Достапни линкови

Власта со „робустна акција“ во правосудството


Илустрација, брифинг на Државниот обвинител Љупчо Коцевски, шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал Ислам Абази, и шефот на скопскпто обвинителство Гаврил Бубевски.
Илустрација, брифинг на Државниот обвинител Љупчо Коцевски, шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал Ислам Абази, и шефот на скопскпто обвинителство Гаврил Бубевски.

Владата стартуваше постапка за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски, а пристигнаа и интерпелациите за членовите на Судскиот советкои беа избрани од Собранието. На потег се Судскиот и обвинителскиот совет, кои ќе треба за рок од две недели да се изјаснат по овие барања.

Законскиот рок од 15 дена за изјаснување на Советот на јавни обвинители за предлогот на Владата за разрешувањето на шефот на обвинителите, Љупчо Коцевски започнува да тече од денот кога ќе им биде доставен овој предлог од Министерството за правда. Ова следува откако Владата на седницата на 11 февруари го задолжи Министерството да отпочне постапка за разрешување на Коцевски.

Претседателката на Советот, Душица Димитриеска, најави дека ќе го почитуваат рокот и ќе се изјаснат по предлогот на Владата, откако ќе го добијат.

Според последните измени на законот кој стапи во сила во 2020 година, Советот има право да го продолжи тој рок на уште 15 дена, и да се изјасни дали се согласува со предлогот на Владата. Дотогаш Коцевски останува на позицијата државен јавен обвинител на која беше назначен пред една година, по заминувањето во пензија на неговиот претходник Љубомир Јовевски.

Со овој потег, Владата сака предвреме да биде прекинат мандатот на Коцевски, кој има уште пет години на оваа функција. Причината за тоа е, како што велат оттаму, разочараноста од постапувањето надвор од законските надлежности, посочувајќи дека Коцевски незаконски именувал, вршител на должност на Вишото јавно обвинителство на местото на суспендираниот Мустафа Хајрлухаи.

Коцевски го демантира тврдењето дека незаконски постапил посочувајќи дека го следел законот и роковите во него.

„Сакам да укажам дека не е првпат да се постапува на овој начин и приоритет беше во случајот да се определи раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје кој ќе биде гарант за непристрасното, професионално и објективно работење на обвинителството до завршување на дисциплинска постапка за обвинителот Хајрулахи. Појаснувам дека не се работи за назначување на вршител на должноста виш јавен обвинител туку за определување на времен раководител на вишото јавно обвинителство Скопје“, изјави вчера Коцевски.

И претседателката на Обвинителскиот совет Душица Димитриевска смета дека одлуката за поставување на времен раководител на Вишото Обвинителство е законска. Но, не сакаше да ја коментира одлуката на Владата.

„Јас не можам да дадам одговор на тоа прашање, јас тврдам дека нашата одлука е законита. Тоа Обвинителство мора да има јавен обвинител кој ќе раководи. Уште еднаш да напоменам, се работи за јавен обвинител кој ќе раководи додека трае оддалечувањето на јавниот обвинител“, изјави денеска Димитриевска за медиумите на отворениот ден во Советот.

Обвинителот Хајрулахи е суспендиран поради кривична пријава против него и дициплинска постапка. Комисијата за утврдување одговорност утврдила неправилности во заведување на предметите во обвинителството. Тој беше и обвинет за нестручно работење, односно дека истрага покажала оти четири предмети во кои штетата на буџетот изнесува околу 10 милиони евра, биле заглавени во „фиока“ по жалбена постапка.

Поради тоа против обвинителот во Вишото обвинителство Јован Цветаноски и неговиот шеф Мустафа Хајрулахи беше покрената дисциплинска постапка, но и истрага затоа што се откажал од вложување на жалба на пресуда или се откажал од обвинение.

Хајрулахи, пак, обвини за наводни притисоци во работењето од републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, за што го информирал и Советот на Јавни обвинители.

ВМРО-ДПМНЕ со месеци го обвинува Коцевски дека ги штити фунционерите на СДСМ

Премиерот, Христијан Мицкоски лани во ноември од собраниската говорница реагираше дека неколку стотици случаи од МВР и од Финансиската полиција се наоѓаат во Обвинителството, но по нив не се постапува. Тој најави „робусна акција“ против сите судии и обвинители кои како што рече, го заробиле судскиот систем додавајќи дека трпение повеќе нема да има.

Извршната власт веќе со месеци јавно повикува на смена на обвинители и судии.

Коцевски со месеци штити поранешни функционери на СДСМ, а обвинителството го претвори во нивна испостава“, се вели во соопштението на 12 февруари од ВМРО-ДПМНЕ.

Калајџиев: Конфликтот во Обвинителството ја прели чашата

Според професорот по кривично право Гордан Калајџиев владината иницијатива за смена на Коцевски е последна капка во чашата по конфликтот во Јавното обвинителство меѓу Коцевски и Хајрулахи.

Тој додава дека дополнителен проблем ќе биде кој следен ќе се нафати во таква ситуација да раководи со Обвинителството.

„Институција во распаѓање, притисоци од сите страни. Доволно е што има лоши меѓучовечки односи, плус слаби резултати“, вели професорот Калајџиев за Слободен Печат.

Од друга страна, поранешниот член на Советот на јавни обвинители, Констатин Кизов смета дека има аргументи на двете страни, штом дошло до таква ситуација, но за тоа треба да решава фелата.

„Дали јавниот обвинител по закон му се мешал во работата на вишиот обвинител треба да се конкретизира во посебна независна постапка,“ вели Кизов.

Граѓанскиот сектор бара образложение од Владата

Ивана Петровска од Коалицијата „Сите за правично судење“ вели дека не може да коментира кои се причините за владината иницијатива, но смета дека е неопходно Владата да објасни во јавноста по кој основ од Законот бара разрешување на Коцевски.

„Во ваквите иницијативи, важно е Владата да даде соодветно образложение на предлогот за разрешување и да даде цврста аргументација зошто е потребна ваквата промена. Притоа, мора да се напомене дека јасното образложение и транспарентно водење на целокупниот процес се од исклучително значење за да граѓаните се осигураат дека намерите се искрени“, вели Петровска.

Според законот, разрешување на државен јавен обвинител е предвидено по два основа. Првиот е ако станал член на политичка партија, додека вториот основ за разрешување е ако тој извршил тешка дисциплинска повреда „сторена со намера или очигледна небрежност по вина на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, без оправдани причини и ако повредата предизвикала тешки последици“.

Во последните измени на законот за јавно обвинителство, предвидена е тристепена процедура за разрешување на државен обвинител. Прв степен е обвинителскиот систем односно Советот на јавни обвинители, потоа втор степен е извршната власта, односно Владата која по мислењето од Советот, предлогот треба да го достави до третата законодавната власт Собранието. Пратениците се задолжени да бираат и да разрешуваат, но само по предлог на Влада и со позитивно мислење на Советот на јавни обвинители.

Новиот начин за избор и разрешување на државен обвинител има за цел треба да спречи политизација на функцијата во системот за борба против криминалот и корупцијата.

Интерпелациите пристигнаа во Судскиот совет

Пораки за смена на членовите на судскиот и обвинителскиот совет веќе неколку месеци доаѓаат од високи претставници на извршната власт. Последна таква порака испрати и претседателката Гордана Сиљановска Давкова на 11 февруари која посочи дека членовите на Судскиот совет не се избрани за да бидат скандал-мајстори, туку да оневозможуваат било какво скандализирање на независната судска власт.

Интепелациите на членовите на Судскиот совет поднесени од група пратеници на владејачкото мнозинство попладнево пристигнале до нив. Петте членови избрани од Собранието имаат рок од 10 дена од приемот да достават одговор кој потоа можат и на седницата во Собрание да го образложат.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, официјално ги извести членовите на Судскиот совет, Весна Дамева, Тања Чачарова-Илиевска, Милазим Мустафа, Павлина Црвенковска и Селим Адеми, дека е побарана интерпелација за нив. Тие денеска не коментираа каква може да биде нивната одлука, ниту повиците од власта да си поднесат оставки.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG