Дали сте луди? Ова било едно од прашањата на дел од пријателите до сопружниците Бразилци, Едра Сток и Габриел Фоз, кога им кажале дека сакаат да патуваат низ светот со малку пари и многу превоз со авто-стоп. Авантурата која почнала во март годинава, а не се знае кога ќе заврши, летово ги донесе и во Скопје и Охрид.
Едра има 32 години и по професија е стоматолог, а работела и како наставничка по португалски. А 36-годишниот Габриел е специјалист за маркетинг. Заедно се 10 години, од кои 7 се во брак.
„Секогаш ни беше сон да одиме на места кои не се толку вообичаени за нас, во Бразил. Сфативме дека старееме, па време е да направиме нешто вакво. Ако не сега, кога?“, вели Едра во разговорот со Радио Слободна Европа.
Доаѓаат од малиот град, Промисао, на периферијата на Бразил, каде велат, не сите луѓе се отворени за вакви искуства.
„Секоја земја во која одиме е сè подалечна од Бразил, па на блиските им е непознато и се прашуваат дали сме безбедни, но дел нè поддржаа од почеток. Добро е што може да им покажеме дека е супер и дека е можно“, додава Едра.
Штеделе околу две години откако решиле дека сакаат да го остварат сонот – да видат што повеќе места, но со ограничен буџет. Дале отказ од работа, го продале сиот мебел и автомобилот. Најважно им било да бидат психолошки добро подготвени.
Од Сао Паоло, Бразил, одлетале до Франција. Со комбинација на автобус и авто-стоп ги посетиле и Шпанија, Унгарија, Србија, Босна, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија. Сега се во Бугарија. Следна станица, велат, веројатно ќе биде Турција, потоа можеби Грузија, некоја од кавкаските земји...
На прашањето каде ќе бидете следниот месец одговорот е – не знаеме. Имаат некаква идеја и план, но сакаат да биде спонтано. Извесно е само дека кон крајот на годината сакааат да бидат во Индија, а потоа можеби ќе тргнат кон југо-источна Азија.
Локалците пред Гугл
Не патуваат како „класични“ туристи, туку како луѓе кои сакаат вистински да го почувствуваат духот на местото и да запознаваат нови луѓе и култури. Затоа, поважна им е препораката од локалците за тоа што да видат или каде да јадат, отколку онаа од Гугл.
„Одиме полека, чекор по чекор и не брзаме да го видиме целиот град. Гледаме да останеме што подолго во градовите, но сакаме да поминуваме време и во селата“, вели Габриел.
Но, за да останат некаде подолго, треба да трошат внимателно, во рамки на договорениот буџет.
„Поинаку е од класичен одмор бидејќи ги немаме парите кои би ги испланирале 15 дена одмор во годината, на пример. Не можеме да потрошиме повеќе од 1000 евра месечно. Секој од нас може да потроши по 15 евра на ден, односно заедно, вкупно 30 евра“, истакна сопругата.
Ако некој ден баш мора да потрошат повеќе од 30 евра, следниот, гледаат да заштедат. Прават размена на услуги, односно работат во замена за храна и сместување.
„Сме работеле многу нешта, но преферираме работа на фарма, со животни, на село. Во некои хостели работиме на одржување во замена за сместување. Во некои ресторани готвиме и миеме садови во замена за оброк. Научивме да одгледуваме компири, да чуваме овци. Се надевам дека некои од овие вештини ќе можеме да ги користиме во иднина“, ни раскажа Бразилецот.
Со авион патувале само кога мораат. Со авто-стоп почнале кога ги виделе цените за автобуски превоз и сфатиле дека не може да го користат често.
„Излеговме на патот и почнавме да креваме палци за авто-стоп. Никогаш претходно го немавме направено тоа“, се сеќава Габриел.
Досега вака се превезувале над 100 пати. Претпоставуваат дека луѓето полесно се одлучуваат да застанат кога ќе видат дека се пар.
„Мислам дека поисплашени се возачите отколку ние. Имаат само една до две секунди да одлучат дали ќе застанат. Не знаат од каде сме, што правиме... Но, ова искуство ни покажа колку љубезни можат да бидат луѓето“, смета Едра.
Некогаш оди брзо и лесно, но се случува да чекаат со часови на сонце или да ги фати дожд. Досега, велат, не почувствувале некаква закана, но порачуваат дека сепак мора да се биде внимателен.
„Не е дека им го препорачуваме ова на другите. Ако сакаат да го прават, мора да бидат внимателни, да се подготват добро, да прочитаат нешто за местото. Ние се обидуваме да ја следиме нашата интуиција. Имаме договор дека ако еден од нас не се чувствува пријатно во некоја ситуација, треба да каже и ќе најдеме друг начин за да продолжиме“, истакна Бразилецот.
Зошто Балканот?
На Балканот се речиси два месеца и тука ги донела љубопитноста. За Северна Македонија знаеле само каде е на мапа и некои основни нешта, како на пример, дека го има Охридското Езеро. Од Охрид до Скопје ги донел скопјанец со кој велат, развиле пријателство за цел живот.
„Првиот впечаток ни беше дека луѓето овде се насекаде многу, многу љубезни. За мене најголемото богатство на една земја се луѓето. Тоа е поважно од нејзините убавини, музеите, пејзажите“, дециден е Габриел.
Дури повозрасните Македонци кои ги сретнале, а не знаеле англиски, велат, дале сè од себе за да им помогнат додека барале некоја локација на пример.
„Ова е првата земја на Балканот каде буквално сите беа многу фини со нас и сакаа да ни помогнат во секоја ситуација. Кога се чувствувам убаво на некое место, ги затворам очите за лошите места во него. Веројатно, има некои лоши или не толку добри нешта овде, но за нас сè е ново и искуството е добро“, вели Бразилката.
Кога дошле во Охрид, велат, помислиле дека би можеле да останат тука засекогаш. Многу им се допаднала и Будимпешта, а им било убаво и во Црна Гора.
„Целиот живот“ во еден ранец
Од март до сега поминале низ повеќе од 40 градови и 5000 километри. Уште кога се договориле дека ќе патуваат вака, престанале да купуваат работи што не им требаат. Во ранци со себе можат да носат малку работи. Искуството, велат, ги направило попрактични.
„Предизвик е што треба да чуваш и некои од работите кои не ги користиш во моментот. На пример, сега е многу топло, но сепак мора да ги чуваме џемперите кои ќе ни требаат кога ќе студи. Ако сакам да имам нова маица, треба да се ослободам од една стара“, истакнува Едра.
Во ранците нема место за сувенири како спомен од местата кои ги посетиле. Спомените ги чуваат во глава или на фотографии и видеа.
Имаат тетратка во која, луѓето кои ги среќаваат по пат, може да им остават порака. А социјалните мрежи ги користат како еден тип на дневник.
„Не се обидуваме да бидеме некакви инфлуенсери кои патуваат. Го правиме тоа за нас и на нашите семејства им се допаѓа, така го следат нашето патување“, вели Фоз.
Инспирација им биле слични искуства на други луѓе и едно сеќавање од детството на Габриел.
„Во весниците читав приказни на луѓе кои патуваат и се запознаваат со различни култури. Ми беше инспиративно и на некој начин во мојата потсвест го носев тоа со себе. Во еден период го отворивме нашиот дом за луѓе кои патуваат како ние сега. Сфативме дека тоа не се само богати или хипи луѓе. Не, тие се исто така обични луѓе, кои само требало подолго и добро да се подготват“, се сеќава Габриел.
Претпоставуваат дека можеби еден ден нивната приказна ќе биде инспирација за некој друг.
„Но, не само инспирација за да се патува. Туку инспирација да се верува во љубезноста на луѓето или да се комуницира со соседот. Може да се најдат убави нешта и во соседниот град, но треба очите да се држат отворени за да се видат добрите нешта кои може да ги сретнеш на патот. Секако, треба да се свесни за ваква одлука, бидејќи не е лесно и не е за секој. Треба навистина добра подготовка“, заклучува Габриел.
Иако уживаат во патувањево, нема да живеат вака со години. Планираат да патуваат најмногу до крајот на следната година. Потоа, велат, би се задржале на едно место, каде повторно, ќе ги отворат вратите на својот дом за луѓе кои патуваат како тие сега.