Достапни линкови

Вести

Обвинителството започна истрага за лица на црната листа на САД

Основно јавно обвинителство, Скопје
Основно јавно обвинителство, Скопје

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски рече дека оформил предмет за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за лицата ставени на црната листа на САД.

Предметот е доставен на постапување на надлежно обвинителство кое ќе издаде соодветни наредби до институциите за откривање на кривичните дела, рече тој.

„Со оглед на сериозноста на наводите поради кои наведените лица беа назначени на листата, ги искористив своите овластувања и уште вчера оформив предмет со цел да се обидеме да обезбедиме докази со кои ќе ја провериме евентуалната кривична одговорност на лицата кои се доведуваат во врска со дејства на поткуп и трговија со влијание“, истакна Коцевски на брифинг со новинарите.

Изјавата на државниот јавен обвинител доаѓа два дека откако Артан Груби, поранешен вицепремиер од ДУИ и апелацискиот судија Енвер Беџети се најдоа на „црната листа“ на Стејт департментот.

Годинава на американската „црна листа“ се најдоа поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и актуелниот градоначалник на општината Карпош, Стевчо Јакимовски.

Минатата година беа ставени поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, бизнисменот Орце Камчев, бизнисменот Сергеј Самсоненко и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

На оваа листа тие им се придружија на експремиерот Никола Груевски и на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Државниот обвинител Коцевски вели дкеа е одлична соработката на Обвинителството со стратешките партнери од САД и особено со Амбасадата на САД.

Американската амбасадорка Анџела Агелер на 10 декември по ставањето на Груби и Беџети на црната листа, изјави дека доказите за нив се достапни и дека македонските институции можат да ги најдат.

Лидерот на ДУИ денеска изјави дека не ги оспоруваат одлуките на Американскиот Стејт департмент, но посочи дека Груби има право на жалба и дека ќе го води процесот насочен со факти.

„Ова право господин Груби го има во одлуката на Стејт депарментот и тој сигурно нема да му наштети ниту на неговиот политички субјект (Демократската унија за интегација), ниту на неговото семејство, до моментот кога овој процес ќе добие финална разврска“, рече Ахмети.

види ги сите денешни вести

САД ги одложија санкциите за Српската нафтена индустрија

Србија - Нафтена индистрија на Србија (НИС) со активности во Војводина, август 2020 година.
Србија - Нафтена индистрија на Србија (НИС) со активности во Војводина, август 2020 година.

Нафтената индустрија на Србија (НИС) соопшти дека американското Министерство за финансии издало нова специјална лиценца која до 28 април 2025 годинаго одложи стапувањето во сила на санкциите против таа компанија поради руската сопственост во неа.

Таа лиценца ѝ овозможува на компанијата, на која на 10 јануари ѝ беа најавени американски санкции поради уделот во рускиот „Гаспром Нефт“, непречено да ги извршува своите оперативни активности до 28 април или до укинување на санкциите, доколку дојде до такво нешто.

Санкциите требаше да стапат на сила на 28 февруари.

НИС, единствената компанија во Србија која се занимава со истражување, производство и преработка на производство на нафта и природен гас, беше санкционирана поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно поради поврзаноста со „Гаспром Нефт“, кој е под санкции на Западот поради руската инвазија на Украина.

По објавувањето на санкциите против НИС, „Гаспром Нефт“ префрли околу пет отсто од својот удел на Гаспром, руска компанија која не е опфатена со западните санкции. Сега, уделот на Гаспром нефт во НИС изнесува помалку од 50 отсто (44,85).

Дури и со променетата сопственичка структура, руските компании сè уште имаат мнозински удел во НИС.

Повеќе од илјада загинати во земјотресот во Мјанмар

Последици од земјотресот во Мјанмар, 29 март 2025 година.
Последици од земјотресот во Мјанмар, 29 март 2025 година.

Странски спасувачки тимови пристигнуваат во Мјанмар за да помогнат во потрагата по преживеани од земјотресот во кој загинаа повеќе од 1.000 луѓе во сиромашната југоисточна азиска земја, уништувајќи ја критичната инфраструктура во услови на граѓанска војна, јави агенцијата Ројтерс.

Бројот на загинати во Мјанмар досега е 1.002 лица, соопшти воената влада на 29 март, што е значително поголем од првичните извештаи на државните медиуми за 144 мртви во петокот, на 28 март.

Најмалку девет лица загинаа во соседен Тајланд, каде земјотрес со јачина од 7, 7 степени по Рихтер урна и облакодер во изградба во главниот град Бангкок, при што 30 лица останаа заробени под урнатините, а 49 се водат како исчезнати.

Проценките на Американскиот геолошки институт покажуваат дека бројот на загинати во Мјанмар може да надмине 10.000 лица.

Земјотресот во Мјанмар оштети патишта, мостови и згради, соопшти Воената хунта.

Русија, Индија, Малезија и Сингапур испратија авиони со хуманитарна помош и со персонал во Мјанмар. Јужна Кореја најави дека ќе обезбеди првични два милиони долари хуманитарна помош преку меѓународни организации.

САД, кои ги затегнаа односите со војската на Мјанмар и воведоа санкции за нивните официјални лица, вклучително и шефот на хунтата Мин Аунг Хлаинг, соопштија дека ќе обезбедат одредена помош.

Земјотресот на 28 март попладне погоди значителни делови од земјата, од централните рамнини околу Мандалеј до ридовите Шана, чии делови не се целосно под контрола на хунтата.

Четири лица загинаа во руски напад со дрон врз Дњепар

Украина - руски напад со дронови врз Дњепар, 29 март 2025 година.
Украина - руски напад со дронови врз Дњепар, 29 март 2025 година.

Четири лица загинаа, а 19 се ранети во напад со руско беспилотно летало врз украинскиот град Дњепар доцна во петокот (28 март), изјави регионалниот гувернер Серхи Лисак.

Нападите со дрон предизвикаа голем пожар во комплекс со хотели и ресторани, како и во неколку приватни куќи.

„Според информациите што ги имаме во моментов, има четири смртни случаи во Дњепар“, објави гувернерот на областа, на мрежата Телеграм.

Руските сили употребија повеќе од 20 дронови во нападот на Дњепар.

Сликите и видеата објавени на социјалните мрежи покажуваат пламен и големи облаци чад. Други покажуваат срушени згради, тешко оштетени горни катови на високи згради и улици полни со скршено стакло.

Патиштата влажни, да се прилагоди брзината на движење

Северна Македонија - дожд на улиците во Скопје, 10 септември 2024 година.
Северна Македонија - дожд на улиците во Скопје, 10 септември 2024 година.

Сообраќајот на државните патишта се одвивa непречено, по влажни коловози. Интензитетот на патните правци надвор од градските средини е умерен, a на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопштија од Авто-мото сојузот на Македонија(АМСМ).

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата.

Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде има можност за појава на одрони.

Облачно со повремени врнежи од дожд, особено попладне

Илустрација
Илустрација

Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд, особено попладне. Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд, грмежи и засилен ветер, соопштија од Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).

Минималната температура ќе биде од 3 до 9 целзиусови степени, а максималната од 12 до 18 целзиусови степени.

И во Скопје ќе биде променливо облачно, а попладне во делови од котлината и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 17 целзиусови степени.

Според најавите од УХМР, и во следните денови ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд, особено во попладневните часови.

РСЕ продолжува со тужбата додека чека средства

Радио Слободна Европа (РСЕ/РЛ) продолжува со правните дејствија против Американската агенција за глобални медиуми (USAGM) за да обезбеди ослободување на средствата одобрени од Конгресот, се вели во соопштението на 28 март.

Агенцијата (USAGM) ги надгледува РСЕ и другите меѓународни медиуми на Соединетите Држави.

Агенцијата соопшти дека го прекинува финансирањето со грант кон РСЕ на 15 март, неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која бараше намалување на седум агенции, вклучително и на Агенцијата за глобални медиуми до „максимално усогласено со важечкиот закон“.

На 26 март, Агенцијата ѝ пиша на РСЕ, велејќи дека ја поништува објавата за стопирање на грантот, но дека тоа „не е во спротивност со овластувањето на Агенцијата да го прекине грантот“.

Во тужбата на РСЕ стои дека Агенцијата ја нема оваа надлежност, бидејќи грантот беше доделен со акт на Конгресот.

Во соопштението објавено од РСЕ на 27 март се вели дека „РСЕ ја чека официјалната потврда од USAGM дека финансирањето на грантот ќе продолжи“.

Новото соопштение на 28 март јасно стави до знаење дека тоа сè уште не се случило.

„Со нетрпение очекуваме да ги добиеме средствата што Конгресот ни ги додели преку Американската агенција за глобални медиуми (USAGM). Дотогаш, ќе ги следиме сите неопходни правни лекови за да се осигураме дека ќе се почитува намерата на Конгресот“, се вели во соопштението.

Во соопштението, исто така, се вели: „Посветеноста на РСЕ кон нашата публика и нашата мисија под мандат од Конгресот останува цврста“.



На 25 март, американскиот суд го одобри барањето на РСЕ за привремена забрана (TRO) во неговата тужба, пресудувајќи дека USAGM постапил „произволно и каприциозно“ при стопирањето на грантот на РСЕ.

Окружниот судија на Соединетите Американски Држави, Ројс Ламберт, во пресудата од 10 страници напиша дека „привремената забрана“ (TRO) e потребнa за да се запре затворањето, бидејќи РСЕ покажа дека веројатно ќе го добие својот случај на судско рочиште, дека дозволувањето на потезите на USAGM да продолжат до судското рочиште за судбината на финансирањето на РСЕ/РСЕ ќе предизвика „ненадоместлива штета на радиодифузерот на јавниот интерес.

Наводното прекинување на грантот на РСЕ беше соопштено во писмо потпишано од Кари Лејк, која ја наведе нејзината титула како „Виш советник на вршителот на должноста извршен директор (USAGM) со надлежности делегирани од вршителот на должноста -извршен директор“.

По писмото до РСЕ на 26 март, Лејк продолжи да ги критикува ентитетите на Агенцијата.

„Прашањето до американскиот народ е дали сакате вашите тешко заработени даночни долари да одат за овој вид на пропаганда? Јас се борам со тоа во моментов во Американската агенција за глобални медиуми и тоа ќе биде битка“, изјави таа за Newsmax.

Во следното интервју на One America News, Лејк рече дека немала време да го прегледа новинарството на ентитетите на USAGM.

„Не стигнав ни да ја погледам содржината“, рече таа.

Најмалку 140 загинати во силниот земјотрес во Мјанмар

Потреси од земјотрес почувствуван во Бангкок
Потреси од земјотрес почувствуван во Бангкок

Во силниот земјотрес во Мјанмар на 28 март загинаа повеќе од 140 луѓе, а повредени се над 700 луѓе, соопштија властите. При земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала се урнале многу згради, а уништена е инфраструктура на широк простор, вклучително и облакодер во изградба во соседен Тајланд.

Спасувачкиот работник од Амарапура, антички град и сега населено место Мандалеј, рече дека телата на 30 луѓе биле извлечени од срушените повеќекатници.

„Никогаш не сум доживеал вакво нешто - нашиот град изгледа како пропаднат град“, рече тој, проценувајќи дека околу една петтина од зградите се уништени.

„Добивме повици за помош од луѓе од внатре, но не можеме да помогнеме бидејќи немаме доволно работна сила и машини за отстранување на шутот, но нема да престанеме да работиме“, додаде тој.

Генералот Мин Аунг Хлаинг, водач на воената хунта во Мјанмар, рече дека ќе има повеќе смртни случаи и жртви и ја покани „која било земја“ да обезбеди помош и донации.



Во главниот град на Тајланд, Бангкок, официјален претставник изјави дека најмалку девет лица се убиени. Спасувачите пребаруваа низ урнатините на блокот од кулата што се урна.

Мандалеј, со население од околу 1,5 милиони, е древна кралска престолнина на Мјанмар и центар на неговото будистичко срце. Спасувачките екипи се обидуваа да стигнат до десетици монаси заробени под урнатините во манастирот Фаја Тауг, рече работникот за итна помош во Амарапура. Уништени се згради, мостови и патишта, соопштија жителите и локалните медиуми.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш рече дека Обединетите нации се мобилизираат во Југоисточна Азија за да помогнат.

Крива Река загадена со олово, цијанид и фосфор, тврди градоначалникот на Крива Паланка

Илустрација, архивска фотографија на загадена река
Илустрација, архивска фотографија на загадена река

Десеткратно поголемо присуство на олово, цијанид и фосфор во Крива Река што е опасно по животот на граѓаните во Крива Паланка откри на 28 март градоначаникот на Крива Паланка Сашко Митовски на вонредна прес конференција. Ова изјава доаѓа по две недели откако се случила хаварија во Рудник Тораница со кој стопанисува фирмата „Булмак 2016 ДООЕЛ“ од Пробиштип.

Според проверката од акредитирана лабоараторија за десет пати е зголемена концетрацијата на олово во реката, а за неколку стотици пати повеќе е зголемена концетрацијата на цијаниц и фосфор. Цијанидот е брзо дејствувачки отров кој може да биде смртоносен за луѓето, животните и рибите, дури и во мали количини.

Локалните власти соопштија дека дополнително загадена е и почвата околу реката, што претставува дополнителна закана. Општината ќе бара кривична одговорност од компанијата што стопанисува со рудникот.

„Во ризик е и стоката која исто така се напојува од овие реки и со тоа индиректно е загрозено здравјето на граѓаните што ги користат земјоделските и сточни производи, изјави градоначалникот Митовски.

Според соопштението на компанијата Булмак 2016 ДООЕЛ“ од Пробиштип на 14 март настанал дефект во водоводна цевка од каде истекла јамска(подземна) вода во Крива Река. Оттаму пак, велат дека благовремено и во детали преку соопштение ја известиле јавноста за ситуацијата, со потврда дека од дефектната цевка е истечена исклучиво атмосферска вода.

„Водата од цевководот за јамска вода, освен природни, механички нечистотии (ситни честички и зрна од карпести материјали) мобилизирани од поројниот тек, не содржи никакви хемиски или друг вид супстанци и материи кои се резултат на технолошкиот процес од Флотацијата на Рудник “Тораница““, се вели во нивното соопштение.

Во меѓувреме по вонреден извршен надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина било утврдено прекршок од трета категорија за што е предвидена казна од 200 илјади евра.

Од Компанијата велат дека усогласиле спогодба со Министерството за животна средина со која, како што велат, се уредени сите идни чекори во смисла на мерки кои произлегуваат од овој случај и според која секако, очекуваат надлежното Министерство да се произнесе со финална потврда на утврдените параметри од Спогодбата.

Градоначалникот Митовски го обвини Државниот инспекторат за животна средина дека не реагирале навреме и не постапиле законски.

Од граѓанската иницијатива Зелен хуман град бараат истрага да спроведат Министерството за внатрешни работи и Обвинителство.

„За труењето предизвикано од рудникот Тораница знаеме само зашто се спротивставени политичките партии на локално и на централно ниво – градоначалникот на К. Паланка, Сашко Митковски е од СДСМ, Државниот инспекторат за животна средина е на коалицијата на власт – ВЛЕН и ВМРО ДПМНЕ. Вака не изгледа неселективна борба со корупција, вака изгледа меѓупартиска пресметка која продолжува да генерира невини жртви во Македонија и да се коцка со нашите животи!“, се вели во нивното соопштение.

Во него е посочено дека бараат јавно да се објави извештајот на Државниот инспекторат за животна средина и извештајот од ангажираната лабараторија од градоначалникот Митовски, и дополнително посочуваат дека со Спогодба компанијата може да избегне судски епилог за еко-инцидентот.

„Со искористувањето на можноста за спогодба од Законот за животната средина, сторителот ја избегнува судската постапка, секако во согласност со закон и со тоа ја елиминира можноста од членот 96-б од Кривичниот закон, според кој судот има надлежност да изрече трајна забрана за вршење одделна дејност или престанок на правното лице доколку оцени дека постои опасност сторителот во иднина да го повтори делото“, се вели во нивното соопштение.

Граѓанската иницијатива „О2“ предупредува дека и реката Пчиња е загрозена.

„Загрозени се бунарите, подземните води, живиот свет, загрозена е и почвата по текот на овие реки, земјоделските насади кои се наводнуваат од овие речни подрачја, сточниот фонд и ултимативно животот и здравјето на луѓето што ги конзумираат овие производи“, се вели во нивното соопштение.

Градоначалникот на Крива Паланка истакна дека во тек се анализи и за водата за пиење во општината.

Литванскиот претседател „се надева на чудо“ додека потрагата по американски војници продолжува

Литванскиот претседател Гитанас Науседа покрај американската амбасадорка во Литванија Кара Ц. Мекдоналд на местото на спасувачката операција на полигонот Пабрад.
Литванскиот претседател Гитанас Науседа покрај американската амбасадорка во Литванија Кара Ц. Мекдоналд на местото на спасувачката операција на полигонот Пабрад.

Литванскиот претседател Гитанас Наузеда изјави дека се уште „се надева на чудо“ бидејќи спасувачките екипи продолжуваат со работата за да го извлечат потопеното воено возило во кое се превезувале четворица американски војници кои се водат како исчезнати.

Наузеда изјави дека дека во ситуацијата во воениот полигон Пабраде во близина на границата на Литванија со Белорусија дека иако многу скептици „веројатно би рекле дека нема на што да се надеваме во овие околности, јас сакам да верувам“.

„Се уште се надевам на чудо“, додаде тој.

Спасувачките операции се во тек уште од раните утрински часови на 25 март, кога исчезнаа четворица американски војници во оклопното возило за опоравување М88 Херкулес.

Нивното возило беше пронајдено потопено во мочуриште на полигонот, што предизвика огромни напори за опоравување во кои беа вклучени стотици литвански и американски персонал и десетици возила.

Литванскиот министер за одбрана Давиле Сакалиен рече дека спасувачката операција успеала да отстрани „два до три метри тиња“, но возилото сè уште не е видливо поради матна вода.

„Сè уште не е доволно, а водата навлегува во местото на инцидентот од блиското езеро“, изјави таа за радио ЛРТ претходно истиот ден. Таа претходно рече дека возилото се наоѓало во вода и кал на „повеќе од 5 метри надолу“.

Сакалиен рече дека судбината на четворицата војници допрва треба да се утврди и дека истражителите не ја отфрлиле можноста тие да не се во возилото, туку на друго место.

На 27 март, американската амбасадорка во Литванија Кара Ц. Мекдоналд го посети местото на операцијата за пребарување, ветувајќи дека американските власти „нема да мируваат додека не ги најдеме“.

По посетата на Мекдоналдс и пристигнувањето на тим американски нуркачи на полигонот, Сакалене рече дека Литванците се „скршени од срцето“ и „го гледаат секој момент од оваа спасувачка операција“.

„Како што Америка не го остава своето зад себе, така и ние во Литванија не ги оставаме нашите зад себе. И овие американски војници ги сметаме за наши“, изјави таа за Фокс њуз на 28 март.

Литванија, членка на НАТО и ЕУ, е домаќин на повеќе од 1.000 американски војници стационирани во балтичката земја на ротациона основа.

Американската армија за Европа и Африка во соопштение претходно соопшти дека четворицата војници „вршеле закажана тактичка обука“ кога исчезнале на 25 март.

Во раните часови на операцијата за спасување, се појавија неколку спротивставени извештаи, вклучително и коментари на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека четворицата американски војници се мртви. Портпаролката на НАТО подоцна ги отфрли овие коментари.

Запрашан вечерта на 26 март од новинарите дали бил информиран за исчезнатите војници, американскиот претседател Доналд Трамп рече: „Не, не сум“. Оттогаш тој не ја коментираше ситуацијата.

ССМ најави протести на 2 април

Сојузот за синдикатите на Македонија (ССМ) најави дека на 2 април ќе одржат протест на улиците во Скопје, поради како што велат незаконската одлука на Владата да ја зголеми минималната плата за 1.800 денари. Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов изјави дека ССМ излегува на улица на 2 април затоа што Владата одлучила да утврдува износ на минимална плата на штета на работниците во Македонија, не прифаќајќи ги нивните предлози за утврдување на висината на износот на минималната плата.

„Не се преговара и не се разговара за висините на платите на вработените во јавниот сектор, онака како што е предвидено во општиот колективен договор, а тоа е да добиеме функционерски плати, просечна плата по коефициент на сложеност или зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 12,6 проценти во нето, или 12,9 проценти во бруто“, додаде Трендафилов.

ССМ бара минималецот наместо 24.300, колку што треба да биде од овој месец, да изнесува 30.000 денари.



Тој обвини дека во изминатиот период се засилени нападите кон сидникатите од политичка партија, без да посочи која.

„Се засилија нападите како од политичка партија така и од политички поставени директори кои примаат плата од нашите плати, кои ги плаќаме како даноци во државата, не ги плаќаме за да ги минираат процесите за да ги намалуваат платите и за да не ги остваруваат барањата и заложбите на работниците, не ги плаќаме за жестоко да се борат со закани, со уцени за отказ од работни места, за намалување на плата, за суспендирање на наши синдикални активисти, со една цел да направат друг Синдикат репрезентативен на штета на работниците“, додаде Трендафилов.

Прозивките во јавноста во текот на изминатиов месец доаѓаа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ која ја обвинува оваа синдикална организација е во дослух и одработува за опозициските СДСМ, Левица и ДУИ. А, на масата за преговори бараше да седне и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) која тврди дека неоправдано била исклучена изминатите неколку години.

Во моментов, минималната плата изнесува 22.567, додека просечната во декември 2024 беше 43.587 денари.

На барањата од месецов минималецот да изнесува 30.000 денари, наместо 24.300, од власта одговорија дека ќе прифатат тоа што ќе се договорат синдикатите и работодавците, но премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема пари во буџетот за предлогот Владата да субвенционира придонеси за повисок минималец.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG