„Вашата ќерка со возило прегази дете, мигрант“, биле зборовите на измамникот кој и се јавил на 65 годишна кумановка на почетокот на февруари и се преставил дека е полицаец.
Ако не сака нејзината ќерка да одговара кривично, измамникот и понудил на жената да плати 30 илјади евра. Таа без размислување ги однела парите на договореното место, а подоцна се слушнала со нејзината ќерка и сфатила дека е измамена, соопшти на 1 февруари полицијата, која рече дека презема мерки за расчистување на случајот.
Ден претходно во СВР Куманово биле пријавени три случаи на иста измама. Двајца повозрасни кумановци платиле за да куртулат нивните блиски, првиот 100 илјади денари, а вториот 2 500 евра. Во третиот случај кумановецот се посомневал и не платил 4 000 евра колку што му побарале туку пријавил во полиција.
„Во сите три случаи, лицето се претставувало како полициски службеник, ги информирал дека нивни блиски членови на семејство, синови или ќерки направиле сообраќајна несреќа во која наводно било прегазен дете мигрант, по што барале пари за да не го гонат кривично“, велат од СВР Куманово.
Лани во Куманово биле регистрирани две измами со сообраќајни незгоди.
Од почетокот на 2025 до сега во СВР Куманово биле пријавени вкупно 5 вакви измами.
„Поради зачестените појави на измами во изминатиот период полициските службеници реализираат превентивни активности и во непосредна комуникација со граѓаните им укажуваат за начинот на кој се извршуваат измамите со наводни сообраќајни незгоди“, велат од СВР Куманово.
Бугарски државјани вмешани во измамите
Два случаи за обид за измама открива и Радио Слободна Европа. И двата ги поврзува што се кон жители на Скопје, во ист период се случиле, односно на почетокот на февруари, и двата биле од измамници кои при говорот употребувале зборови од бугарскиот јазик, што алудира на тоа дека се од соседството.
Во првиот случај се јавиле кај жена од Скопје која сакаше да остане анонимна и тоа на фиксен телефон. Таа се уште го има овој телефонски број поради комунакцијата со нејзиниот татко, па се зачудила кога на идентификаторот видела дека повикот е од скриен број.
Од другата страна на слушалката се јавил машки глас за кој таа тврди дека говорел на бугарски јазик. Веднаш и станало сомнително, но го оставила да зборува.
„Се претстави како полициски инспектор и ме праша дали имам ќерка, а јас без размислување го излажав дека имам само за да видам до каде ќе оди. Ми рече дека предизвикала сообраќајка во која загинал човек, и дека ако сакам да ја извлече од кривично гонење ќе треба да платам.
Му реков дека ќерка ми не вози, па веднаш по тоа почна да зборува дека всушност син ми ја предизвикал. Кога се уверив дека се работи за вистинска измама го прекинав повикот“, вели жената која сведочеше за РСЕ.
Сепак таа случајот не го пријавила во МВР. Во истиот период односно на почетокот на февруари, исто така на фиксен телефон и пензионерка од Скопје со која разговараше РСЕ добила телефонски повик од измамник кој зборувал невообичаено.
„Ми рече дека синот прегазил дете и секако ќе оди во затвор за такво дело, но дека може да се намали казната ако дадам пари. Праша каде ги чувам парите и кога може да ги донесам. Мене сето ова ми звучеше многу чудно. Кога побарав да разговарам со синот рече дека е повреден од сообраќајката и не може да зборува. Ја спуштив слушалката и веднаш свртев кај синот. Тогаш разбрав дека се е во ред со него и ми се потврди сомнежот дека ова беше обид за измама“, вели пензионерката за РСЕ.
Инаку ако се погледнат полициските билтени од последните години во кои се објавуваат ваквите случаи, може да се забележи дека меѓу уапсените има и бугарски државјани.
На 30 мај 2024 година СВР Охрид известило дека поднеле кривична пријава на охриѓанец и бугарска државјанка кои мамеле повозрасни охриѓани дека нивните блиски имале сообраќајна несреќа со жртви. Во неколку наврати собрале пари од неколкумина охриѓани и собрале вкупно 30 илјади евра.
Во октомври во 2022 година на граничниот премин Деве Баир полициски службеници го уапсија Н.П.С. (34) од Плевен, Република Бугарија. Во соработка со бугарската полиција бил уапсен под сомнение дека измамил повеќе граѓани на Северна Македонија и успеал да заработи 40 илјади евра и злато вредно 10 илјади евра.
Измамникот успевал оштетените да ги доведе во заблуда телефонски јавувајќи им се и кажувајќи им дека член на нивното потесно семејство наводно предизвикал сообраќајна несреќа, при што има загинато дете, и доколку сака да го спаси од одење во затвор, барал од оштетените поголема сума на пари, пишуваше тогаш во билтенот.
Зошто луѓето плаќаат на измамници?
Последна вест од вчера, 2 декември, е дека 87 годишна жена од Скопје пред два дена била измамена од едно машко лице за 6 000 евра.
Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски и ѝ кажало дека нејзината ќерка во Канада предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете и доколку не сакала таа да лежи во затвор требало да плати. Жената парите ги оставила на претходно договореното место.
Според професорката на филозофскиот факултет Тања Стојановска Иванова кога на некој човек ќе му се јават со таква информација, не може да размислува разумно.
Вели дека стравот, стресот и емпатијата го тера без размислување да даде се, само за неговото дете да не се најде во несигурна ситуација.
„Да, може да се каже дека луѓето се спремни да корумпираат, но не може да се заборави дека грижата за најблискиот е поголема отколку моментот дека треба да преземете нешто што е нелегално. Колку и вие да поседувате вредности од типот на чесност, праведност, одговорност, и колку и да е тоа дел од вашиот вредносен систем и морален дискурси да се однесувате цел живот така, кога се работи за нешто поврзано со најблизок од семејството вие сето тоа го ставате во позадина. На пиедестал избликнува, како да го спасам или да му помогнам на најмилото“, вели Тања Стојановска Иванова, професор на Институт за Социологија.
Инаку минатата година регистрирани се вкупно 25 слични измами во Северна Македонија од кои 15 се во Скопје. МВР пак поднело четири кривични пријави, од кои две против непознат сторител.
На некои од жртвите на измами, според социолозите. делува и општата ситуација во државата во која има многу сообраќајни незгоди со трагичен крај, а во кои сторители и жртви се млади луѓе.
Последен ваков случај беше на 29 јануари кога во сообраќајна несреќа загина 22 годишната Фросина Кулакова. На булеварот Партизански одреди, додека поминувала на пешачки премин во неа удри возило управувано од 20 годишниот Васил Јованов. Подоцна беше објавено дека тој нема возачка дозвола, поминал на црвено светло, под дејство на алкохол и возел со голема брзина.
Ова предизвика протести на улиците во Скопје, со порака „Правда за Фросина“. Револтот се зголеми особено кога беше објавена информацијата дека тој претходно исто така предизвикал сообраќајна несреќа, но поминал само со парична казна. исто така бил фатен и со големо количество дрога, но добил воспитна мерка. Од протестите се бараше правда, но и построги казни и мерки за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.