Достапни линкови

УНЕСКО бара итна заштита на Охрид, активисти предупредуваат на корупција


Урбанизација крај брегот на Охридското Езеро.
Урбанизација крај брегот на Охридското Езеро.

УНЕСКО по трет пат предупредува дека Охридскиот регион е под закана од дивоградби, урбанизација и несоодветно планирање. Се бара итна акција од Северна Македонија и Албанија за зачувување на ова природно и културно богатство за да не биде ставено на Листата на светски наследства во опасност.

Реактивната мисија на УНЕСКО во најновиот извештај за Охридскиот регион повторно ја истакна итната потреба властите во Северна Македонија да преземат конкретни и решителни чекори за да ги заштитат уникатните природни и културни богатства на Охрид.

Ова е трет извештај на УНЕСКО во кој вели дека несоодветните интервенции, урбанизацијата, неадекватното просторно планирање и инфраструктурните проекти нанесуваат неповратна штета врз Охридскиот регион, којшто може неповратно на краток или среден рок да ја загуби Исклучителната универзална вредност.

Соочен со сериозни закани, Охрид останува под постојана опсервација на телото на Обединетите нации, кое и овој пат предупреди дека е можно Охридскиот регион да биде ставен на листата Светски наследства во опасност.

Охридското езеро мора да се исчисти од фекалии или го губи статусот на УНЕСКО
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:38 0:00

Радио Слободна Европа во октомври годинава објави сторија во која Екологистите и жителите сведочат дека во Охридското езеро продираат води од септички јами, полски клозети, фарми и депонии, но и од десетици ресторани, хотели и приватни резиденции неповрзани на колекторскиот систем.

Во одговор за РСЕ, УНЕСКО наведе дека внимателно ја следи состојбата во Охрид, и дека во јули 2025 година повторно ќе одлучува дали ќе биде ставен на листата на светско културно наследство во опасност.

УНЕСКО во новиот извештај, објавен деновиве меѓу другото, бара ревизија на урбанистичките планови за Охрид и Струга, итно запирање на изградбите во Студенчишкото Блато, како и решавање на проблемот со дивоградбите кои го нарушуваат автентичниот карактер на регионот.

„Државата во изминатата година не само што не спроведе ниту една од 15 препораки на УНЕСКО, туку за четири состојбата е уште полоша“, велат од граѓанската организација „Фронт 21/42“ која десет години ја следи состојбата во Охридскиот регион.

Побаравме одговор од охридската локална власт, но до објавување на текстот не добивме коментар во врска со новиот извештај на УНЕСКО, но и за реакциите на граѓанските организации во земјава кои бараат итно спроведување на препораките, вклучително за бројните дивоградби.

Според податоци од Општина Охрид кои го добивме претходно, од 1 јануари 2020 до септември 2024 година инспекторите евидентирале 120 нелегални градби. Во периодот, пак, од јули 2006 наваму, општината евидентирала 869 нелегални градби.

Инаку, само на територијата на Општина Охрид поднесени се 15.939 барања за утврдување на правен статус на вкупно 19.935 бесправно изградени објекти, од кои 416 се во крајбрежниот појас на Охридското Езеро, а 2.347 на територијата на Националниот парк Галичица, според документ од Општина Охрид.

Барањата се поднесени по донесувањето на законот за легализација на дивоградби од 2011 година, со кој се дозволи дивоградбите низ земјва изградени пред 2011 година да можат да бидат легализирани.

Но, од „Фронт 21/42“ алармират за нов случај во Охрид на незаконски градежни активности на територијата на Студенчишкото Блато за кое важи Решение за привремена заштита.

„Нашиот последен случај многу точно го илустрира уништувањето на вредностите благодарение на неспроведувањето и кршењето на законите токму од страна на институциите чија основна должност е да ги спроведат.

Фотографии на граѓанската организација „Фронт 21/42, која вели дека утврдила незаконски градежни активности на територијата на Студенчишко Блато, во Охрид.
Фотографии на граѓанската организација „Фронт 21/42, која вели дека утврдила незаконски градежни активности на територијата на Студенчишко Блато, во Охрид.

Единственото природно и културно наследство во земјава го уништува корупција и организиран криминал и тоа е жртва на невладеење на правото“, велат од Фронт 21/42.

Активистите за случајот поднеле иницијативи за инспекциски надзор до повеќе надлежни институции, но велат дека и покрај шестмесечната комуникација со државни и локалните инспектори, не биле преземени ефективни мерки.

„Како резултат на нивната неактивност, во рамки на блатото се разви урбан комплекс, што предизвика дополнителна деградација на оваа клучна точка за биодиверзитетот на Охридското Езеро“, велат од организацијата.

Фотографии на граѓанската организација „Фронт 21/42, која вели дека утврдила незаконски градежни активности на територијата на Студенчишко Блато, во Охрид.
Фотографии на граѓанската организација „Фронт 21/42, која вели дека утврдила незаконски градежни активности на територијата на Студенчишко Блато, во Охрид.

Мерки и од Албанија

Одговорноста за Охридскиот Регион не паѓа само на Северна Македонија. Обврски има и Албанија, чиј дел од Охридското Езеро е под заштита од 2019 година.

Земјата, меѓу другото, мора да го ревидира Генералниот план за Поградец, да спречи урбан развој на брегот, како и во чувствителната област Дрилон.

„Потребно е двете земји да изработат Стратегиска оцена на животната средина која ќе ги анализира кумулативните ефекти од развојните активности,“ нагласува УНЕСКО, додавајќи дека дијалогот меѓу Северна Македонија и Албанија мора да се интензивира – од највисоко институционално до оперативно ниво – за да се осигура успешна имплементација на препораките.

Охрид тоне и урбано и еколошки
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:42 0:00

До 1 февруари 2025 година, двете земји се обврзани да поднесат заеднички извештај за напредокот и спроведените мерки за заштита на регионот.

„Итно е потребна широка мобилизација за зачувување на Исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион. Ставањето на листата на Светски наследства во опасност останува опција ако не се преземат неопходните мерки,“ предупредуваат од УНЕСКО.

Охрид е симбол на богатата историја и природна убавина, е пред предизвик кој бара здружени сили од двете земји и решителност за зачувување на неговото наследство за идните генерации.

Спроведувањето на препораките за заканите врз Охридското Езеро и Националниот парк Галичица го разгледува и Постојниот комитет на Бернската Конвенција.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG