, која работи како туристички водич низ главниот град и смета дека мора да почнеме да го гледаме градот со други очи.

Таа на туристи од целиот свет им раскажува приказни за Скопје, за кои, како што вели, не слушнале ниту некои скопјани.

Со голем ентузијазам на една таква пешачка тура, тргнале Италијанецот Федерико и Холанѓанецот Нијази, кои случајно се запознале во скопски хостел претходниот ден.

Нијази и Федерико на почетокот од пешачката тура низ Скопје
Нијази и Федерико на почетокот од пешачката тура низ Скопје

„Мислам дека Скопје е навистина потценет, убав град, во кој има многу што да се види, полн е со статуи. Има многу убава архитектура и би го препорачал секому“, вели Федерико.

Холанѓанецот Нијази е заинтересиран за античката историја.

“Не знам многу за Скопје, но знам доста за македонската историја, мислам на античката историја од времето на Александар Македонски. Сакам да видам стара архитектура, можеби да посетам некој музеј за македонската историја, исто така за отоманската историја“, вели Нијази.

Нијази и Федерико пред спомен куќата на Мајка Тереза, во центарот на Скопје
Нијази и Федерико пред спомен куќата на Мајка Тереза, во центарот на Скопје

Швајцарецот Дитр, пак, со велосипед патува од Будимпешта до Солун. Попатно, застанал во Скопје, но сакал да го разгледа и пеш.

„Разгледав како е низ центарот. Бев вчудоневиден што сè е изградено, но мислам дека не е многу класично, туку е новоизградено, а во стил на нешто старо“, вели Дитр.

Што им се допаѓа, а што не, на туристите што го посетуваат Скопје?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

Капан ан, Сули ан, иконостастот во црквата Свети Спас, скопската панорама од тврдината Кале и старата чаршија се локации кои најмногу им оставаат впечаток на туристите. Но прилично едногласни се и околу она што ги шокира во негативна смисла, забележува водичот.

„Им остава впечаток тоа што ја имаме зачувано чаршијата која официјално се води како втора по големина во Европа, после Капали чаршија, во Истанбул. А освен од отпадот, уличните кучиња, за жал и коњите на ливадата до Кале, шокирани се од кладилниците и казината. Кога ќе видат бездомници постајно велат – има ли полиција, не гледаме полиција“, изјави Александра.

Таа напуштила, како што вели, стабилна работа во IT секторот после 21 година, барајќи нов предизвик. Но и затоа што забележала дека низ градот постојано има туристи, а ова го покажува и статистиката.

Расте бројот на туристи во Северна Македонија

Од почетокот на годинава до август, во Северна Македонија имало 8,3 % повеќе туристи, споредено со истиот период лани. Ова го покажуваат податоците од државниот завод за статистика (ДЗС). Се забележува 0,9 % намалување кај домашните туристи, но има зголемување од 14,4 % кај странските туристи.

Според ДЗС, бројот на ноќевања на странски туристи е зголемен за 9,3 % во првите 8 месеци од 2024, споредено со тој период во 2023.

Речиси 120.000 странски туристи имало само во август, а над 53.000 од нив ги посетиле планинските и езерските места. Повеќе од 45.000 странски туристи го посетиле главниот град.

Странски туристи во Северна Македонија во август 2024 година според посетени места
Странски туристи во Северна Македонија во август 2024 година според посетени места

Во август имало 232 576, од кои 48.6 % домашни, а 51.4 % странски туристи. Најголем број од странските туристи во тој месец се од Турција, покажуваат податоците од ДЗС.

Држави од кои дошле најмногу туристи во Северна Македонија во август 2024 година
Држави од кои дошле најмногу туристи во Северна Македонија во август 2024 година

На скопскиот и охридскиот аеродром минатата година имало 3,1 милиони патници. Во првите девет месеци, годинава, според податоците кои ги доби РСЕ, нивниот број изнесувал 2,4 милиони и се бележи зголемување од 3 проценти во споредба со лани.

Од 2025, Владата ќе дава по 9 и 12 евра за секој патник што ќе пристигне на скопскиот и охридскиот аеродром.

„Со самиот факт што финансиската поддршка ќе се дава по патник за доаѓање, очекуваме годишен раст на бројот на патници за плус околу 200 илјади. Овој концепт ќе донесе повеќе туристи, ќе се отворат нови дестинации за граѓаните и крајна цел е очекувано позитивно влијание во домашната економија. Дополнително очекуваме домашните аеродроми да бидат сериозна конкуренција на аеродромите во регионот“, велат од Министерството за транспорт за Радио Слободна Европа.

Број на летови и патници на скопскиот и охридскиот аеродром 2019-2023 и септември 2024
Број на летови и патници на скопскиот и охридскиот аеродром 2019-2023 и септември 2024

Како трендот да продолжи?

Ние не сме типична туристичка дестинација за масовен туризам, туку за алтернативен. Можеме да понудиме планини, езера и можеби е најдобро да имаме туризам од средина на август или септември до мај, јуни, пред да започне топлиот период. Можеме и тогаш, ама ни фалат многу работи за да може да го понудиме тоа, смета туристичкиот водич Александра.

„Треба и државата да направи нешто за промоција, ама најважно е да си ја средиме прво земјата – ѓубрето да си го тргнеме, да го решиме јавниот транспорт, не можат луѓето до Матка да стигнат, ги оставаат 2-3 километри во последното село, Глумово. Така мислам дека ќе продолжи да расте трендот, бидејќи ние сме интересни како дестинација. Можеби ние сме неодговорни, мрзеливи, меѓутоа сме им привлечни. Тука се чувствува ориентот. Ние сме на крстосница, исток и запад буквално тука се среќаваат, на Балканот, и тоа е најголема предност“, заклучува соговорничката.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG