Достапни линкови

Шест милиони евра субвенции за летови по нов модел


Меѓународен аеродром Скопје (фотоархива).
Меѓународен аеродром Скопје (фотоархива).

Од 2025, Владата ќе дава по 9 и 12 евра за секој патник што ќе пристигне на скопскиот и охридскиот аеродром. Субвенциите нема да ги зема само една или две авиокомпании, туку тие ќе се делат според дестинации. Јавниот повик заврши, а деновиве се очекува да се објават и резултати. Очекувањата на власта се дека на годишно ниво, на двата аеродроми во земјава ќе има по 200.000 патници повеќе.

Нови авиолинии до Скопје и Охрид треба да почнат да функционираат по Нова година до двата аеродроми во земјава – Меѓународниот аеродром Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Деновиве завршува евалуацијата на понудите што ги доставија авиокомпаниите по јавниот повик за субвенции што го распиша Министерството за транспорт и се очекува наскоро и официјално да бидат објавени дестинациите со кои ќе се поврзат двата македонски аеродроми.

Очекувањата се дека новите авиолинии нема да бидат само до земјите од ЕУ, а како примери министерот за транспорт Александар Николоски, ги посочи земјите и од Блискиот Исток и други дестинации од каде се очекуваат повеќе патници и туристи.

Субвенциите се одвиваат по нов модел, во кој меѓу новините е тоа што тие се даваат за патник по доаѓање, наместо по заминување како што беше досега.

„Со самиот факт што финансиската поддршка ќе се дава по патник за доаѓање, очекуваме годишен раст на бројот на патници за плус околу 200 илјади. Овој концепт ќе донесе повеќе туристи, ќе се отворат нови дестинации за граѓаните и крајна цел е очекувано позитивно влијание во домашната економија. Дополнително очекуваме домашните аеродроми да бидат сериозна конкуренција на аеродромите во регионот“, велат од Министерството за транспорт за Радио Слободна Европа.

На скопскиот и охридскиот аеродром минатата година беа опслужени 3,1 милиони патници. Во првите девет месеци, годинава, според податоците кои ги доби РСЕ, нивниот број изнесувал 2,4 милиони и се бележи зголемување од 3 проценти во споредба со лани. За аеродромскиот оператор, ТАВ Македонија кој раководи со двата аеродрома во земјава, новиот модел на субвенционирање е прифатлив и очекуваат дека ќе имаат повеќе патници.

„Според проценките овие субвенции би биле одлична можност и би имале голем ефект врз зголемувањето на бројот на нови дестинации. Дополнително, тие би привлекле нови авиокомпании кои би летале скопскиот и охридскиот аеродром и следствено би го зголемиле бројот на патници и туристи во земјава“, велат од македонската подружница на ТАВ Аеродроми.

Инфографика - Број на летови и патници на скопскиот и охридскиот аеродром 2019-2023 и јануари-септември 2024.
Инфографика - Број на летови и патници на скопскиот и охридскиот аеродром 2019-2023 и јануари-септември 2024.

Шест милиони евра за субвенции за три години

Новиот повик за субвенции беше објавен на 6 септември и заврши на 7 октомври. Тој се однесува за програма за периодот од 1 јануари 2025 до 31 декември 2027 и за овие три години предвидено е да се одвојат вкупно 375 милиони денари (125 милиони годишно) или околу шест милиони евра.

Ова, како што рече министерот Николоски, е за еден милион евра повеќе од досегашните повици.

Но, тоа не е единствената разлика. Моделот се менува со тоа што субвенциите ќе се исплаќаат по број на патници кои дошле, наместо на тие што заминале. Се зголемува и сумата.

Претходно се субвенционираше по 7 евра од патник во заминување од аеродромот во Скопје и по 4,5 од охридскиот. Сега, државата ќе дава по 9 евра за патник што ќе пристигне на скопскиот односно 12 на охридскиот аеродром.

Со новиот повик се тргна и барањето за задолжително оперирање до дестинацијата што се субвенционира по истекот на периодот за поддршка која досега беше обврзана да сообраќа за онолку време колку што имала субвенции.

Очекувањата се дека со новиот модел ќе се намали и зависноста од една или две компании, како што беше случајот досега кога најчесто „Визер“ ги држеше субвенционираните авиолинии.

„Една од новите е што веќе нема да се субвенционираат авиокомпании, туку дестинации. Што значи ја избегнуваме праксата во која е субвенционирана една, две или три авиокомпании, туку повикот ќе биде за сите авиокомпании кои ги исполнуваат условите за секоја засебна дестинација и ќе бараме авиокомпании кои ќе ги опслужуваат сите дестинации“, рече министерот Николоски објаснувајќи го новиот модел.

Меѓу условите кои се бараа да ги исполнат авиокомпаниите според новиот модел беа да поседуваат уверение за безбедносни услови, да имаат превезено најмалку 5 милиони патници во 2023, како и профит од минимум 10 милиони евра за минатата година.

Нивното рангирање, пак, кое деновиве го финализира комисијата во Министерството, се прави според неколку критериуми: периодот на оперирање на дестинацијата, бројот на неделни летови, атрактивноста на аеродромот кон кој оперира и бројот на седишта понудени на продажба.

Нов мастер-план и летови кон други континенти

Независно од новиот модел за субвенционирање, минатиот четврток (17 октомври) министерот Николоски, најави дека Владата има идеја од скопскиот аеродром да се организираат и директни прекуморски и интерконтинентални летови.

Тој рече дека веќе работат на тоа, признавајќи дека е идејата е „огромна амбиција“.

Додека се очекува дали таа може воопшто да се оствари, но и во очекување на резултатите од јавниот повик за субвенции на дестинации и резултати што треба да ги даде новиот модел, ТАВ Македонија соопшти дека подготвува нов мастер-план за развој на скопскиот и охридскиот аеродром.

Тој беше најавен на 20 септември и според рокот што си го зададоа сами, треба да биде готов за околу два месеца оттогаш.

„Целта на мастер-планот кој беше објавен пред неколку недели е проекција на идниот развој на воздухопловството во земјава. Во него ќе бидат наведени плановите за проширување на капацитетите како и развојот и идните приспособувања на околината на аеродромите. Истиот е сè уште е во фаза на подготовка од страна на мнозинскиот сопственик на ТАВ аеродроми – француската групација АДП“, велат од ТАВ Македонија за РСЕ.

Инфографика - Најфреквентни летови од скопскиот и од охридскиот аеродром во 2023 година.
Инфографика - Најфреквентни летови од скопскиот и од охридскиот аеродром во 2023 година.

Кога ќе го завршат, како што посочуваат, ќе го споделат прво со Владата, а потоа и со јавноста.

Месецов е период на транзиција од летен во зимски распоред на летовите, па според информациите што ги споделуваат од ТАВ Македонија во септември од Меѓународниот аеродром Скопје оперирале вкупно 19 авиокомпании кон 47 дестинации, вклучувајќи ги тука и редовните, но и сезонските и чартер летовите.

Од „Св. Апостол Павле“ во Охрид, пак, минатиот месец летале седум компании кон девет дестинации.

Додека во првите девет месеци се бележи раст од три проценти на бројот на патници на двата аеродроми, зголемен тренд од ТАВ Македонија забележале и изминатите години.

Бројот на патници во 2019 изнесувал речиси 2,7 милиони. Пад се бележи само во пандемската 2020 кога поради ковид-кризата имало само 782.876 патници. Следната година повторно има нагорен тренд со 1,4 милиони патници, а во 2022 тој изнесува речиси 2,4 милиони.

Лани, на двата аеродроми поминале 3,15 милиони патници. Тие летале со речиси 24 илјади летови.

Најфреквентни дестинации од Скопскиот аеродром, пак, биле Истанбул, потоа швајцарските градови Базел и Цирих, а по нив се германските Франкфурт и Дортмунд, како и австрискиот главен град Виена. Топ десетте дестинации ги заокружуваат Минхен, Анталија, Хамбург и Келн. Малку поразлична е ситуацијата за Охрид, каде во првите го нема Истанбул, но тука се Малме и Амстердам, кои се петто и седмо место. Првото го држи Базел, а потоа следуваат Виена и Дортмунд.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG